Обезбедени 151 глас, пратеникот од Река, Данелис, ќе гласа за доверба на владата

Мојата совест и патриотската должност ме натераа да ја искористам оваа историска можност за решавање на спорот за името, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас во обраќањето, отворајќи ја дводневната расправа за доверба на владата.

Застанете пред вашата совест и пред интересот на земјата и одлучете дали имате доверба во оваа влада, порача Ципрас, бранејќи ја одлуката за постигнување на Договорот од Преспа.

-Промената на власта кај нашиот северен сосед беше одлична можност и за Грција и нашиот сосед за решавање на децениските историски, политички и дипломатски проблеми. Сигурен сум дека направивме вистинска работа, зашто патриотизмот не е да се мразат другите земји, туку да се сака сопствената татковина. Во однос на разединувањето со Каменос, само ќе речам дека имавме политички и идеолошки разлики, кои не мораа да доведат до неизбежна опција тој да ја напушти владата, изјави Алексис Ципрас, премиер на Грција

Лидерот на опозицијата, Мицотакис жестоко реплицираше. Рече дека Ципрас и Каменос направиле само фиктивен развод за да се постигнат политичките интереси. Без разлика како ќе заврши утрешното гласање, вели Мицотакис, гласот за довербата не го даваат партиите, туку грчкиот народ на избори.

-Денешната дебата всушност е последниот чин на четигодишниот театар, кој го играат Ципрас и Каменос, кои имаат три цели. Сириза да се одржи на власт уште неколку месеци и да се ратификува штетниот Договор од Преспа. Г-дине Ципрас, политиката за вас е бизнис. На Скопје му дадовте македонски идентитет и јазик. Кога тоа било дел од националните линии, изјави Кирјакос Мицотакис, лидер на Нова демократија.

Гласањето за доверба се очекува да се случи утре вечер околу полноќ. Математиката на Ципрас вели дека веќе го има обезбедено потребното мнозинство, откако пратеникот на Река, Спирос Данелис денеска беше исклучен од партијата, а со тоа и официјално се потврди дека тој ќе ја пополни дупката од шест пратеници, колку што му се потребни на Ципрас да преживее. Од вчера е веќе извесно дека на 145-те пратеници на Сириза ќе се придодадат и четворица на партијата на Каменос, Василис Кокалис, Елена Кундура, Танасис Папахристопулос и Костас Зурарис, како и независната пратеничка Катерина Папакоста.

Гвардиола: Арсенал повеќе нема да губи бодови, ние ако ремизираме нема да ја освоиме титулата

Тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола изјави дека неговиот тим треба да победи на сите преостанати натпревари доколку сака да ја освои шампионската титула во Англиското фудбалско првенство.

- Мислам дека Арсенал повеќе нема да губи бодови. Ова е слично на ситуацијата со Ливерпул во минатото. Нас ни остануваат уште четири натпревари, пат тежок како да се искачиме на висока планина. Ако негде ремизираме, нема да го освоиме шампионатот, изјави Гвардиола.

Манчестер сити е втор на табелата во Премиер лигата со 79 бодови од 34 натпревари. Лидер е Арсенал со 80 бода по 35 кола.

До крајот на првенството, Арсенал ќе игра дома со Борнмут и со Евертон, а ќе му гостува на Манчестер јунајтед.

Сити ќе го пречека тимот на Вулвс и на Вест Хем, а ќе гостува кај Фулам и на Тотенхем. /МИА

Над 157.000 Грци се пријавиле за поштенско гласање на евроизборите

Пријавувањето за поштенското гласање започна на средината на февруари, а завршува вечерва на полноќ.

За гласање преку пошта на претстојните европски избори на 9 јуни се пријавиле над 157.000 грчки граѓани, од кои мнозинството, односно 116.000 живеат во Грција, а останатите се од дијаспората, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.

Пријавувањето за поштенското гласање започна на средината на февруари, а завршува вечерва на полноќ.

Гласањето преку пошта за првпат ќе се спроведе на претстојните евроизбори, а имаат право да се пријават сите грчки граѓани без разлика дали живеат во земјата или во странство.

Според податоците што ги објави АНА-МПА, интересот за новиот начин на гласање е висок кај сите старосни групи, додека пак од дијаспората се пријавиле граѓани кои живеат во 115 земји,

Грците кои живеат во странство ќе гласаат исклучиво преку поштенско гласање, додека гласачите во внатрешноста на земјата ќе можат да одберат како ќе го остварат правото на глас или на избирачките места како досега или со гласање по пошта.

Избирачкиот материјал, по пошта ќе биде испратен до гласачите на нивната адреса, кои откако ќе гласаат, ќе треба гласачките ливчиња да ги испратат најдоцна до сабота 8 јуни, односно денот пред изборите.

Ковертот со гласачкиот материјал од Министерството за внатрешни работи ќе биде испратен до гласачите најдоцна до 15 дена пред изборите и ќе содржи коверт, гласачко ливче, упатства и сл. /МИА

Премиерлигашите ќе гласаат за воведување ограничување на платите

Премиер лигата може да воведе ограничување на платата. Се очекува денес клубовите од Англиското фудбалско првенство да гласаат за промената, пренесува „Sky Sports“.

Границата нема да биде колку клубовите можат да платат кој било играч, туку колку клубот може да потроши вкупно на тимот во однос на платите, трансферите и агенциските такси.

Една опција за лимит би била 4,5 пати поголема од приходите на клубот кој е на последното место во лигата. Доколку таа граница би се одредила според сегашниот пласман, ќе изнесува 466 милиони фунти. /МИА

притисни ентер