Пендаровски-Галовеј:Македонија модел за успешна трансформација во регионот

Било констатирано дека Обединетото Кралство е наш долгогодишен партнер и поддржувач на реформите во одбранбениот и безбедносниот сектор, како и во областа на правосудството, јавната администрација и транспарентноста на јавните институции.

Македонија во изминатиов период вложи огромен труд и напори во исполнувањето на интеграциските процеси и денес претставува модел за успешна трансформација за сите држави од регионот, е истакнато на денешната средба меѓу претседателот Стево Пендаровски и британската амбасадорка Рејчел Галовеј.

На средбата, како што соопшти Кабинетот на претседателот, беа разменети мислења за билатералните односи меѓу двете држави, како и за актуелните случувања и предизвици во регионот. Двајцата соговорници изразија задоволство од развојот на севкупните односи меѓу двете држави, кои ги карактеризира заемно пријателство, меѓусебна доверба и цврсто партнерство.

Пендаровски изрази увереност дека Обединетото Кралство, како цврст партнер и пријател на Македонија, ќе продолжи со конкретната поддршка и помош во остварувањето на нашите стратешки приоритети. Во тој контекст, Претседателот изрази очекување долгогодишното партнерство во рамките на НАТО да биде заокружено со нашето членство во Алијансата, на состанокот на лидерите, којшто ќе се одржи во Лондон, во декември 2019 година.

Амбасадорката Галовеј упати честитки до претседателот Пендаровски за стапувањето на функцијата и му посака успех во вршењето на должноста, притоа изразувајќи подготвеност за натамошно унапредување на соработката и зајакнување на традиционално пријателските односи меѓу двете држави./МИА

Јавниот превоз во Скопје денеска по неделен возен ред

Поради празникот 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, денеска  јавниот превоз во Скопје ќе сообраќа по неделен возен ред.

Од ЈСП Скопје информираат дека жичницата ќе работи со вообичаено работо време, а дежурни ќе бидат две билетарници. Од 7 до 14 часот ќе работат билетарниците на Транспортен центар и таа во Ѓорче Петров.

Од јавното претпријатие додаваат дека жичницата ќе работи два часа повеќе од досега, односно од 10 до 20 часот.

-Во период од 19-19.30 часот е последно возење од долу кон врвот, односно во 19.45 часот е последно возење од врвот надолу, велат од ЈСП Скопје.

Работното време е согласно со Одлуката за работно време на Жичарницата во период мај – септември.

ЦУК апелира до граѓаните на внимателност при палење оган на отворено

Центарот за управување со кризи апелира до граѓаните на внимателност при палење оган на отворено за Меѓународниот ден на трудот - 1 Мај.

-За првомајскиот празник традиционално граѓаните излегуваат во природа и на излетнички места. Апелираме за внимателност при палење оган на отворено за првомајскиот празник, како и секогаш кога се престојува во природа. Ако се пали оган на отворено при одењето на излет, таму каде што нема посебно направени огништа за правење скара, тоа да се прави внимателно и пред заминување од местото, обврзно да се изгасне жарта од огнот, велат од ЦУК.

На првиот ден од мај променливо облачно и топло, попладне локален дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно и топло со слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне ќе има локална појава на краткотраен пороен дожд и ретки грмежи, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.

Во Скопје променливо облачно и топло со слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне и кон крајот на денот во делови од котлината ќе има краткотраен пороен дожд и појава на ретки грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 25 степени.

Во наредните денови следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во четврток и петок на повеќе места ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град.

Дневната температура од четврток до сабота ќе биде во постепено опаѓање.

притисни ентер