О. Центар распиша Конкурс за избор на идејно решение за нова општинската административна зграда

Општина Центар објави анонимен конкурс за избор на идејно решение за проектирање нова општинска зграда.

Со изградбата на општинската зграда, старите и дотраени бараки во кои сега се наоѓа општинската администрација ќе се заменат со функционален, современ и рационален комплекс што треба да ги задоволи не само општинските, туку и реалните потреби на жителите кои гравитираат во овој простор.

Идејното решение, покрај задолжителните критериуми за проектирање соодветни работни простории, треба да содржи решение за подземен паркинг со околу 300 паркинг места, како и простор, внатрешен и надворешен, за паркирање на 100 велосипеди.

Со ова ќе се решат актуелните проблеми со стационираниот сообраќај во непосредното опкружување, настанати со половична реализација на претходните плански решенија.

Дополнително, на градежната парцела треба да се предвиди мал плоштад, парк со фокус на влезниот портал од Учителската школа, како и безбедно сообраќајно решение за пристапи и движење на возила, велосипеди и пешаци.

Оценувањето на трудовите ќе го врши стручно жири, а Општината ќе додели и парични награди за најдоброто идејно решение за новата општинска зграда, и тоа за прво 750.000,00 за второ 400.000,00 и за трето место 300.000,00 денари.

Право на учество на конкурсот имаат правни и физички лица стручни во областа на архитектурата и урбанизмот, а крајниот рок за предавање на трудовите е 27.9.2024 година.

Општина Центар

Дејан и Венцислав Недеви учествуваа на меѓународниот карате семинар со Сенсеи Кавазое

 Д-р Дејан Недев и д-р Венцислав Недев викендов од 28 до 30 јуни учествуваа на меѓународниот карате семинар со Сенсеи Масао Кавазое кој се одржа во Тонсберг, Норвешка.

Семинарот беше во организација на Норвешката федерација за традиционално карате која долги години е членка на Европската (ЕТКФ) и светската (ИТКФ) федерација.

Недеви ги интензивираа контактите со Сенсеи Масао Кавазое кој во моментов важи за еден од најдобрите карате инструктори во светот кој е ученик на Сенсеи Хидетака Нишијама основачот на ИТКФ.

Наскоро се планира Сенсеи Кавазое да одржи семинар и во Македонија.

Гувернерот на Истанбул ја забрани Парадата на гордоста, го затвори центарот на градот

Гувернерот на Истанбул Давут Ѓул денеска ја забрани овогодинешната Парада на гордоста во Истанбул и го затвори центарот на градот.

„Настанот нема да биде одобрен“, соопштија од канцеларијата на гувернерот, без да наведат причина.

„Илегалните групи повикаа на неовластен протестен марш“, се додава во соопштението.

Областа околу централниот плоштад Таксим е затворена за возила, а движењето на пешаците е под контрола. Полицијата претходната вечер веќе постави бариери во центарот на градот.

Активистите повикаа на протести во корист на правата на ЛГБТК лицата.

Владата со години се обидува да го спречи одржувањето на Парадата на гордоста. Минатата година беа приведени голем број лица.

Како што наведуваат локалните медиуми, хомосексуалните односи не се нелегални во Турција, но владините претставници и претседателот Реџеп Таип Ердоган постојано изразуваат отворено непријателство кон ЛГБТК лицата. /МИА

Французите масовно гласаат во првиот круг од парламентарните избори

 Французите денеска масовно излегуваат на првиот круг од вонредните парламентарни избори, што би можело да го отвори патот на екстремната десница да дојде на власт, пренесуваат странските агенции.

Излезноста на гласачите до пладне беше 25,90 отсто, односно повеќе од претходните избори во 2022 година, кога до пладне гласаа 18,43 отсто од граѓаните.

Многу политичари гласаа во нивните области утринава, вклучително и претседателот Емануел Макрон, лидерката на екстремната десница Марин Ле Пен и премиерот Габриел Атал.

Првите резултати од излезните анкети ќе бидат познати околу 20 часот по затворањето на гласачките места.

Според последните анкети, екстремната десница предводена од младиот Жордан Бардела (28) би можела да освои меѓу 35 и 36,5 отсто од гласовите.

На второ место треба да биде левата коалиција, во која радикалната левичарска партија Непокорна Франција е со 27,5 до 29 отсто од гласовите, додека центристичката коалиција на Макрон е на трето место со 20,5 до 21 отсто од гласовите. /МИА

притисни ентер