Пендаровски: Благодетите од Договорот со Грција веќе се чувствуваат во Гевгелија

Никогаш не сум имал сомнеж дека овој град знае да го избере вистинскиот пат. Вие сте гранична општина и многу добро знаете која ни е вистинската европска порта кон развиениот свет.

Тое беше пораката на претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски вечерва на отворената трибина во Гевгелија.

– Првите благодети што ги направивме со Договорот со Грција ќе се почувствуваат и веќе се чувствуваат одовде, од Гевгелија, затоа што вие знаете кое пристаниште ни е најблиску, и кој пат е најкус до Европа за разлика од жителите на другите градови кои, за жал, тоа не го знаеја оти над една деценија живеевме во темнината што ја продуцираше режимот на Груевски и фамилијата, рече Пендаровски.

Според податоците на Светска банка, потенцираше Пендаровски, во таа деценија во најголемата пљачка на народното богатство од земјата се изнесени пет милијарди евра, додека за кусиот период откако ја добивме поканата за членство во НАТО во Северна Македонија стигнаа инвестиции од 625 милиони евра.

– Затоа сметам дека на 21 април и на 5 мај во суштина имате една многу лесна обврска оти не гласате за имиња, туку на гласачкото ливче имате контраст и концепт кој ја носи земјава кон Европа, концепт кој не носи во развиениот свет и втора варијанта што ја предлага опозицијата со коалициските партнери кои во суштина сакаат да се вратиме назад во таа деценија на еден долг мрачен транзициски тунел, време во кое имаше живот само за нив, а ние не бевме броени ни дали сме живи, рече Пендаровски.

Од пред година и половина новата власт од која сум и јас дел ги отвори вратите на Европа со тоа што реши да се помири со своите комшии и резултатите ги видовме кога минатата година по долго чекање од четврт век конечно добивме покана за членство во НАТО.

– Тоа е значајно зашто ниедна држава претходно се нема развиено економски ако немала мир и безбедност. Со оваа покана ние за првпат во нашата историја имаме меѓународна гаранција за нашите граници и имаме потврда дека нашиот територијален интегритет не смее да биде чепнат од никого, додаде Пендаровски.

Ако нема мир, рече Пендаровски, нема и развој, а за два месеца отсега очекуваме во јуни да добиеме и датум за преговори со Европската Унија и на тој начин ќе ги отвориме европските фондови во делот на инфраструктурата, образованието, здравството, субвенциите во земјоделството и Фондот за младите кои својата шанса ќе ја добиваат овде наместо да се иселуваат и да ја бараат по белиот свет.

– Во Договорот што го потпишавме со Грција се вели дека Северна Македонија ќе има право на приоритет на Солунското пристаниште, подвлече Пендаровски.

Тоа е многу битно за Гевгелија, рече, затоа што сте најблиску и многу брзо со паметна политика која би се водела кај нас вие ќе станете главната трансверзала на патот кон Европа, а со тоа ќе ви се отвори и огромно поле во сферата на економската соработка.

– Бројот не сум го менувал пет години. Бројот 3 беше 2014 година кога бевме морални победници, бројот 3 е и сега кога мораме да бидеме и реални победници. Чекам убави вести од вашиот град и на 21 април и на 5 мај, рече претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски и ги повика гевгеличани масовно да излезат на избори и да му дадат целосна поддршка на патот на заедничкиот прогрес.

Шолц ги посети поплавените региони во југозападниот дел на Германија

 Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ги посети поплавените региони во западната германска сојузна покраина Сарланд, каде обилните дождови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето, а неколку згради беа евакуирани.

Шолц ја откажа својата изборна кампања во Сар, на границата со Франција, и наместо тоа, го обиколи делумно поплавениот пат во селото Клајнблитерсдорф заедно со регионалниот гувернер Анке Релингер.

Тој ја потврди солидарноста на сојузната влада со Сарланд.

„За жал, не е првпат да треба да се справиме со голема природна катастрофа, па ќе разгледаме што треба да се направи овде и што е неопходно“, им рече Шолц на новинарите.

Службите за итни случаи одговорија на илјадници повици за помош во главниот град на покраината, Сарбрикен.

Неколку згради во градот се евакуирани бидејќи куќи и подруми се поплавени. Автомобилите беа делумно потопени, а улиците се наполнија со вода.

Градот воспостави алтернативно сместување во училиштата и телефонска линија за погодените од поплавите.

Засега нема информации за точниот обем на штетата, ниту пак пријавени жртви.

Повеќе од 100 литри дожд на квадратен метар наврнаа во Сар за помалку од 24 часа, според вчера објавените податоци на германската метеоролошка служба. /МИА

Во Украина стапи во сила законот за мобилизација

Во Украина денеска стапи во сила оспоруваниот закон за мобилизација, јавија светските агенции

Ова, како што наведуваат агенциите, се случува во момент додека Киев се обидува да го зголеми бројот на украински војници откако Русија започна нова офанзива која, според аналитичарите, може да ги доближи руските сили до вториот по големина град во Украина.

Законот ќе го олесни идентификувањето на секој регрут во земјата. Таа, исто така, обезбедува стимулации за воениот персонал, како што се парични бонуси или пари за купување дом или автомобил, што според некои политички набљудувачи, Украина не може да си ги дозволи.

Пратениците одложуваа со месеци и го усвоија законот во средината на април, една недела откако Украина ја намали возраста за повикување на воена служба од 27 на 25 години. /МИА

Едно лице загина, а шест се повредени во судири во либискиот град Завија

Најмалку едно лице загина денеска, а шест се повредени во жестоки судири во западниот либиски град Завија.

Учесниците во судирите биле повикани на прекин на огнот за да се спасат семејствата заробени во зоната на конфликтот, јави либиската телевизија Алахрар.

Али Ахнеш, шеф на огранокот на Црвената полумесечина Завија, изјави за телевизијата дека 10 семејства се евакуирани и повика на „прекин на огнот за евакуација на семејствата лоцирани во областите каде што се случија судирите“.

Волонтерите на Црвената полумесечина добија повици од семејства во конфликтните области кои бараа да бидат евакуирани, рече тој.

Засега не се знае кој учествувал во судирите ниту зошто дошло до судирите.

Либија е зафатена од немири по соборувањето и бруталниот атентат на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи во 2011 година./МИА

притисни ентер