Нови приведувања за пожарот во Кочани, состојбата на повредените стабилна - Канал 5

Нови приведувања за пожарот во Кочани, состојбата на повредените стабилна

Активностите на полицијата и на Обвинителството за истрагата за пожарот во Кочани во кој починаа 59 млади лица, а околу 200 се повредени, продолжија синоќа со акција за приведување на лица за кои постои сомнение за инволвираност.

Нови приведувања за пожарот во Кочани, состојбата на повредените стабилна

Според првичните информации, приведени се поранешните градоначалници на Кочани, Николчо Илиев и Ратко Димитровски и градоначалникот во оставка Љупчо Папазов. Јавното обвинителство најави дека денеска ќе информира за акцијата на полициските екипи спроведена по наредба на ОЈО Кочани, каде работи обвинителскиот тим за истрагата.

Папазов беше на сослушување пред обвинител во ОЈО Кочани на 17 март, а Обвинителството по завршување на неговиот распит најави дека дополнително ќе биде донесена одлука за неговиот натамошен статус во постапката.

Се очекуваат следните чекори од обвинителскиот тим и поради истекувањето на мерката краткотраен притвор што бепе определена за 18 лица во предистражна постапка. Со истражните активности до пред приведувањето на тројцата поранешни градоначалници беа опфатени 28 лица.

Веќе е отворена истрага и е определен 30-дневен притвор за седум службени лица, вработени во СВР Штип и ПСОН Кочани, кои се осомнични дека како соизвршители, изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност, му овозможиле на правно лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа.

Полициски службеници од одделот за крим полиција и организиран криминал завчера влегоа и во Општина Кочани, за обезбедување на документација поврзана со дискотеката. Претреси се извршени и на две лица, вработени во Министерство за економија, при што одземени се техничка опрема, документација, оружје, муниција... а, исто така, претреси извршени се и кај управителот и одговорното лице на дискотеката. Меѓу лицата на кои им е определен краткотраен притвор се и поранешен министер за економија и поранешен директор на Државниот пазарен инспекторат.

Според јавниот обвинител Љупчо Коцевски, сите докази за дискотеката „Пулс“ упатуваат на кривично дело - тешки дела против општата безбедност, за што е предвидена казна затвор до 20 години.

-Доказите кои секој ден ги собираме укажуваат на тоа дека коренот всушност е една општа ерозија на системот, култура на непочитување на законот и правилата, но и длабока системска корупција. Обвинителството, за жал, не е орган на превенција, туку на репресија. Дали и како може да се спречеше ваков епилог? Би рекол, можеби. Но, сега е на нас да се соочиме со последиците, да ги казниме одговорните за оваа катастрофа и да спречиме да се повтори ваква трагедија, вели Коцевски, во вчерашното интервју за белградска „Политика“.

Како што укажува, заедничко за трагичните настани со кои се соочивме изминатите години е тоа што покрај директната причина за катастрофата, често постои и дополнителен причинител во вид на непочитување на законот и системска корупција, што, потенцира, значително ги зголемува катастрофалните последици.

Во однос на прашањето дали надлежните органи биле известени за овој настан и дали ја извршиле својата професионална должност која овој настан ја наметнувал, одговори дека сето тоа ќе се провери во рамки на истрагата.

- Сè тоа ќе провериме во рамки на истрагата. Сите тие закони и прописи постоеле на хартија, а до сега не сме пронашле скоро ниеден кој бил почитуван. До овој момент, во статус на осомничени се 28 лица, од кои три се во болница, 18 се притворени во предистражна постапка, а против седум полициски службеници се води истрага и тие се исто така во притвор. Доказите се собираат во изјави и во материјален облик, но и во форма на експертизи и стручни мислења од одредени области. Сите овие докази до сега упатуваат на сомневање за основно кривично дело – тешки дела против општа безбедност поради директно загрозување на животот и телото на лица, за што е предвидена казна до 20 години. Истражуваат и давање и примање на мито, незаконитости во набавката на пиротехнички средства, како и неколку други кривични дела, посочува Коцевски.

Најавува дека истрагата ќе биде брза, ефикасна и сеопфатна и оти ќе одговараат и тие кои со неработење и непочитување на службените должности сносат дел од вината за катастрофата.

Според последните информации од Министерството за здравство, состојбата на повредените лица во пожарот е стабилна и се подобрува. Од вкупно 20 што беа критични, 10 се во потешка состојба, но се надвор од животна опасност. Во државава се лекуваат 62, а во странство 111. Од тие на лекување во државава, тројца се пуштени на домашно лекување, а најавено е испишување на уште тројца. Веќе в понеделник се очекува враќање во државава и на првите пациенти од странство.

- Сите пациенти кои се лекуваат тука и надвор од државата се во стабилна и добра состојба, повеќето се подобруваат. Од идната недела се надевам ќе ве известуваме за тоа колку пациенти го продолжуваат лекувањето дома и за такви што ќе се враќаат од странските држави, изјави вчера министерот за здравство Арбен Таравари.

Пациенти од пожарот во државава се хоспитализирани во Клинички центар Скопје, ГОБ „8 Септември“, во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“, Клиничката болница во Штип, како и во приватните клиники „Систина“ и „Жан Митрев“. Таравари најави дека ќе им бидат направени токсиколошки анализи пред да бидат пуштени на домашно лекување. На домашните лекари им помагаат колеги од Израел и Чешка, а тим од Велика Британија ќе помага за следната фаза од лекувањето.

Уште тројца пациенти вчера беа испратени во Турција и седум во Шпанија, со што вкупниот број на лица со повреди од пожарот на лекување во странство достигна 111. Министерството за здравство вчера го објави и списокот со медицински центри во странство каде се лекуваат пациенти од пожарот. Листата содржи медицински центри во Србија, Бугарија, Словенија, Хрватска, Грција, Италија, Австрија, Белгија, Литванија, Турција, Шведска, Унгарија и Полска.

Како што најави директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски, последниот транспорт со двајца повредени ќе биде во Чешката Република. Тој очекува в понеделник во државава да бидат вратени првите пациенти од пожарот во Кочани кои се лекуваат во странство.

-Траумата е огромна во цела земја, посебно во Кочани, Облешево, Виница, местата каде има погинати. Има потреба од психосоцијална работа, и кај здравствените работници, посебно во Кочани. Сега заедно со дефинирање на планот за враќање на повредените веќе размислуваме за следните фази. И британската Влада и изралеското МЗ понудија да ни помогнат да го конципираме планот што ќе правиме следната една - две години бидејќи оваа трагедија ќе дава последици кои ќе траат подолго, рече Клековски вчеравечер во телевизиско гостување.

Финансирањето на лекувањето на пациентите е прашање на кое во првите денови од несреќата не размислувала Владата, а ниту го покренале соседите, но Клековски кажа дека тоа дополнително ќе се отвори бидејќи дел од лекувањата ќе бидат исклучително долготрајни, гледано од досегашни искуства на Фондот.

Како што соопшти директорот на Служба за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР), Ивица Томовски, досега за 142 лица од семејствата на повредените од пожарот на лекување во странство државата обезбеди авионски карти и сместување потрошени се почетно околу 3,5 милиони денари.

Одлуката на Владата е да се покриваат трошоците за по две лица за еден повреден, но, како што посочи, ќе бидат покриени трошоците ако заминале и по тројца-четворица.

- Со сите телефонски оператори е одлучено сите телефонски броеви кои ги имаат од лицата кои се надвор од Македонија, да бидат ослободени од роаминг и интернет, за да можат непречено да контактираат со своите најблиски кои се останати во земјава, а и со институциите, рече Томовски синоќа во интервју за ТВ 21.

Преку Црвениот крст заклучно со вчера се обезбедни 42.739.931 денар за поддршка на настраданите во пожарот во Кочани. Останува повикот да продолжи хуманоста и солидарноста за обезбедување помош за настраданите семејства преку сметката на Фондот на солидарноста на Црвениот крст на РСМ: 300000001327966, даночен број: 4030984271620 АД Комерцијална банка со назнака: помош за настраданите граѓани во пожарот во Кочани, како и со повик на телефонските броеви на Македонски телеком и А1 Македонија143 400 (донација од 100 денари од телефонски повик).

Несреќата се случи рано неделата во дискотеката „Пулс“ каде настапуваше групата „ДНК“. Починатите во пожарот се на возраст од 16 до 48 години. Најголем број се на возраст на 24 и 26 години. Шестмина се на возраст од 21 година, а на возраст од 18 и 36 години загинати се по четири лица. На 16-годишна возраст загинати се тројца, исто толку и на 17-годишна возраст и на 25 години. По двајца загинати има на 20, 23, 27, 31, 38 и 44 години. По еден загинат има на возраст од 19, 29, 32,33, 43, 47 и 48 години. Во несреќата животот го загубија и три лица од бендот ДНК.

Починатите во пожарот вчера беа погребани во Кочани, Штип, Облешево и Скопје.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Тркало отпадна од автомобил и со цела сила удри во момче, страшниот момент е снимен од надзорна камера (ВИДЕО)

Едноставна прошетка се претвори во драматичен инцидент за 19-годишник од Сантијаго, главниот град на Чиле.

Тркало отпадна од автомобил и со цела сила удри во момче, страшниот момент е снимен од надзорна камера (ВИДЕО)

Младиот човек безгрижно одел по тротоарот кога, од никаде, пред него се појавило тркало од автомобил и со голема брзина излетало од правец на улицата.

Тој поминал со полесни повреди

Снимка од надзорна камера го забележала драматичниот момент во кој момчето било соборено на земја од силата на ударот, по што загрижените сограѓани му се приближиле.

И покрај сè, 19-годишникот преживеал и бил пренесен во клиниката Санта Марија, каде што добил прва помош за повреди на челото, лицето и градите.

Надлежните органи го идентификувале возилото од кое се откинало тркалото, како и возачот, а започната е истрага за да се утврдат околностите на бизарниот инцидент.

Тркалото удрило и во два автомобила

Според изјавата на возачот, автомобилот бил паркиран во гаражата непосредно пред несреќата. Додека возел, едно од тркалата одеднаш се откинало, објавува Иефимерида.

Прво удри во два автомобила, потоа се одби и со голема брзина летна на широкиот тротоар на авенијата Лос Леонес. Во следниот момент, силно го удри 19-годишникот одзади, соборувајќи го на земја.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Апокалиптични снимки од Нов Зеланд: Десетици китови умираат на плажа (ВИДЕО)

Десетици китови-пилоти се пронајдени насукани на плажа на Северниот остров на Нов Зеланд, а спасувачите се обидуваат да ги вратат малкуте преживеани во морето, соопшти Одделот за заштита на природата.

Апокалиптични снимки од Нов Зеланд: Десетици китови умираат на плажа (ВИДЕО)

Најмалку 20 китови-пилоти се насукани по должината на брегот на Нгави, во близина на ’ртот Палисер, најјужната точка на Северниот остров, според „The Straits Times“.

Одделот соопшти дека соработува со локалното племе Маори и Проектот Џона, организација специјализирана за спасување на насукани китови. Досега, две животни се успешно вратени во морето.

Според локалните жители, дури 50 китови се насукале на брегот преку ноќ, објави Радио Нов Зеланд.

Повеќето од животните им подлегнале на повредите, додека волонтерите се обидуваат да ги одржат преживеаните китови во живот и да спречат нивно дехидрирање користејќи кофи со вода и крпи.

„Ужасно е. Оние што се уште се живи едвај дишат“, изјави жителот на Нгави, Роб Барг, за Радио Нов Зеланд.

Проектот Џона објави на Фејсбук на 5 ноември дека четири од китовите се уште се живи и дека спасувачите ќе се обидат да ги вратат во морето при плима. Насукувањето на китови е релативно честа појава во Нов Зеланд и соседна Австралија, поради големиот број китови-пилоти кои ги населуваат длабоките води околу двете островски земји. Причината за феноменот е сè уште непозната.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Лидер на секта е осуден на 200 години затвор поради убиство на 190 деца- одговорен е за смртта на 500 луѓе

Кенискиот суд денеска го осуди водачот на сектата Пол Мекензи на 200 години затвор за убиство на 190 деца кои биле изгладнети до смрт и закопани во шумата по негова наредба. 

Лидер на секта е осуден на 200 години затвор поради убиство на 190 деца- одговорен е за смртта на 500 луѓе

Тие се меѓу околу 500 лица осомничени дека се поврзани со едно од најлошите масовни ритуални злосторства во модерната историја.

Казната се состои од 100 години затвор за убиствата од глад и уште 100 години за директните убиства, изјави судијката Дијана Кавеџа читајќи ја пресудата, објави Ројтерс.

Обвинителството изјави дека Мекензи, кој водел апокалиптична христијанска црква во шума во близина на брегот на Индискиот Океан во источна Кенија, им рекол на своите следбеници да се изгладнат себеси и своите деца до смрт за да стигнат до рајот пред крајот на светот.

Неговите соучесници им се заканувале и ги тепале жртвите за да ги принудат да ги следат неговите наредби. Изгладнетите тела биле пронајдени расфрлани во плитки гробови и фрлени во тоалети. Некои жртви биле закопани живи.

Макензи, облечен во сива поло маица и црни панталони, се насмевна додека влегуваше во шатор поставен пред судот каде што се одржуваше рочиштето.

Тој ги негираше обвиненијата за убиство, велејќи дека не ги принудил жртвите да гладуваат. Судот ја отфрли неговата одбрана.

Татко загубил шест деца

Случајот ја шокираше Кенија во април 2023 година, кога полицијата почна да открива тела во шумата Шакахола, во близина на крајбрежниот град Малинди.

Иако судењето ги опфаќа само случаите на 190 деца и една возрасна жртва, Националната комисија за човекови права на Кенија вели дека вкупно 448 тела се пронајдени во шумата.

Макензи е обвинет и за наредба за убиства на 52 лица пронајдени на друга локација, во село оддалечено 30 километри, со што бројот на потенцијални жртви се зголеми на 500. Во тој случај, тој се изјасни за невин.

Размерот на убиствата е споредлив со апокалиптичниот култен злостор во кој загинаа повеќе од 700 луѓе во Уганда во 2000 година, како и масакрот во Џонстаун во Гвајана во 1978 година, кога американски водач на секта им наредил на повеќе од 900 луѓе да пијат отров.

Стивен Мвити, 48, татко на шесте деца на Мекензи кои биле жртви и сопруг на еден од неговите осудени соучесници, рече дека неговата сопруга ги однела децата во Шакахоле, каде што умреле од глад.

Дури и ако возрасните се согласат да постат, „што е со децата?“, праша Мвити за Ројтерс пред пресудата.

„Ги изгубив моите деца и нема да можам да ги вратам, без разлика што ќе се случи со Мекензи и неговите соучесници“, рече Мвити.

„Очекувам да биде осуден на смрт или доживотен затвор, за да не излезе никогаш и да предизвика повеќе смртни случаи.“

Ден Мекензи, еден од синовите на Пол, рече дека неговиот татко не го поштедил своето семејство.

„Не завршив во Шакахола затоа што повеќе не верував дека ќе одиме во рајот. Затоа ја напуштив црквата и почнав да си го правам своето“, изјави тој за Ројтерс.

„Исто така, изгубив пријатели, како и помлад брат. Ова е правда за луѓето што ги изгубивме таму во Шакахола.“

Важен чекор, но потребна е поголема одговорност

Макензи е на радарот на властите од 2017 година, кога полицијата изврши рација во неговите простории. Властите ја затворија неговата црква во Малинди во 2019 година, по што тој се пресели во блиската шума Шакахола.

Откритијата доведоа до повици за построги контроли врз религиозните групи

Кенискиот претседател Вилијам Руто назначи работна група во мај 2023 година за да ја разгледа законската и регулаторната рамка. Одделни предлози поддржани од владата и Сенатот беа објавени во 2024 година, но сè уште не се усвоени.

Оџиро Одиамбо, раководител на единицата за брза реакција во Комисијата за човекови права на Кенија, рече дека пресудата е важен чекор, но дека одговорноста мора да се прошири, бидејќи локалните администратори, полицијата, разузнавачките службеници и верските водачи се сметаат за одговорни за тоа што не постапиле по повторените предупредувања.

„Сите овие луѓе ги изневериле граѓаните“, рече тој.

Руто во 2023 година изјави дека како претседател ја преземал одговорноста за неуспехот на владата да спречи умирање на луѓе.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер