Орбан: Унгарија влегува во нов златен период со администрацијата на Трамп - Канал 5

Орбан: Унгарија влегува во нов златен период со администрацијата на Трамп

 Унгарскиот премиер Виктор Орбан пристигна во Вашингтон на средба со претседателот на САД Доналд Трамп, со цел, како што изјави, да се отвори ново поглавје во унгарско-американските односи.

Орбан: Унгарија влегува во нов златен период со администрацијата на Трамп

Орбан, кој важи за еден од најблиските европски сојузници на Трамп, наведе дека планираната соработка ќе ги опфати енергетиката, инвестициите, одбранбената соработка и прашањата поврзани со состојбата по војната меѓу Русија и Украина. Тој истакна дека првите десет месеци од оваа година ја означиле почетната фаза на зајакнување на односите меѓу двете држави и дека е поправена штетата што, според него, унгарско-американските односи ја претрпеле за време на претходната американска администрација.

Орбан рече дека политички мотивираните санкции се укинати, дека е прекинато финансирањето на невладини организации кои ја критикуваат Унгарија и дека унгарските државјани повторно можат да патуваат во САД без визи.

Еден од главните предизвици за разговорите е унгарската зависност од руската нафта. Трамп ги повика европските земји да ги прекинат енергетските врски со Москва, но Унгарија досега го задржа своето снабдување од Русија.

Во изјава за државното радио Кошут, дадена од унгарската амбасада во Вашингтон, Орбан рече дека негов приоритет во Вашингтон е да ги убеди американските власти за потребата Унгарија да добие изземање од американските санкции што го засегаат рускиот енергетски сектор.

Тој ја опиша обновената соработка со администрацијата на Трамп како „другарство засновано на заеднички убедувања и политичка усогласеност“. Орбан нагласи дека Унгарија уште во 2010 година ја отфрли либерално-глобалистичката парадигма и се насочи кон конзервативен, христијанско-национален модел, кој, според него, првпат бил потврден со изборот на Трамп во 2016 година.

Со враќањето на Трамп на власт, санкциите биле повлечени, а одбранбената соработка обновена.

– Ова е добро за Унгарија. Американските инвестиции растат, а во земјата работат 1.400 американски компании со околу 100.000 вработени. Само годинава реализиравме седум инвестиции поголеми од 100 милиони долари, изјави Орбан.

Тој наведе дека усогласеноста во ставовите за миграцијата, семејните вредности и мирот е основа за „новиот златен период“ на унгарско-американските односи.

Во однос на војната во Украина, Орбан верува дека Трамп има јасна намера да придонесе кон мир и изрази надеж дека тоа може да доведе до завршување на конфликтот. Унгарскиот премиер го нарече Трамп „човек на мирот“, нагласувајќи дека тој е христијански лидер решен да стави крај на конфликтот.

– Тој затвори осум конфликти за осум месеци. Верувам дека може да го заврши и овој, изјави Орбан. Тој повтори дека Унгарија нема да испраќа оружје, војници или финансиска помош во Украина.

Орбан додаде дека постои притисок врз Унгарија да се приклучи на коалицијата што ја поддржува Украина, но дека земјата ќе ја задржи својата позиција за неутралност.

Орбан, исто така, потврди дека е во тек истрага во врска со безбедносниот инцидент поврзан со апликацијата на партијата „Тиса“ и најави дека по следната владина седница ќе бидат објавени дополнителни информации.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

По размена на информации од македонската полиција, во Франција запленети 68 килограми кокаин

Заплената е резултат на оперативни информации обезбедени од Одделот за криминалистичка полиција.

По размена на информации од македонската полиција, во Франција запленети 68 килограми кокаин

Како резултат на успешната меѓународна полициска соработка и навремената размена на оперативни информации од страна на Бирото за јавна безбедност при МВР, на територијата на Франција, на наплатната станица Фонтен, запленети се 68 килограми кокаин, пронајдени во товарно моторно возило управувано од македонскиот државјанин М.Ф. (44).

Заплената е резултат на оперативни информации обезбедени од Одделот за криминалистичка полиција, односно Единицата за недозволена трговија со дрога, кои преку Секторот за меѓународна полициска соработка и Европол биле доставени до надлежните француски органи.

Ова е втора успешна меѓународна акција во период од еден месец, по претходната соработка со грчката полиција, која резултираше со заплена на 324 килограми марихуана.

Овие резултати ја потврдуваат ефикасноста на меѓународната полициска соработка и континуираната посветеност на МВР во борбата против организираниот криминал и недозволената трговија со дрога.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Актери во Белград ја прекинаа претставата по победата на студентите: „Луѓе, готово е!“

Синоќа, изведбата на претставата „Ода на радоста“ во белградскиот театар „Ателје 212“ беше прекината откако актерите дознаа за победата на студентската листа на парламентарните избори во Србија. 

Актери во Белград ја прекинаа претставата по победата на студентите: „Луѓе, готово е!“

Од сцената одекна извикот: „Луѓе, готово е!“, по што и актерите и публиката започнаа со славење.

Актерка сподели снимка од прославата

Актерката Тамара Драгичевиќ на Инстаграм сподели снимка од тој момент.

„А ова е моментот за време на претставата кога дознавме дека победивме – едвај стоевме на нозе“, напиша таа покрај видеото.

Таа додаде дека актерите требало да ја одиграат претставата таа вечер, но настанот се претворил во голема прослава. Драгичевиќ исто така укажа на симболиката на насловот на претставата, „Ода на радоста“, кој таа вечер доби посебно значење.

Вучиќ го призна поразот

За потсетување, студентската листа „Студентите победуваат“ извојува победа на вонредните парламентарни избори во Србија, освојувајќи 52,54 отсто од гласовите, додека листата „Обединета Србија“ на Александар Вучиќ доби 39,29 отсто.

Во своето обраќање до јавноста, Вучиќ го призна поразот. За загубата ги обвини медиумите и „американската длабока држава“. По признавањето на поразот, граѓани ширум Србија излегоа на улиците за да слават до доцна во ноќта.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Лула Да Силва со пресврт до победа на претседателските избори во Бразил, противкандидатот Болсонаро најави оспорување на резултатите

Заостануваше со над 2 милиони гласови во првиот, победи со предност од 4,5 милиони во вториот круг, Луис Инасио Лула да Силва со историски пресрврт на претседателските избори во Бразил дојде до вториот последователен мандат. 

Лула Да Силва со пресврт до победа на претседателските избори во Бразил, противкандидатот Болсонаро најави оспорување на резултатите

Кандидатот на левичарската работничка партија, победата, во која освои 51,79% од гласовите ја оцени како пораз на лагите и одбрана на демократијата. Противкандидатот од десничарската конзервативна партија Флавио Болсонаро, кој освои 48% од гласовите, одби да признае пораз и најави дека ќе бара поништување на резултатите, повикувајќи се на одлуката од Врховниот суд со која времето на за гласање беше продолжено за два часа. Лула Да Силва по резултатот на овие избори освои, четврти, историски мандат, односно втор последователен.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер