Пендаровски по средбата со Мицкоски: Не може да стане збор за помилување за осудените

По средбата со претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицскоски , претседателот Стево Пендаровски рече дека не може да стане збор за помилување на лица кои се осудени за кривично дело.

Не правам ревизија на пресудите за 27. април , туку за политичко толкување на пресудите. Став ми е дека ако има нови докази , може да се обнови процесот, но без никаква намера да се врши притисок на судството од мојот кабинет, рече Пендаровски.

Денешнава средба со Мицкоски беше во насока на повторно воспоставување на политичкиот дијалог, за што знаете дека сме со години постојано критикувани од Европската Унија. За една демократија не е својствено да постои прекин на комуникациите помеѓу институциите, ние сме платени од граѓаните да комуницираме за нивно добро, а не да тераме инает или лични каприци. Според мене, од тој аспект, мислам дека изминативе месеци беа изгубено време, но, кога веќе губите подобро е да изгубите 10 месеци отколку 3 години.

Средбата беше на барање на Мицкоски и во телефонскиот разговор тој бараше да разговараме за актуелните проблеми и предизвици со кои се соочуваме како држава последнава година – пандемија, економски ефекти од пандемијата, блокадата во евроинтеграциите итн. Мислам дека, или претпоставувам дека ви кажуваше за неколку клучни проекти кои се предвидени, од актуелната Влада, да се реализираат наредниов период, за кои тие имаат сосема поинаков став, меѓутоа не би повторувал, претпоставувам дека нивните ставови ги знаете, значи автопатиштата, гасната централа и терминалот во соседна Грција, клиничкиот центар итн.

Јас го информирав за тоа што се случува во однос на блокираните евроинтеграции. Неодамна бев во Брисел, и во овој дел накусо му реков дека од Софија не доаѓаат практично никакви новости, поради ситуацијата кај нив по изборите. Тие закажаа нови избори за јули и во кратки црти му кажав што за целата оваа ситуација, во однос на интеграциите, мислат, зборуваат, размислуваат, планираат нашите европски пријатели во Брисел.

Во однос на случувањата од 27 април јас го повторив мојот став дека помилување за лица кои направиле кривично дело без преседан во современа Европа, не доаѓа во предвид затоа што нивната вина во тој процес беше неспорно утврдена.

Во однос на правната квалификација на делото, факт е дека тие лица не беа судени за кривично дело тероризам, туку по друг член, за терористичко загрозување на уставниот поредок. Дејствијата со кои може да се изврши тоа кривично дело се слични, запретената казна е идентична, најмалку 10 години. Инаку, за 27 април, паметите, постои и пресуда за група луѓе кои беа дел од истата толпа која влезе во Собранието и го претепа Зијадин Села. Ако се следи правна квалификација, значи цело време, внимавајте, зборувам за правна квалификација не за политички интерпретации на пресудите, ако се следи правната квалификација на таа пресуда, тие луѓе беа судени и со право добија високи казни, но не беа судени за кривично дело тероризам, туку за убиство во обид.

Или на пример, случајот со напаѓачот на пратеничката, тогаш Радмила Шекеринска, тие се сцени кои не шокираа и нас и светот, кој беше исто така дел од луѓето кои влегоа во Парламентот и кој не беше суден за тероризам, туку за кривично дело насилство.

Значи накусо, да се разбереме, сите овие споменати направија страшни кривични дела, оставија тешки последици и трауми и кај нападнатите и кај нивните семејства, добија заслужени казни, според она што го знаеме од претходните процедури кои завршија и тука нема компромис. Меѓутоа, политичката реторика, сега зборувам за тој дел, во која и тогаш и денес тие пресуди беа врамувани, објаснувани, интерпретирани, според мене, дополнително го продлабочува јазот меѓу граѓаните.

Според едната група, според едното образложение, тие се терористи од рангот на Ал Каеда и ИСИС, а според другата тие се уставобранители, иако се судени за загрозување на уставниот поредок, значи, не го штителе, туку, напротив, го рушеле Уставот.

Мојата теза е дека ако продолжиме со вака спротивставена политичка реторика, крајно спротивставена политичка реторика, ние не само што нема да дојдеме до национално или граѓанско помирување, туку, нема да можеме да воспоставиме базична политичка комуникација меѓу нас, каква што, за жал, е сега ситуацијата. Гледате огромен број на медиуми, на камери, денеска национална вест број еден е тоа што се сретнале претседателот на најголемата опозициска партија и претседателот на државата. Тоа во демократии, во зрели демократии е рутинска работа која никогаш, ама никогаш не ја следат медиумите.

Уште еднаш, бидејќи имаше и такви конструкции - со оваа моја теза не правам ревизија на судската пресуда, бидејќи не гледам причина за такво нешто, тоа е завршена работа, луѓето лежат во затвор, ниту велам дека пресудата е донесена без докази. Само зборувам за обидите за политичко толкување на пресудите што не придонесува за воспоставување нормална политичка дебата во која нема да се гледаме како смртни непријатели.

Мојат став дека ако има нови докази кои порано не биле познати може да се преотвори процесот не значи дека јас заговарам преотварање на процесот. Јас само ја цитирам одредбата од законот и законската можност, според која тие луѓе, преку своите адвокати, по вонреден правен лек, можат да побараат од Врховниот суд да ги оцени новите докази, се разбира ако такви воопшто постојат. И одлуката дали процесот ќе биде повторен, сигурно нема да ја носи некој политички фактор, туку судот.

Уште, сосема на кратко - ја разбирам потребата, која ја следевме изминативе неколку денови, од драматизирање и патетика својствено за еден мал дел од медиумите и најавите дека наводно денешнава средба ќе помине во обид да се ревидира судскиот процес за 27 април, или дека со самата средба се врши неверојатен притисок врз судството.

Претпоставувам дека ќе се сложиме дека е крајно необично притисок врз судот да се врши на јавна средба во Кабинетот на Претседателот на државата. Обично, тие притисоци се прават на поинаков начин и со поинакви средства, во што сите имавме прилика да се увериме од прислушуваните материјали.

Конечно, наводното релативизирање на настаните од 27 април кое некои ми го импутираат, сигурно не може да го очекувате од мене затоа што јас и самиот како пратеник во 2017-та, тој ден, бев меѓу нападнатите и повредените., изјави претседателот Пендаровски.

Поскапе осигурувањето за регистрација на возилата за 15 отсто

Дали граѓаните сепак ќе се спасат од поскапување од 15 отсто на осигурувањето за регистрација на возилата?

Ова прашање се отвори откако Националното биро за осигурување првично донесе ваква одлука, но ја оспори Агенцијата за супервизија на осигурување, која ја смета за неоправдана. По нивно барање, денеска итно се состанала Комисијата за осигурување во Министерството за финансии која го има последниот збор.

Од финансии соопштија дека веќе побарале објаснување од Националното биро, а нивните аргументи ќе ги разгледуваат на седница во понеделник, а во меѓувреме се обратиле и до Комисијата за зашита на конкуренцијата со цел да испита дали се прекршеници правилата за фер и конкуренто однесување.

Новите цените на осигурувањето што ги опфаќат возилатаа со моќност на моторото над 44 киловати, стапија на сила од вчера, а денеска Агенцијата за супервизија на осигурувањето соопти дека по извршените актуарски пресметки, утврдиле дека зголемувањето на цената, со дадените образложенија, не е оправдано.

-Го информиравме и доставивме предлог до Министерството за финансии, во рамки на неговите законски надлежности, да иницира изготвување и донесување нова тарифа на премии за задолжително осигурување од автомобилска одговорност – соопштија од таму.

Граѓаните, што ги анкетиравме велат дека одлуката да поскапи осигурителната полиса е неправедна.

Доколку останат цените што ги одредило Националното биро, сопствениците на возила со моќност на моторот од 44 до 55 киловати наместо 5.453 денари, сега за осигурување ќе треба да платат 839 денари повеќе, односно 6.292 денари.

Од 6.166 на 7.116 денари се зголемува цената за возила со моќност од 55 до 65 киловати, додека пак 1.100 денари повеќе ќе платат оние кои имаат возила со моќ од 66 до 84 киловати.

Најголемо зголемување на цената на осигурителната полиса ќе почувствуваат сопствениците на возила со помоќен мотор. Над 1300 денари повеќе ќе платат возачите чии коли се со моќност од 84 до 110 кв, додека пак над 1500 денари повеќе ќе ги чини осигурувањето тие кои поседуваат автомобил со моќност на моторот од над 110 киловати.

– НОВА ЦЕНА ЗА ОСИГУРУВАЊЕ ЗА РЕГИСТРАЦИЈА НА ВОЗИЛО

СТАРА ЦЕНА НОВА ЦЕНА

ВОЗИЛА СО МОЌНОСТ ОД 44 ДО 55 КВ 5.453 ДЕН. 6.292 ДЕН.

ВОЗИЛА СО МОЌНОСТ ОД 55 ДО 65 КВ 6.166 ДЕН. 7.116 ДЕН.

ВОЗИЛА СО МОЌНОСТ ОД 66 ДО 84 КВ 7.133 ДЕН. 8.233 ДЕН.

ВОЗИЛА СО МОЌНОСТ ОД 84 ДО 110 КВ 8.510 ДЕН. 9.821 ДЕН.

ВОЗИЛА СО МОЌНОСТ НАД 110 КВ 10.294 ДЕН. 11.879 ДЕН.

Судскиот совет наскоро ќе отпочне со усвојување на препораките на оценската мисија на ЕУ

Судскиот совет наскоро ќе отпочне со промена на деловникот за работа како дел од акцискиот план за усвојување на препораките на оценската мисија на ЕУ.

Дел од промените предвидуваат при именувањето и унапредувањето на судиите во повисоките судови, членовите на советот да го образложат својот став, особено во случај кога прворангираните судии не се избрани.

Ќе претрпи измени и правилникот што е дел од методологијата за оценување на судиите, а ќе се скратат и роковите за дисциплинските постапки.

Ова беше посочено на брифингот со новинарите кој денеска го одржа претседателката на Судскиот совет весна дамева и дел од членовите. Оценската мисија на ЕУ даде 40 препораки од кои 17 се во доменот на судскиот совет од каде велат дека временската рамка за нивно имплементирање е посебно важна за нив а се предвидува до крајот на годинава да се имплементираат сите препораки.

УКИМ донесе Одлука за основање Фондација „Горан Стефановски“

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје донел Одлука за основање Фондација „Горан Стефановски“. 

Одлуката, на предлог на Ректорската управа, денеска, во очи на роденденот на овој великан на македонската драма – 27 април, ја донел Сенатот на УКИМ, по што ќе започне постапката за носење на основачките акти и избор на органите на Фондацијата.

-Фондацијата се основа на иницијатива на Факултетот за драмски уметности – Скопје (ФДУ), каде што Стефановски долги години ги предаваше драмските занаети, пред да го продолжи својот животен пат во Велика Британија. Во органите на Фондацијата, освен претставниците на академската заедница и на семејството на Стефановски, ќе партиципира и Драмскиот театар од Скопје, на чија сцена драмите на овој автор ги доживеаја најголемите успеси, соопшти ФДУ.

Цели на Фондацијата, како што е наведено во соопштението, ќе бидат заштита и негување на оставината на делото на нашиот најголем современ драмски автор Горан Стефановски, како трајна културна вредност, публикување на објавени и необјавени негови трудови, во печатен и електронски формат, подобрување на достапноста на неговото творештво на сите светски јазици, градење на културата – посета на театар и однос кон драмските уметности кај новите генерации, но и проекти за промоција и поттикнување на македонското драмско творештво воопшто.

-Фондацијата ќе обезбеди стипендирање на образованието во сите степени на талентирани ученици и студенти во областа на драмските уметности, поддршка и унапредување на талентираните ученици, студенти и млади кои аматерски се занимаваат со филм и театар. Исто така, таа ќе го поттикнува и поддржува неформалното образование за создавање драми, ќе организира едукативни дебати, работилници и семинари, уметнички и научни конференции, како и хуманитарни проекти од сценскоизведувачка и аудиовизуелна природа за поддршка на ранливи категории, информираат од ФДУ.

Великанот на македонската драмска уметност, Горан Стефановски, почина пред пет години во Кентбери, Англија, на 66-годишна возраст. Автор е на култните драми: „Диво месо“, „Лет во место“, „Јане Задрогаз“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар маало“ и многу други. Беше еден од креаторите на популарната ТВ-серија „Бушава азбука“ и на повеќе филмски сценарија. Завршил Филолошки факултет во Скопје – англиски јазик и книжевност. Студирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград, каде што и магистрирал на тема: „Сценските напатствија како основа на драматургијата на Семјуел Бекет“. Работеше во драмската редакција на Телевизија Скопје, а потоа како асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во 1986 година ја основал Катедрата за театарска и филмска драматургија и бил професор по драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Добитник е на наградите: „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Војдан Чернодрински“, „Стериина награда“. Стефановски беше и дописен член на МАНУ.

притисни ентер