Печалбарите за летно раздвижување на економијата и животот во Тетово

 Доаѓањето на печалбарите и иселениците во Тетово во текот на летните месеци е надеж за голем број трговци дека во текот на летото ќе имаат нешто поголема заработка. 

Во Тетово, претежно кај албанската етничка заедница, печалбарите се на работа во европските земји. Во јуни во градот на одмор доаѓаат оние кои се во скандинавските земји. Тие што се враќаат од Германија и од Швајцарија претежно доаѓаат во јули. Во август најмногу тука се работниците од Италија, поради тамошниот колективен одмор.

Продавачите од зелениот пазар велат дека во јули и август во Тетово има повеќе луѓе поради доаѓањето на тетовци кои се на работа во странство. Токму затоа и тие се надеваат дека со тоа што се зголемува бројот на потенцијални купувачи, ќе имаат и нешто поголема заработка.

– Кога доаѓаат тие, и ние имаме малку повеќе работа. Фала Богу што идат да ја посетат земјата, кое било место, па ќе остават некој денар. Задоволен сум, вели Абдула Рамадани, кој има тезга на зелениот пазар.

– Се зголемува работата бидејќи Тетово е печалбарски град. Се очекува да се зголеми прометот. Тие си земаат наголемо стока, по еден пакет, за тие неколку недели што се тука, потврдува од соседната тезга Пеце Стојчевски.

Поголеми суми што печалбарите ги даваат додека се во родниот крај се оние за правење свадби и слични семејни веселби. Летната сезона е период кога поради присуството на печалбарите и нивното купување производи и услуги на поголема заработка се надеваат фотостудијата, бутиците, рестораните, козметичките и фризерските салони, продавниците за мебел и слично.

– Ние од 10 јули до 20 август секој ден имаме од две до три свадби за снимање. Сите ресторани за свадби се резервирани уште од минатата година. Тие што сакаат да прават свадба во 2020 година, сега прават резервации. Големи пари се во оптек, бидејќи од почеток до крај за една свадба се потребни од 15 до 50 илјади евра, според искуствата што ги гледаме. Кај албанските свадби посебно скапо е плаќањето на музичарите, па така само таму потребно е да се издвојат од две до седум илјади евра. Во рестораните едно мени за свадбен ручек се движи од 12 до 25 евра, вели сопственик на видеопродукција од Тетово.

Од друга страна, посебно негативен тренд токму на свадбите е пукањето од огнено оружје.

Минатата година во јули и август имаше десетина случаи на заталкани куршуми поради кои беа оштетени возила, а пријавени во Секторот за внатрешни работи Тетово. Пукањето од огнено оружје се случува во Тетовско и покрај предупредувањата на надлежните.

– Ние постојано апелираме, така и оваа година упатуваме предупредување до граѓаните да се воздржат од употреба на огнено оружје при организирање на свадбените веселби и слично. Со пукање во опасност од повреди се доведуваат и самите, како и гостите, но и сите останати граѓани на Тетово. При пукањето во воздух се случува куршумот да падне назад и да предизвика ранување, па дури и губење човечки живот, вели портпаролот на тетовската полиција Марјан Јосифоски.

Печалбарите и иселениците од западноевропските земји во Тетово пристигнуваат претежно со свои возила. Така се зголемува бројот на автомобили што циркулираат низ тетовските улици, па се создава дополнителен метеж. Непотврдените сознанија на тетовската полиција се дека дополнителни пет илјади возила во текот на летните месеци на печалбарите учествуваат во сообраќајот во Тетово. Поради зголемениот број возила и недоволниот број паркинг-места во теткот на летните месеци неколку години наназад Општина Тетово ги отвора поголемите дворови на училиштата, со цел да може и таму да се паркираат возила.

Иако Тетово е град со многу инфраструктурни проблеми, има печалбари што доаѓаат редовно секое лето. Така и самите се соочуваат со недостиг на вода за пиење, недоволно паркинг-места и друга инфраструктура, но придонесуваат и за создавање уште повеќе смет.

– Печалбарите најмногу доаѓаат да се сретнат со роднините и пријателите. Разговор со блиските е она што најмногу им недостига. Се смета дека доаѓањето на тие луѓе придонесува за побогат социјален живот, со оглед дека се среќаваат со голем број луѓе, членовите на пошироката фамилија, пријатели и познаници. Нивното присуство е поврзано со правењето свадби и други семејни веселби, како и организирање спортски и културни манифестации. Сепак, не доаѓаат за инфраструктурата, туку да се видат со роднините, како и да ги посетат родните села, да отидат на Попова Шапка и слично, вели психологот Љуљзим Мухареми.

Веќе неколку години општината го организира и „Тетовско културно лето" во периодот јули-август, кога се присутни печалбарите и иселенците, кои можат да присуствуваат на голем број манифестации и настани.

Делови од Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров утре без струја

 Без електрична енергија утре ќе останат делови од општините Аеродром, Карпош и  Ѓорче Петров.

Како што соопшти РЦУК - Скопје, без струја во периодот од 09:00 до 15:00 часот ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром, од 10:30 до 14:30 часот дел од улица 16, на патот кон Визбеговово општина Карпош, а од 13:00 до 14:30 часот објектите на градинката Росица, на ул.„Мечкин Камен“, бр.45А. во општина Ѓорче Петров.

Израелската војска соопшти дека пронашла тело на уште еден заложник во Појасот Газа

Бинјамин бил пронајден заедно со тројцата убиени заложници во Појасот Газа, чии тела, како што соопшти израелската војска, се вратени во Израел.

Израелската војска соопшти дека нејзините сили кои дејствуваат во Појасот Газа го пронашле телото на Рон Бинјамин, кој беше меѓу 252 лица заробени од палестински вооружени лица во нападот предводен од Хамас на израелска територија на 7 октомври минатата година, што ја предизвика војната.

Главниот воен портпарол на Израел, контраадмирал Даниел Хагари, изјави дека Бинјамин бил пронајден заедно со тројцата убиени заложници во Појасот Газа, чии тела, како што соопшти израелската војска, се вратени во Израел.

Повикувајќи се на разузнавачки информации, војската соопшти дека сите биле убиени на 7 октомври.

Тројцата заложници, како што изјави Хагари се Шани Лук, Амит Бускила и Јицак Гелерентер. Тој рече дека тројцата биле на музичкиот фестивал Нова и биле убиени од борците на Хамас додека се обидувале да побегнат. Нивните тела потоа биле однесени во Појасот Газа. /МИА

Мироцветна порака и песна во Охрид и Струга со Цветин и Хорот „Вања Лазарова"

„Со мироцвеќе и песна по љубовниот пат на јагулата".

„Со мироцвеќе и песна по љубовниот пат на јагулата", вака е насловен денешниот настан кој ќе се одржи во Струга и Охрид, во организација на уметникот Живко Поповски- Цветин, Македонското здружение за култура обичаи и традиции "Гороцвет" и Хорот на Ансамблот „Вања Лазарова" од Скопје.

Тој ќе се содржи мироцветни цртежи, песна и поезија, и ќе се одвива во Паркот на поезијата во Струга и на Дрвениот мост, каде ќе се читаат познати стихови од славни учесници на Струшките вечери на поезијата- Ален Гинсберг, Томас Шапкот, Влада Урошевиќ, Матеја Матевски, Хјусто Хорхе Падрон, Десанка Максимовиќ, Булат Окуџава, Блаже Конески, Гилвик, Андреј Вознесенски, Генадиј Ајги и други...

Во пресрет на празникот на сесловенските просветители, на 24 Мај, кој се слави во Охрид како патронат на градот, поезија и песна ќе се изведат и на брегот на Охридското езеро покрај спомениците на Браќата Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски и Григор Прличев.

Педесеттина златни грла од Хорот на ансамблот "Вања Лазарова" ќе одекнат, пеејќи познати македонски традиционални песни „Ја излези Ѓурѓо" на Стража, „На Струга дуќан да имам" во Струга, „По пат одам", „Железар", „Брала мома капини" и други во Охрид.

Хорот е под диригентство на маестро Лазо Трпковски - Ласко. /МИА

притисни ентер