Останките на загинатите во автобуската несреќа по десет дена пренесени во земјава

 По десет дена, посмртните останки на загинатите во трагичната автобуската несреќа, од Бугарија се пренесени во земјава. Пристигнаа претпладнево со два бугарски воено-транспортни авиона на Меѓународниот аеродром „Скопје".

Летот на авионите доцнеше поради лошите временски услови во Бугарија. По нивното слетување почна преземањето на останките.

На скопскиот аеродром по овој повод беше организирана посебна церемонија на која присуствуваа државниот и воениот врв, пратеници, претставници на верските заедници, како и високи делегации од Косово и Албанија.

Припадници на Армијата ги преземаа посмртните останки од авионите и ги пренесоа до погребалните возила со кои потоа, поворката тргна кон вечните почивалишта на загинатите.

Преземањето на останките почна со едноминутно молчење на присутните.

Последна почит на загинатите им оддадоа претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Зоран Заев.

Венци положија и претседателката на Косово Вјоса Османи, како и претседателката на албанското Собрание Линдита Никола.

Во знак на почит се поклонија и бугарскиот амбасадор во земјава, Ангел Ангелов, првиот вицепремиер Артан Груби, министерот Бујар Османи, како и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

На загинатите почит може да им оддадат и граѓаните на плоштадот „Скендербег" во Скопје каде се поставени венци.

Сообраќајната несреќа во која загинаа 45 граѓани, а седум беа повредени се случи на 23 ноември, на автопатот „Струма" во близина на градот Перник во Бугарија кога автобусот на „Беса транс" – Скопје се враќал од Истанбул.

Гвардиола сака Фоден да остане во Сити цела кариера

 Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола сака Фил Фоден да го следи примерот на Ерлинг Халанд и целата своја кариера да им ја посвети на „граѓаните“, пишуваат медиумите во Британија.

Минатата недела Халанд потпиша нов договор на девет и пол години кој ќе го задржи во клубот до 2034 година.

Норвешкиот напаѓач го прослави новиот договор со гол во победата од 6-0 над Ипсвич во неделата, додека Фоден постигна два гола.

Англискиот репрезентативец беше клучен за неодамнешното мини-оживување на Сити, откако постигна пет гола во последните три натпревари во Премиер лигата. Неговиот актуелен договор е до 2027 година, но Гвардиола е категоричен дека тој „не смее да замине“.

-Тој може да биде играч кој ќе остане во само еден клуб и ќе ја заврши кариерата тука, играјќи многу, многу години - на негова возраст и со бројот на голови и асистенции, бројот на натпревари и неговата работна етика. Неговиот најголем квалитет е дека околу шеснаесетникот ги чувствува головите во крвта, во умот. Разговаравме многу пати во последните месец дена или неколку недели. Тој беше сосема поинакво момче на почетокот на сезоната со неколку проблеми, бидејќи и играчите се луѓе и понекогаш во долга кариера имате падови, тоа е нормално. Но, навистина сме задоволни што тој повторно е среќен и ужива во играта, а тоа е добро за сите нас, истакна Гвардиола.

Целосно исплатена еврообрзницата од 500 милиони евра од 2018 година

Министерството за финансии соопшти дека денеска во целост е исплатена евробврницата од 500 милиони евра земена во 2018 година. 

Средствата за сервисирање на оваа обврска беа обезбедени преку заем од унгарската Експорт-импорт банка со камата од 3,25 проценти, рок на отплата 15 години, со вклучен грејс период од три години.

- Со цел да се обезбедат средства по најниски трошоци за исплата на оваа Еврообврзница, беше потпишан Договор за заем со унгарската Експорт-импорт банка. Условите под кои ги добивме средствата направија заштеди на буџетот по основ на камати и по основ на провизии. Ќе продолжиме со политиките на редовно и навремено сервисирање на обврските и обезбедување средства по најповолни услови, изјавила министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, посочувајќи дека 2025 година ја почнуваме со ликвидни и стабилни јавни финансии кои ќе овозможат редовно и навремено сервисирање на обврските.

Земјата досега има издадено девет еврообврзници, од кои шест се веќе исплатени, а во наредните години доспеаваат за отплата уште три еврообврзници издадени во 2020, 2021 и 2023 година во вкупен износ од 1,9 милијарди евра.

Во Јагодина ќе се одржи првиот собир на новото движење на Вучиќ

Првиот собир на движењето, чие формирање претходно го најави српскиот претседател Александар Вучиќ, ќе се одржи в петок, 24 јануари во Јагодина, јави српската агенција БЕТА.

Вучиќ на социјалните мрежи најави дека ќе биде поведена кампања на разговори и претставување на луѓето кои ќе го сочинуваат движењето.

- Ќе има многу тешки обврски и многу важни работи за Србија во Давос, но со нетрпение очекувам да разговарам со граѓаните на Србија, веднаш по моето враќање од Швајцарија. Прва голема средба и ги поканувам луѓето од Поморавље и Шумадија во Јагодина, в петок на 24 јануари, претпоставувам во 17 часот. Повелете и едвај чекам да се видиме, наведе Вучиќ.

притисни ентер