Новиот закон за легализација на дивоградби значи ослободување од одговорност на сите обвинети

Можност да им се овозможи на граѓаните да си ги легализираат објектите во кои со години живеат или можност за озаконување на криминални градби изградени скоро? 

Овие дилеми се отворија откако синоќа во Собранието во скратена постапка и консензус меѓу најголемите партии беше усвоен Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти.

Новите законски измени дозволуваат легализација на објекти, гаражи, остави и базени изградени без дозвола за градба, до денес. Од Законот се исклучени дивоградбите во границите на Охридскиот регион каде има природното и културното наследство, како и дивоизградените згради, а за дивограбите во националните паркови и заштитените подрчја ќе биде потребна претходна согласност од институтциите.

„Целта со овој закон е плаќањето на пенали кој е одреден, не легализација или ставање во правна рамка за еден метар квадратен туку полни комуналии колку што се плаќаат во матичната општина и плус 50 отсто казнени пенали. Секако целта е да ги одвратиме луѓето повеќе да не пристапуваат кон ваквиот тип и начин на градба па потоа легализација и со тоа сакаме да направиме еден притисок ова е еден од чекорите од фазите за да можеме да ја намалиме ваквата појава во општеството која ќе се согласиме сите дека постои.“изјави Благоја Бочварски – Министер за транспорт и врски.

Како ретко кој закон, законот беше поддржан и од власта и од опозицијата, со исклучок на неколку пратеници, меѓу кои и тие на ДОМ... Маја Морачанин вели дека со продолжување на овие рокови се праќа индиректна порака до граѓаните дека може да градат на диво и во одреден период да бидат легализирани, што е спротивно на Кривичниот законик.

Членот 41 од Законот, додаден на предлог на пет пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Љупчо Пренџов од ГРОМ, предвидува да се стопираат сите граѓански и кривични постапки за обвинетите за дивоградби. Меѓу другите, такви случаи има и за поранешниеот градоначлник на Карпош, Стевчо Јакимовски, новинарот Драган Павловиќ Латас, како и за сопствениците на објектот кај Мавровка и на објектот спроти американската амбасада.

Законот треба да стапи на сила по 8 дена откако ќе биде објавен во Службен весник, но од ДС на Павле Трајнов побараа од Претседателот Пендаровски да не го потпишува указот и законот да биде вратен во Собранието. Од кабинетот на претседателот велат дека Пендаровски ќе го разгледа законот, а потоа ќе информриа за неговата одлука.

Анализа: Вештачката интелигенција силно ќе влијае на 65 отсто од работните места во Белгија

Вештачката интелигенција (ВИ) во голема мера ќе влијае на 65 отсто од работните места во Белгија, според проценката на една од најголемите банки во земјата, објавена во локалните медиуми. 

Во текстот се наведува дека денес 3,3 милиони белгиски вработени работат во области директно поврзани со развојот на вештачката интелигенција.

Секој трет работник во Белгија има позитивни очекувања од распространувањето на вештачката интелигенција за подобрување на економијата во следните пет години, но 42 отсто стравуваат дека тоа ќе доведе до губење на работни места. Проценката покажува дека во една третина од работните места (1,6 милиони) денес, имплементацијата на вештачката интелигенција ќе помогне да се зголеми продуктивноста, но во 34 проценти (1,7 милиони) може да биде потребна целосна автоматизација.

Најпогодени се очекува да бидат вработени во администрацијата, каде најверојатно ќе има отпуштања, додека вештачката интелигенција ќе може да им помогне на директорите на компаниите, хирурзите и судиите без да ги смени. Досега, само 3 отсто од работниците во Белгија стравуваат дека ќе бидат погодени поради вештачката интелигенција во следните пет години, а најрелаксирани се хонорарците, покажуваат податоците. Според проценките, може да се очекува дека воведувањето на вештачката интелигенција ќе ја зголеми економијата за 0,1-0,5 отсто годишно.

Цитираните експерти прецизираат дека европското законодавство за вештачка интелигенција не и дава предност на ЕУ во однос на САД. Според нив, промените на европскиот пазар на труд ќе бидат постепени и може да се очекува појава на нови професии. /МИА

Албанската полиција запленила фалсификувани чекови во вредност од еден милион долари

Уапсени двајца Италијанци.

На граничниот премин Хан Хоти, на албанско-црногорската граница, албанската полиција запленила фалсификувани чекови во вредност од милион долари.

Уапсени се двајца италијанските државјани во чиј автомобил биле откриени фалсификуваните чекови.

Фалсификуваните чекови се одземени како материјален доказ заедно со возилото, 1700 евра, печати и два мобилни телефона и се предадени на Обвинителството при Основниот суд од општата надлежност Скадар за понатамошни дејствија. /МИА

Легендарната бразилска фудбалерка Марта заминува во пензија

 Најдобриот стрелец во историјата на Бразил во машки и женски фудбал, 38-годишната Марта, одлучи да се пензионира оваа година.

Марта, која од 2017 година настапува за американскиот клуб Орландо Прајд, изрази надеж дека пред повлекувањето од фудбалот ќе може да настапи на претстојната Олимпијадата во Париз.

„Ако одам на Олимпијадата, ќе уживам во секој момент, бидејќи, без разлика дали ќе бидам во Париз ова ми е последна година со репрезентацијата, изјави Марта во интервју за Си-Ен-Ен.

„Од 2025 година Марта повеќе ќе ја нема во репрезентацијата. Многу сум смирена поради тоа бидејќи со голем оптимизам гледам на развојот на спортот што го имаме во однос на младите спортисти“, додаде таа.

Марта, позната како „Кралица Марта“, е најдобар стрелец на сите времиња во Бразил со 116 гола на 175 натпревари. Таа е и најдобар стрелец на женските мундијали со 17 голови. /МИА

притисни ентер