Веста доаѓа еден ден откако вештачката интелигенција на Маск се најде во центарот на скандал, бидејќи четботот Грок, развиен во рамките на неговата компанија xAI, генерираше низа објави на платформата X во кои се изразува восхит кон Адолф Хитлер и се промовира антисемитска содржина.
Компанијата за вештачка интелигенција на Маск, xAI, кон крајот на март го презеде X на Маск за 33 милијарди долари. Овој потег формално ги спои двата ентитета кои веќе беа тесно поврзани, но исто така покрена прашања за идната улога на Линда Јакарино.
Јакарино го најави своето заминување во објава на X, порачувајќи дека е „неизмерно благодарна“ на Маск што ѝ ја „довери одговорноста за заштита на слободата на говорот и трансформација на X во апликација за сите“.
- Најдоброто допрва доаѓа бидејќи X влегува во ново поглавје со xAI. Ќе ве бодрам сите додека продолжувате да го менувате светот, напиша таа.
Јакарино не наведе причина за нејзиното заминување, но извор близок до неа потврди за Ен-Би-Си Њуз дека размислувала за заминување повеќе од една недела. Маск го искоментира нејзиниот пост и напиша: „Благодарам за придонесот“.
Јакарино, поранешна директорка за маркетинг на медиумската компанија NBCUniversal, ја презеде функцијата извршен директор на Твитер во јуни 2023 година, околу осум месеци откако Маск ја купи платформата.
Таа беше донесена за да помогне во решавањето на проблематичното рекламирање на платформата, откако Маск со своите коментари и промени на платформата ја загрози соработката со познати брендови.