Османи и Маричиќ со спротивни ставови за „Опен Балкан“ и за резолуцијата за Сребреница

Коалициските партнери во владата со различни ставови за резолуцијата за геноцидот во Сребреница и Отворен Балкан.

Шефот на дипломатијата и кандидат на ДУИ за Претседател Бујар Османи вели дека како министер има право да одлучи за поддршка на резолуции и токму затоа му дал инструкции на амбасадорот во Обединетите Нации да гласа за резолуцијата. Реакциите од Србија смета дека не се основани и повика на помирување на балканот. Вицепремиерот Бојан Маричиќ пак, вели дека Македонија уште во 2010 година го осудила геноцидот во Сребреница. Вината според него треба да биде индивидуална, а не колективна.

-Одлуката, ко-спонзонирањето е одлука на министер за надворешни работи и како министер сум дал инструкции до нашиот амбасадор во ООН да биде ко-спонзор и да ја поддржи резолуцијата. / Навистина не очекував, дури сум малку и шокиран од реакциите на дел од граѓаните кои мислам дека се поттикнати од одредени политички партии. Не смееме да реагираме на тема геноцид во Сребреница, бидејќи ова прашање влегува во делот на негирањето на геноцидот што е забрането. Јас ги донесувам тие одлуки, јас на дневна одлука носам одлуки за прифаќање или одбивање на резолуции. - Бујар Османи – Министер за надворешни работи

-Ставот на Македонија е многу јасен и утврден со декларација на собранието уште на почетокот на 2010 година, тогаш едногласно нашето собрание ја поддржало резолуцијата на ЕП за Сребреница каде таа е осудена како геноцид. / Меѓутоа треба да разграничиме две работи, едно е тоа во Сребреница, но таа дамка не може да се фрли врз целиот српски народ или Србија./Одговорноста кон Сребреница треба да се индивидуализира и затоа постојат меѓшународни судови и трибунали таа треба да биде со име и рпезиме за да во никој случај не биде доведена со цел народ или цела држава. - Бојан Маричиќ – Вицепремиер за евроинтеграции

Покрај за Сребреница, Османи и Маричиќ и со различни гледишта за членството на земјава во Отворен Балкан. Иако најави дека ќе бара од Владата да го разгледа учеството на Македонија во иницијативата, сепак Османи не го покренал до сега прашањето, но тврди дека ргументите ќе ги презентира на затворена седница. Маричиќ пак со став дека сите иницијативи од кои македонските граѓани имаат бенефит, мора да продолжат. Членството во Отворен Балкан, смета дека не треба да се политизира.

-Кога се случи нападот во Бањска во Косово јас имав една изјава и реков ако има директна вмешаност на Србија во Бањска, тогаш треба да се преиспита учеството во Отворен Балкан. Бидејќи имам повеќе информации сега, што се случило во Бањска, планирам на затворена седница, да ја информирам Владата, а таа да одлучи како понатаму. - Бујар Османи – Министер за надворешни работи

-Ние инсистиравме да остане таа иницијатива отворена и таа остана отворена и се додека имаше и има поддршка од нашите стратешки партнери, треба во неа да партиципираме и да се фокусираме на конкретните придобивки без големи политички теми. Затоа што тие крупни политички теми блокираа други регионални процси и не донесоа ништо добро. Берлинскиот процес, Отворен Балкан и сите тие иницијативи ги гледаме како позитивни и треба од нив да извлечеме максимум наместо да ги доведуваме во политички контекст. - Бојан Маричиќ – Вицепремиер за евроинтеграции

Иницијативата за Отворен Балкан инаку е во застој од декември минатата година откако албанскиот премиер Еди Рама порача дек регионот сега треба да се фокусира на Берлинскиот процес. Вечерва пак, во седиштето на ООН треба да се одржат неформалните консултации за нацрт резолуцијата со која се предлага „Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница, а гласањето за резолуцијата е предвидено да се одржи на пленарна седница на 2 мај.

Маж собори Гинисов рекорд во чудна дисциплини и испрати силна порака (ФОТО)

Магистер по шумарство Абубакар Тахиру (29) постави рекорд во необична дисциплина и влезе во Гинисовата книга.

За еден час прегрнал 1.123 дрвја во Националната шума Тускеги во Алабама и морал да исполни одредени услови за достигнувањето да се брои.

За да го постави рекордот, Абубакар морал да го прегрне секое дрво со двете раце, но да не предизвика никаква штета.

Не можел да прегрне ниту едно дрво повеќе од еднаш, па морал брзо да се движи, пренесува UPI.com.

Тој постел за Рамазан додека се обидувал да го постави рекордот, што му ја отежнало ситуацијата.

„Неможноста да се напие вода беше значаен предизвик. Но, и тоа на некој начин се покажа корисно, бидејќи немав потреба од паузи“, објаснил тој.

Освен што своето име го внесе во Гинисовата книга, Абубакар сакал да ја подигне свеста за важноста на дрвјата и заштитата на животната средина.

Тој се заинтересирал за екологијата додека растел во земјоделската заедница Тепа во Гана.

Пендаровски: Бројот еден е гаранција дека државата ќе продолжи по правилниот курс кон ЕУ

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски денеска беше помеѓу граѓаните на општина Арачиново.

Пред присутните, Пендаровски порача дека во досегашниот мандат покажал дека е претседател кој не ги дели граѓаните по ниту една основа и дека така ќе продолжи и во следниот мандат.

„Никогаш не сум бил и не се кандидирам за претседател само на Македонците. Ќе бидам претседател на сите, како што бев глас на секој без оглед на етничка и каква било припадност. Промовирањето и претставувањето на сите граѓани на Македонија ќе биде приоритет и во наредните пет години. “ порача Пендаровски.

Пендаровски посочи дека очекува голема поддршка на осми мај за државата да продолжи напред, како демократска, мултиетничка, прогресивна држава на рамноправни граѓани.

„Само бројот еден е гаранција дека Македонија ќе продолжи по правилниот курс кон ЕУ, се друго е продавање на политичка магла и обиди за враќање во времињата на тензии, поделби и неизвесност. Македонија нема друга опција освен продолжување на преговорите за членство во ЕУ додека да станеме дел од големото европско семејство. На 8 мај сите заедно да гласаме за европска Македонија, тоа се гарантира само со заокружување на бројот 1“ посочи Пендаровски, сопштуваат од неговиот тим.

Четворица загинаа во судар во полициска потера по ограбувач на банка кај Торонто (ВИДЕО)

Во судар кај Торонто во текот на полициска потера по осомничен ограбувач на банка кој бегал со автомобил во погрешна насока на автопатот 401, загинале четири лица, меѓу кои и едно дете, изјави денеска портпаролката на полицијата во Онтарио.

Судирот се случил во близина на излезот на автопатот 412 во Витби, на околу 50 километри источно од Торонто.

На видеото споделено на платформата „Икс“ се гледа како возило со голема брзина се движи во погрешна насока на автопат и потоа удира.

Полиција во Онтарио го затвори автопатот во двата правци во текот на ноќта, но од изутрината сообраќајот се одвива непречено.

притисни ентер