Отворен Балкан за соработка во туризмот, културата, образованието и даночните политики

Премиерот Димитар Ковачевски, претседателот Александар Вучиќ и премиерот Еди Рама, ги потпишаа документите за соработка во областа на образованието, културата, туризмот и од областа на даночната политика.

Лидерите на земјите од „Отворен Балкан", ретседателот на Владата на Македонија Димитар Ковачевски, претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама, денеска во Охрид, на Самитот на „Отворен Балкан", заедно со владините претставници и делегации на трите земји ги потпишаа документите за соработка во областа на образованието, културата, туризмот и од областа на даночната политика.

Трите држави го потпишаа Договорот за соработка на Западен Балкан во полето на взаемно признавање на дипломи и научни титули издадени во високообразовните институции и други овластени институции. Со одредбите се забрзува постапката за прифаќање на дипломите и професионалните звања, со што се поедноставува и олеснува процедурата, како исклучителна придобивка за граѓаните од регионот со позитивни импликации за заедничкиот пазар на трудот.

Договорот го потпишаа претседателот на Владата на Македонија Димитар Ковачевски, претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама.

На самитот "Отворен Балкан" во Охрид денеска беше потпишан Меморандумот за разбирање за соработка во областа на туризмот.

Со овој меморандум, кој го потпишаа министерот за економија на Владата на Македонија Крешник Бектеши, министерката за туризам и животна средина на Албанија Мирела Кумбаро-Фурчи и министерката за трговија, туризам и телекомуникации на Србија, Татјана Матиќ, се предвидуваат активности за заедничка промоција на регионот како атрактивна туристичка дестинација.

Една од целите на Меморандумот за соработка во културата, што денеска го потпишаа министерката за култура на Северна Македонија Бисера Костадинова-Стојчевска, Елва Маргарити, министерка за култура на Албанија и Маја Гојковиќ, вицепремиерка и министерка за култура и информирање на Србија, е креирање на заеднички календар на културни настани што ќе донесе поголема мобилност на публиката и ќе го поттикне културниот туризам.

Со Меморандумот за разбирање за соработка на даночните администрации меѓу земјите од регионот, што денеска исто така беше потпишан на самитот „Отворен Балкан" во Охрид се создаваат нови можност за полесно прекугранично движење на луѓето, стоките или услугите.

Меморандумот за разбирање за соработка на даночните администрации во Западен Балкан го потпишаа директорката на Управата за јавни приходи на Македонија Сања Лукаревска, директорка на даночната управа на Србија Драгана Марковиќ, и директорот на Генералниот директорат за даноци на Албанија Цено Клоси.

На потпишувањето на документите од трите држави-иницијатори на „Отворен Балкан", во рамки на самитот во Охрид, претходеа неколку панел сесии, на кои се обратија лидерите, претставници на меѓународната заедница, на стопански комори и на разни други институции, на кои беше истакнато дека земјите од Западен Балкан се тесно поврзани и дека нивната соработка е поттик за унапредување на регионалната соработка и за напредок на секоја земја одделно.

Водата во Скопје е безбедна за пиење

Анализите на Секторот за санитарна контрола, направени на 149 примероци од 41 мерни места во градот, во период од 22 до 26 април, покажаа дека водата во Скопје е безбедна за пиење, соопшти ЈП Водовод и канализација.

Секторот за санитарна контрола земал 149 примероци за физичко-хемиска и 149 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 41 мерни места во град Скопје и согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци ОДГОВАРААТ на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.

Неформална дводневна средба на Советот за општи работи на ЕУ

Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) денеска и утре ќе одржи неформално заседание, на кое централен настан ќе биде одбележување на 20-годишнината од големото проширување на Унијата на 1 мај 2004 година. 

Заседанието ќе започне вечерва со свеченост во Центарот за ликовни уметности „Бозар“ во Брисел со која ќе се одбележи годишнината од приемот на Естонија, Кипар, Малта, Летонија, Литванија, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка во Европската унија.

Работниот дел од неформалното заседание на ГАК ќе продолжи утре во чии рамки министрите или државни секретари на земјите членки на ЕУ задолжени за европски прашања ќе одржат серија работни сесии на кои ќе разговараат за процесот на проширување, вклучувајќи и за искуствата од проширувањето во 2004 година, за потребата од зајакнување на Унијата, како и инструментите на блокот за заштита на владеењето на правото.

Меѓу другото, предвидено е европските министри да одржат размена на мислења со претставници на земјите кандидати и аспиранти за членство на ЕУ за владеењето на правото во рамките на процесот на проширување.

На заседанието ќе стане збор и за важноста за почитување на владеењето на правото во рамки на Унијата, како и за потенцијални подобрувања на постоечките механизми на заштита на овој принцип и нивната ефикасност.

На состанок европските министри ќе разговараат и за иднината на ЕУ, при што се очекува да разменат мислења за потребните чекори и реформи за зајакнување на капацитетот за дејствување на Унијата.

Неформалните заседанија на Советите на ЕУ се средби на ресорните министри на кои не се носат никакви одлуки, туку само се дебатира и се разменуваат мислења за различни теми и прашања по кои треба да се решава на формалните средби или на состаноци на други тела на Унијата. /МИА

Александар Николовски од УКИМ избран за претседавач на Националното студентско тело

Претседателот на Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје Александар Николовски е избран за претседавач на Националното студентско тело со мандат од една година односно до април 2025.

На втората седница на ова тело одржана во саботата, тој е избран од присутните претседатели на студентски собранија на универзитетите „Св. Климент Охридски“ - Битола, „Гоце Делчев“ - Штип, Универзитет на Југоисточна Европа, Американски универзитет во Европа ФОН и Американ колеџ Скопје.

Целта на Националното студентско тело е да претставува највисока форма на обединување на универзитетските студентски собранија во државата кое ги застапува студентите.

На седницата беше претставена и кандидатурата на Николовски за претседавач со предлог акциски план која ќе стане дел од програмата за работа на ова тело.

Краткорочни цели во неговиот Акциски план, кои планира да ги реализира до крајот на мандатот, Николовски ги наведува: Националното студентско тело да добие правна форма и преку измена на Законот за високо образование, телото да биде официјален претставник на студентите и студентските права во земјата.

Во краткорочните цели се и: инкорпорирање на Декларацијата за придружување во Статутот на телото; на Резолуцијата во програмата на телото; на целите на Студентскиот манифест потпишан од пет универзитетски студентски собранија во програмата на телото и повик за придружување на останатите функционални универзитетски студентски собранија кон телото.

Исто така, Николовски планира ова тело да стане дел од Интеруниверзитетската конференција, планира зголемување на соработката и координацијата помеѓу универзитетските студентски собранија, подигнување на студентскиот активизам, а воедно и младинскиот; поддршка на работата на универзитетските студентски собранија и апликации за придружување кон НМСМ и кон Европската студентска унија.

Во долгорочните цели на претседавачот на Националното студентско тело се настојувањата, како што вели, „да се решат суштинските студентски проблеми и предизвици“, креирање можности преку инкорпорирање на целите на Резолуцијата и Студентскиот манифест, во соработка со надлежните институции.

Николовски во целите на долг рок ги посочува: бесплатно високо образование на јавните универзитети, подобрување на студентскиот стандард со итно носење на новиот Закон за младински стандард; зголемување на студентските права - измени во Законот за високо образование; квалитетно високо образование - во соработка со агенциите за акредитација и за евалуација, универзитетите и МОН; кариерни можности - соработка со Агензијата за вработување, МОН, центрите за кариера и бизнис-секторот.

Во долгорочните цели се и дигитализација, интернационализација и автономија. Процест на дигитализација ќе се остварува со „притисок за исполнување на целите на Националната стратегија за млади 2023 - 2027 во која е предвидена целосна дигитализација во високото образование“. За интернационализацијата предвидува изработка на стратегија за привлекување поголем број странски студенти, согласно праксата во регионот.

Во однос на автономијата, Николовски ќе се залага за „остварување реална кадровска и финансиска автономија на државните универзитети, поголема автономија за универзитетите и нивните единици во процесот на создавање студиски програми“.

притисни ентер