Објави фотографија од својот целулит: Мојата порака е важна и треба сите да ја слушнат (фото) - Канал 5

Објави фотографија од својот целулит: Мојата порака е важна и треба сите да ја слушнат (фото)

Плус-сајз манекенката Софи Тарнер објави своја необработена фотографија од еден едиторијал, на кој јасно се гледа целулитот.

Објави фотографија од својот целулит: Мојата порака е важна и треба сите да ја слушнат (фото)
Како што изјави, тоа е нејзината порака за сите жени да почнат да се прифаќаат себе си, како и своите несовршености.

Дваесет и двегодишната Британка истакна дека прво се разочарала кога ги видела фотографиите од снимањето, а потоа сфатила дека е крајно време да го засака своето тело.

„Бев многу лута кога ја видов оваа фотографија со целулитот. Само таа ми беше во мислите. Но, подоцна се запрашав ’зошто си го правам тоа на себе’? Јас сум многу повеќе од целулит, повеќе од наслагите на стомакот и грбот и целулитот е нормална работа. Нормално е жените да имаат и треба да престанеме да го доживуваме како одвратна и лоша работа“ – гласеше нејзината порака.

Софи објасни дека целулит има уште од тинејџерските денови и дека денеска тој станал дел од неа.

Изјави дека се уште работи на тоа да го засака, но иако патот е бавен сигурна е дека тоа е вистинскиот, и дека ќе поработи на својата самодоверба.

Британката со оваа фотографија предизвика мноштво коментари, а тие главно беа позитивни. Нејзините следбеници и оставија пораки со поддршка.

„Каков целулит, јас овде гледам преубава жена“, „Фала што со нас ја сподели оваа фотографија“, беа само некои од коментарите.


I done a photoshoot yesterday And these are some behind the scenes pictures - I was angry when I seen this pic because Of my cellulite - It was on my mind but why should it ? I am more than #cellulite I am more than the #bellyrolls and the #backfat and #celluliteisnormal !! It’s natural for us ladies to have cellulite and we need to stop seeing it as disgusting or ugly. Yes we all want smooth skin but we also need to accept reality! I’ve had cellulite since I was about 12 which is normal. After living with something for a decade it’s all apart of being me! And I’m still learning to love it and not hate it- it’s a slow road to #selflove but it’s the best thing you can do for your confidence and mental health 😊❤️

A post shared by S O P H I E T U R N E R 💋 (@sophieeturner) on

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Ве загрижува ли честото ? Знаци на кои треба да обрнете внимание

Доколку често се борите со краткотрајно губење на помнењето, збунетост или проблеми со перцепција на просторот, просторна ориентација, можеби е време да посетите специјалист. 

 Ве загрижува ли честото ? Знаци на кои треба да обрнете внимание

Ризикот од развој на деменција се зголемува со возраста, особено ако оваа состојба е присутна и во вашето семејство. Но, како да знаете дали вашите повремени тешкотии во размислувањето, помнењето и носењето одлуки се само знаци на стареење или, пак, рани показатели за деменција?

„Деменцијата, генерално кажано, претставува состојба при која доаѓа до значително опаѓање на способноста на лицето да размислува, а оваа промена води кон намалена способност за функционирање и грижа за себе“, објаснува невропсихологот Арон Бонер-Џексон, пренесува „Кливленд клиник“ (Cleveland Clinic).

Д-р Бонер-Џексон ги наведе 10-те најчести рани знаци на деменција и даде конкретни совети што да преземете доколку сте загрижени дека можеби развивате деменција.

Во повеќето случаи, луѓето кај кои се развива деменција, без оглед на нејзиниот тип, првично доживуваат релативно слични симптоми кои со текот на времето се влошуваат. Овие симптоми не влијаат само врз способноста за јасно размислување и дејствување, туку можат да влијаат и врз физичкото, менталното и емоционалното здравје. Честопати, раните знаци на деменција се јавуваат во комбинација со тешкотии при прилагодување на промени во секојдневната рутина, како и со специфични обрасци на однесување и размислување.

1. Проблеми со краткорочната меморија

Губењето на краткорочната меморија често е најран знак за деменција и Алцхајмерова болест. Тоа се разликува од повремената заборавеност и се јавува почесто во различни ситуации, при што може да го попречи извршувањето на секојдневните активности. На пример, може да заборавите да завршите одредени задачи, како што се гасење на светлата или ставање на алиштата во машината за перење; може да заборавите што сте правеле среде некоја активност; или, пак, за време на разговор, да заборавите за што сте зборувале или кои биле одговорите на одредени прашања. „Луѓето можат совршено да се сетат на работи од пред многу години“, забележува д-р Бонер-Џексон. „Но, фрустрирачки е тоа што не можат да се сетат што правеле вчера или утрово.“

2. Промени во расположението или однесувањето

„Често гледаме промени во расположението или однесувањето уште во раната фаза на деменцијата“, додава д-р Бонер-Џексон. „Лицето може да покаже помал интерес за работи во кои претходно уживало. Може да стане поповлечено во социјална смисла и да не сака да биде во друштво на луѓе толку често како порано. Можеби веќе не наоѓа задоволство во работите во кои некогаш уживало. Исто така, може да стане пораздразливо, лесно да се фрустрира или да чувствува поголема вознемиреност отколку претходно.“

3. Губење во познати средини

Кога имате деменција, може повремено да заталкате или да се изгубите во познати средини – како што се вашето соседство, вообичаената рута до работа или училиште, па дури и во сопствениот дом. „Мислам дека најмногу загрижува кога луѓето ќе отидат со автомобил до продавница, што е оддалечена само еден километар, а потоа ќе се изгубат на враќање – патување кое инаку би требало да биде сосема едноставно“, вели д-р Бонер-Џексон.

4. Зголемена збунетост

Во раните фази, може да се најдете збунети во различни ситуации. Може да имате потешкотии да сфатите каде се наоѓате или кој месец е, и да не бидете во можност сами да ги решите овие или други проблеми. Неможноста да се обрне внимание дури и на најситните детали, како и тешкотиите во расудувањето, дополнително ја влошуваат оваа збунетост. „Ако некој е задолжен за плаќање на сметките за домаќинството, може да почне да заборава да ги плати – или пак, може да плати некоја сметка, да заборави дека веќе го сторил тоа и повторно да ја плати, или едноставно да направи грешка. Слушаме приказни каде што некој прави грешка во износот – на пример, додава една нула повеќе – и одеднаш должи голема сума, или на крајот плаќа многу повеќе отколку што всушност должи“, објаснува тој.

5. Тешкотии при справување со промени

Во раните фази на деменцијата, промените можат да бидат исклучително тешки за прифаќање. Може да почувствувате засилен страв, раздразливост или дезориентираност кога ќе се соочите со нови предизвици или пречки, што може да ве наведе цврсто да се држите до познатите рутини. Ако нешто ја наруши вашата рутина, може да ви биде тешко да се прилагодите на промената. „Чест пример е промената во режимот на земање лекови“, појаснува докторот. „Лицето треба да земе нов лек, кој не е дел од неговата вообичаена рутина. Токму тогаш може да почне да заборава дека треба да го земе лекот.“

6. Промени во рационалното расудување и просторната свесност

Лицето со деменција може да доживее суптилни или значителни промени во своите обрасци на однесување или во способностите за расудување. Ненадејните, импулсивни постапки – како што се преминување на улица без да се провери дали доаѓа возило или грубо однесување кон другите може да станат почести, дури и ако таквото однесување претходно не било карактеристично за таа личност.

7. Тешкотии при донесување одлуки

Чувството на парализираност пред потребата за носење одлуки може да биде ран знак за деменција, особено ако ви е потребна помош да направите избор. Заморот од носење одлуки може да го отежне извршувањето на секојдневните активности, како што се избирање облека, купување одредени предмети или одлучување помеѓу подготовка на вечера и одење на прошетка. „Ако некој има проблем при донесување одлуки или лесно се збунува во ситуации со кои инаку би можел без проблем да се справи, тоа може да биде причина за загриженост“, истакнува д-р Бонер-Џексон.

8. Тешкотии при извршување нови или познати задачи

Еден од раните знаци за деменција е суптилната тешкотија во извршување на секојдневните задачи. На пример, може да ви биде тешко да следите рецепт, да се придржувате до упатствата за составување нов мебел или да управувате со финансиите, сметките и буџетот. Ако имате симптоми на деменција, дури и учењето нови хобија или вклучувањето во нови активности може да ви изгледа покомплицирано отколку порано. „Лицето со деменција веројатно ќе има поголеми тешкотии при учење нови вештини или навики, што го отежнува започнувањето ново хоби или учеството во нова активност. На пример, може да имаат потешкотии да ги запамтат правилата на нова игра со карти или да се сетат на следните чекори во некој проект за шиење“, вели докторката.

9. Чувство дека не сте толку брзи

Нормално е да забавите малку како што стареете, но тоа не треба премногу да влијае на вашата способност да функционирате во текот на денот. „Некои забележуваат дека се чувствуваат помалку координирано. Некои чувствуваат како да им се забавило размислувањето и можеби одат побавно“, вели д-р Бонер-Џексон.

10. Тешкотија во следење на разговорите

Дел од тоа забавување често влијае на способноста за одржување на комуникација. Можеби ќе имате проблем да ги изразите вашите мисли, да разберете што зборуваат другите или да ги најдете вистинските зборови во тековниот разговор. Други физички симптоми на деменција може да се појават во форма на губење на видот или слухот. „Губењето на слухот е фактор што може да предиспонира за деменција. Ако видот е слаб, ќе биде потешко да се обработат информации“, објаснува тој.

Рани знаци кај мажите и жените

Познато е дека Алцхајмеровата болест различно ги погодува жените - тие побрзо се влошуваат по дијагнозата, особено ако го имаат генот аполипопротеин Е (APOE)-ε4 (кој е наследен). Всушност, две третини од дијагностицираните случаи на деменција и Алцхајмерова болест во САД се жени. „Не знаеме точно дали овие повисоки стапки се поради тоа што жените живеат подолго од мажите или дали жените имаат поголем ризик на истата возраст. Но, знаеме дека ризикот од Алцхајмерова болест и деменција воопшто се зголемува со стареењето“, вели докторот.

Што да се прави?

Клучно во дијагностицирањето деменција е прво да побарате стручна помош, а прв чекор е вашиот лекар. Доколку е потребно, тој ќе ве упати кај невролог или друг специјалист за целосна проценка. Пред дијагнозата, лекарите ќе направат неколку тестови кои вклучуваат тестирање на рамнотежа, координација и рефлекс, когнитивно тестирање, невропсихолошко тестирање, скенирање на мозокот и тестови на крвта.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Честа вечерна навика која може да го оштети црниот дроб

Јадењето доцна навечер придонесува до поголема телесна тежина, но научниците предупредуваат дека ваквата навика може да влијае на црниот дроб.

Честа вечерна навика која може да го оштети црниот дроб

Резултатите од истражувања, објавени во списанието *Clinical Gastroenterology and Hepatology*, покажале дека луѓето кои консумираат дополнителна храна по вечерата или непосредно пред спиење се соочуваат со значително поголем ризик од стеатоза на црниот дроб,заболување поврзано со метаболичка дисфункција (состојба при која во црниот дроб се акумулира масно ткиво) или цироза.

„Знаеме дека црниот дроб во голема мера е синхронизиран со циркадијалниот ритам на телото“, вели главниот автор, д-р Роберт Вилечански од Универзитетот за здравје и наука во Орегон (OHSU).

„Затоа, нè интересира промената на времето на консумирање храна која би придонела подобро здравје без притоа да се менува составот на она што луѓето го јадат“, додава тој.

Пораст на заболувањата на црниот дроб

Студија спроведена врз население во САД покажала зголемување на сите форми на заболувања на црниот дроб за 20-30 % кај лица кои изјавиле дека јадат доцна навечер, во споредба со оние кои не го прават тоа.

„Важно е да се напомене дека, луѓето кај кои се развива замастен црн дроб, само кај мал дел подоцна се развиваат потешки форми на состојбата, како што е цирозата“, вели д-р Вилечански. „Вреди да се истакне дека ограничувањето на внесување калории неколку часа пред спиење може да биде корисно.“

„Можеме да го потврдиме она што веќе го знаеме: дека обрасците на однесување – без разлика дали се однесуваат на спиењето, исхраната или физичката активност – се навистина важни“, вели д-р Ендрју Мекхил, физиолог специјализиран за спиење и циркадијални ритми на OHSU.

„На пример, покажавме дека консумирањето храна навечер – кога внатрешниот биолошки часовник го поттикнува спиењето – ја намалува способноста на телото ефикасно да ја метаболизира храната. Ова, на крајот, може да доведе до дебелина, дијабетес, а според најновите истражувања, и до нарушено здравје на црниот дроб“, изјави тој.

Постојат многу видови заболувања на црниот дроб, од кои некои не покажуваат никакви симптоми.

Симптомите на цироза вклучуваат постојан замор и слабост, губење на апетитот, намален сексуален нагон, жолтица, чешање на кожата и гадење.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Четири мечки до смрт растргнале мајка и ќерка – со ДНК анализа е утврден ужасот на нападот

Трагично пешачење во канадската покраина Британска Колумбија заврши со смртта на мајка и нејзината ќерка, кои беа нападнати од четири гризли мечки. 

Четири мечки до смрт растргнале мајка и ќерка – со ДНК анализа е утврден ужасот на нападот

Истражителите користеа ДНК анализа за да потврдат кои животни стојат зад ужасниот напад, а експертите се сомневаат дека жените биле плен, што го прави овој случај особено редок, објави Би-Би-Си.

Џенифер Балкарас (48) и нејзината 20-годишна ќерка, Села Рид, отидоа на кратко попладневно пешачење на почетокот на ноември во областа Вајт Касл во западна Канада. Кога не се вратија дома, нивното семејство пријави дека се исчезнати.

Потрагата заврши трагично. Телата, или поточно останките, на двете жени беа пронајдени во близина на планинарска патека, на околу 150 метри оддалеченост.

По нападот, истражителите зедоа примероци од ДНК од животните за кои се сомневаше дека учествувале во трагедијата. Резултатите потврдија дека четири гризли мечки - возрасна женка и нејзините три младенчиња, стари околу една година, се одговорни за смртта на мајката и ќерката.

Сите четири мечки подоцна беа еутанизирани за да се заштити јавноста, соопшти Службата за заштита на Британска Колумбија (BCCOS).

Истрагата, исто така, откри особено вознемирувачка можност - дека нападот не бил резултат на изненадувачка средба или одбранбена реакција од страна на животните, туку дека мечките ги сметале жените за плен.

„Нашата истрага, исто така, покажа дека ова веројатно бил предаторски напад, за кој можам да ви кажам дека е многу редок“, изјави инспекторот на BCCOS, Џеф Тајр, за АП.

Експертите велат дека ваквите напади се исклучително невообичаени, бидејќи мечките генерално не напаѓаат луѓе за да ги јадат.

Според проценките на Министерството за животна средина, земјиште и паркови на Британска Колумбија, во канадската покраина живеат помеѓу 10.000 и 13.000 гризли мечки. Видот е наведен како загрозен во покраината.

Средбите меѓу луѓето и гризли мечките што завршуваат со напади се релативно ретки, но ризикот се зголемува кога луѓето го изненадуваат животното или кога тоа ги брани своите младенчиња или извор на храна.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер