Пендаровски : Да ја подигнеме свеста, да научиме како да ги заштитиме децата од насилство

Претседателот Стево Пендаровски, денеска се обрати на отворањето на конференцијата „Проширување на акцијата за ставање крај на насилството врз децата на Западен Балкан".

Во продолжение го проследуваме интегралниот текст од обраќањето.

,,Насилството врз децата е една од најдевијантните појави денес која се случува за жал секој ден, во секој крај на светот. За многу од нив дознаваме од медиумите, од заедницата, од училиштата, но има илјадници за кои никогаш нема да дознаеме.

Сметам дека претставува одлична можност што Северна Македонија е домаќин на оваа Конференција каде што земјите од Западен Балкан ќе ги потврдат заложбите за заедничко дејствување преку Глобалното партнерство за ставање крај на насилството врз децата, како и ќе ги споделат моменталните состојби во државите, ќе ги споделат најдобрите практики и новите, ефикасни пристапи за решавање на овој проблем.

Глобалната анкета на УНИЦЕФ од пред две години покажува дека големо мнозинство – речиси 80 проценти од родителите и старателите користат најмалку една форма на насилство врз децата, а една петтина од анкетираните пријавиле дека користат само позитивни методи и ненасилни методи на родителство. Истражувањата покажале дека децата - жртви на злоупотреба и насилство се изложени на поголем ризик и самите да повторат или сторат насилство кога ќе станат возрасни, и тоа најчесто врз сопствените деца. Насилството не им штети само на децата и на семејствата, туку на целокупното општество. Фрапантни показатели содржат и многубројните анкети на ученици и студенти кои укажуваат дека во детските години тие имаат искусено физичко и емоционално злоставување, телесно казнување, физичко и емоционално занемарување и можеби најтешкиот облик - сексуално злоставување. Некои проценки од 2013 година покажуваат дека глобалните економски влијанија и трошоци што се резултат на последиците од физичкото, психолошкото и сексуалното насилство врз децата може да достигнат и до 7 трилиони долари на глобално ниво. Тоа се повеќе од загрижувачки резултати и проценки.

Кај нас, во Република Северна Македонија, бројките, исто така, се немилосрдни.

Истражувањата велат дека 8 од 10 родители користат физичко и психичко насилство, примарно со цел да ги подучат децата на тој начин. Кај нас преовладува ставот дека детето треба да биде послушно наспроти љубопитно или независно. Истражувањата укажуваат на генералниот став дека општеството не треба да интервенира во семејството и неговите утврдени практики и дека право на родителот е да го одгледува своето дете онака како што смета дека е најсоодветно.

Нашиот одговор во борбата против насилството врз децата мора да биде сеопфатен. Ниту една конференција, кампања или политичка заложба нема да е доволна за да се справиме со насилството врз децата. Потребно е заедничко дејствување од сите нас, како индивидуи, потоа од страна на ресорните министерства, социјалните служби, образовните институции и граѓанскиот сектор. Да ја подигнеме свеста, да научиме како да го превенираме насилството и како да ги заштитиме децата од насилството. Доколку не успееме во превенција и заштита, последиците ќе бидат трауматични и долгорочни. Затоа е потребно интегрирано решение, заеднички пристап за проблем кој сите нас не засега.

Здравствените работници треба да се оспособат да можат да препознаваат рани знаци на насилство. Образовниот систем треба да ги зајакне општествено-емоционалните вештини кај децата за да превенира врсничко насилство. Системот за социјална заштита треба да даде соодветен одговор преку оперативен и мултидисциплинарен стручен тим. Припадниците на полицијата треба да бидат професионално обучени за работа со деца.

Ви посакувам пријатна работа и плодна дискусија на Конференцијата, за да најдеме системско решение, да ја искорениме оваа појава и да создадеме општество кое ќе биде безбедно за децата. И конечно, како држава да го дадеме својот придонес и со многу работа и ангажман да ги исполниме целите за одржлив развој 2030 - да се стави крај на злоупотребата, на експлоатацијата, на трговијата и на сите облици на насилство и тортура врз децата.

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер