Османи се пофали дека се сретнала со градоначалниците на „албанските општини“ во Македонија

Косовската претседателка Вјоса Османи, која деновиве беше во посета на Македонија, во објава на Твитер напиша дека се сретнала со градоначалниците на албанските општини“ во Македонија. 

Османи фотографијата од средбата одржана завчера, ја објави денеска, откако во македонската јавност веќе имаше бурни реакции околу нејзиниот пречек во Тетово, со билборд со добредојде и објави исклучиво на албански јазик на официјалните страници на Општина Тетово и на градоначалникот Биљал Касами.

„Додека бев во Тетово, се сретнав со градоначалниците на албанските општини во Македонија. Дискутиравме за потребата да се продолжи зајакнувањето на Албанците во земјата преку зголемени инвестиции во нивните општини, соработка со Косово и нивната суштинска улога во иднината на Македонија“, пишува Османи во денешната објава на Твитер.

Пречекот на Османи од страна на Касами во Тетово ги спротивстави ВМРО-ДПМНЕ и Беса, кои во Советот на Општина Тетово имаат заедничко тесно мнозинство.

Советниците од ВМРО-ДПМНЕ го обвинија градоначалникот дека го прекршил Уставот со непочитување на македонскиот јазик на билбордите со кои ја пречека Османи.

-Не треба да се заборави дека Тетово е град во Македонија, во која живеат Македонци и други етникуми и не треба да се заборави фактот дека како на цела територија така и во Тетово официјален јазик е македонскиот. Почитуван градоначаник, Македонците во Тетово бараат достојно спроведување на Рамковниот договор. Тие гласаа за вас и ви ја додоа довербата на локалните избори со чија помош победивте, Македонците се надеваат дека ќе бидете градоначалник на сите граѓани – изјави Ангел Карапетров, советник од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Тетово.

Првиот човек на Советот, Бесар Дурмиши, пак, реакцијата на ВМРО ја оцени како „низок удар за дневна политика“.

„Од почит кон неа (Османи), таа е пречекана со билборди на кои ѝ посакавме добредојде на албански јазик, оти е Албанка. Да дојде некој од Германија, ќе му посакаме добредојде на германски јазик“, рече Дурмиши, додавајќи дека општината не само декларативно, туку и во пракса „многупати докажала почит кон сите етникуми кои живеат во Тетово“.

Младите од ВМРО-ДПМНЕ од Тетово пред еден ден на влезот од градот поставија натписи „Тетово е срцето на Македонија“, во знак на протест против билбордите само на албански јазик, пишува Слободен печат.

Младите и пчеларството во фокусот на одбележувањето на Светскиот ден на пчелата

Светскиот ден на пчелата - 20 Мај годинава ќе биде одбележан под темата „Младите ангажирани во заштита на пчелите“. 

Одбележувањето на Светскиот ден на пчелата ќе се одржи на плоштадот „Филип Втори“ во населба Автокоманда и на платото пред Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, во чиј круг се наоѓа и „Паркот на пчелата“, кој е во фаза на изградба.

Организатори се хуманитарната и развојна организација АДРА Македонија, со финансиска подршка од Амбасадата на Република Словенија и со поддршка од општината Гази Баба и Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, заедно со децата од градинките на територија на општината и студентите од факултетот.

- „Младите ангажирани во заштита на пчелите“ ја истакнува важноста од вклучување на младите во активности за промовирање на пчелите и пчеларството, и воопшто, во зачувување на опрашувачите, препознавајќи ги како идни чувари на нашата животна средина. Истовремено, ја нагласува глобалната потреба од соработка за ангажирање на младите во заштитата на овие инсекти од витално значење. Со тоа ја штитиме безбедноста на храната и овозможуваме стабилен земјоделскиот сектор и се бориме за зачувување на биолошката разновидност, се вели во соопштението од АДРА Македонија.

Предвидена е богата програма во која акцент е ставен на учеството на младите, ќе биде проверено нивното знаење за пчелите и пчелните производи, ќе биде одржана ликовна колонија на теми посветени на пчелите, ќе бидат засадени медоносни растенија во „Паркот на пчелата“. Ќе бидат поставени богати штандови со пчелни производи, сѐ со цел пошироката јавност да се запознае со огромната улога што ја имаат медоносните пчели во опрашувањето на растенијата, како и во производството на пчелните производи.

Меѓународниот ден на пчелата се слави на 20 мај, роденденот на Словенецот Антон Јанша, основоположникот на модерното пчеларство (1734-1773). Предлогот на Словенија за воведување на Меѓународен ден на пчелата бил едногласно прифатен на Генералното собрание на ООН на 20 декември 2017 година.

Со одбележувањето на Светскиот ден на пчелата, АДРА Македонија со своите партнери се приклучуваат кон кампањата за заштита на автохтоната македонска медоносна пчела (Apis mellifera macedonica), која здружението Македонска пчела (MacBee) ја започна пред неколку години под слоганот „Одгледувам македоника, одгледувам наше“. /МИА

САД: Можни се терористички напади врз претставници на ЛГБТ заедницата ширум светот

 Владата на САД ги предупреди американските државјани да бидат внимателни поради евентуални терористички напади врз претставниците на ЛГБТ заедницата ширум светот.

- Поради потенцијалниот ризик од терористички напади, демонстрации или акти на насилство против американските граѓани и интереси, Стејт департментот ги предупредува своите граѓани во странство да покажат зголемена будност, се наведува во соопштението.

Исто така се наведува дека постои потенцијален ризик од насилство врз ЛГБТ заедницата инспирирано од странски терористички организации.

- Американските граѓани треба да бидат внимателни за време на маршевите на ЛГБТ заедницата, наведува Стејт департманот./МИА

Баку: Франција да престане со неоснованите тврдења против Азербејџан

Министерството за надворешни работи на Азербејџан вчера ги отфрли „навредливите обвиненија“ и повтори дека Баку не е поврзан со протестите во Нова Каледонија.

- Наместо да го обвинува Азербејџан дека наводно ги поддржува протестите за независност во Нова Каледонија, Франција треба да се фокусира на неуспешната политика на прекуокеанските територии што доведе до такви протести. Уште еднаш ја повикуваме Франција да престане со неоснованите тврдења против нашата земја, истакна портпаролот на азербејџанското МНР, Ајхан Хаџиев.

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин на 15 мај го обвини Азербејџан за мешање во политиката на пацифичката територија Нова Каледонија.

- Ова не е фантазија … Жалам што некои од сепаратистите се договорија со Азербејџан … дури и ако има обиди за мешање … Франција е суверена на својот сопствена територија, истакна Дарман.

Но, Дарманин не презентираше докази за вмешаноста на Азербејџан во немирите на Нова Каледонија.

Француската единица за откривање дезинформации преку интернет, „Вигинум“, формирана како одговор на руските активности во Африка, објави извештај во кој се идентификувани најмалку 86 азербејџански профили кои на платформата Икс шират антифранцуска пропаганда.

Немирите на Нова Каледонија почнаа на 13 мај поради уставната реформа, која предвидува промени на изборниот закон на француската територија. Националното собрание во Париз усвои реформа со која на илјадници француски граѓани, кои пред најмалку 10 години се преселиле на јужниот пацифички архипелаг, им се дава право на глас на локалните избори, а со тоа и поголемо политичко влијание. /МИА

притисни ентер