Нови правила на „Евровизија“

Годинашната „Евровизија“, според многумина, е најконтроверзниот натпревар последниве години. 

А, Европската радиодифузна унија - ЕБУ се соочи со критики од уметниците и националните радиодифузери, меѓу другото, и за небезбедни работни услови и недостаток на приватност за уметниците.

Поттикната од тоа, ЕБУ за „Евровизија 2025“ реши да воведе и „продуцент на добросостојба“ кој ќе се грижи за уметниците и персоналот... Како дел од новите правила на однесување и протоколарни должности и заради поголема одговорност за сите вклучени во настанот.

„Протоколот е насочен на обезбедување безбедност, благосостојба и успех на сите уметници-учесници. Тоа ја нагласува заедничката одговорност на ЕБУ, домаќинот и радиодифузерите коишто учествуваат во заштитата на уметниците од непотребна физичка или емоционална вознемиреност. Протоколот дава насоки за шефовите на делегации за ефективна поддршка на уметниците, минимизирање на опасностите и поттикнување позитивно искуство во текот на нивното учество на Изборот за песна на Евровизија“, соопшти ЕБУ.

Новите правила, меѓу другото, пропишуваат: зони за неснимање на битниот простор на уметниците, со цел на учесниците да им се обезбеди приватност и подготовка за нивните изведби, повеќе проби зад затворени врати за да им се помогне на уметниците да се сосредоточат на нивните изведби без одвлекување на вниманието, оптимизирани распореди на проби заради сигурност дека уметниците имаат многу време за одмор и уживање во градот-домаќин, воведување продуцент за добросостојба, кој би бил клучна точка за контакт за уметниците и персоналот за средина каде што ќе владее безбедност, почит и поддршка.

Овие промени се осмислени и како гаранција дека уметниците ќе бидат самоуверени на сцената пред медиумите и публиката.

Посебен сообраќаен режим во Скопје за Водици

По повод верскиот празник Богојавление-Водици, утре ќе има посебен режим на сообраќај на одредени сообраќајници во централното градско подрачје на Скопје, како и во општините Ѓорче Петров, Кисела Вода и Аеродром. 

СВР Скопје соопшти дека во центарот на градот за сообраќај ќе биде затворена улицата „Филип Втори Македонски“ на потег од крстосница со булеварот „Гоце Делчев“ до крстосница со улицата „11-ти Октомври“ во двете насоки.

Во општина Кисела Вода за сообраќај ќе бидат затворени улиците „14-ти Декември“ и дел од улицата „Христо Татарчев“ до салата „Расадник“.

Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, булеварот „Партизански Одреди“ до улицата „Ѓорче Петров“, потоа улицата „Ѓорче Петров“ до улицата „Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, улицата „Козле“, дел од улицата „Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар.

Познато е зошто се лутат Холанѓаните- Македонец го плукнал селекторот, кој збеснал

Незадоволство и луто скандирање на натпреварот помеѓу Холандија и Македонија (37:32 часот) во второто коло на Светското ракометно првенство во Вараждин.

Македонците незадоволни од резултатот и од судиските одлуки го гаѓаа теренот со предмети. Исплашените Холанѓани морале да побегнат, објави Индекс.

Холандски НОС пишува дека македонски навивач го плукнал холандскиот селектор Стафан Олсон, а тоа наводно го потврдил и портпаролот на холандската репрезентација. Потоа шокираниот Холанѓанец побегнал во соблекувалната пред да биде доделена наградата за играч на натпреварот. Легендарниот Швеѓанец Олсон бесно се сврте кон Македонците и кратко им аплаудираше на своите играчи и навивачи пред конечно да замине во соблекувалната.

"Тоа беше голема драма, многу тесна игра. Холанѓаните секогаш беа чекор понапред од Македонците. Заврши во хаос, последните минути завршија со фрлање предмети на теренот. Македонските навивачи ги избркаа Холанѓаните надвор од теренот. “, објави новинарот на ТВ2, Сорен Ридц.

"Човеку, почнаа да нѐ гаѓаат со секакви предмети. Вакво нешто не сум доживеал. Очигледно е така на Балканот. Во еден момент кога требаше да ја фрлам топката, тие го полеаја со вода голот. Апсолутно лудо, ова нема никаква врска со ракометот.“

ММФ ја зголеми проекцијата за економијата на САД, а ја намали за ЕУ

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) објави ажурирана прогноза за светската економија, во која проценува дека годинава ќе забележи раст од 3,3 отсто, што е нагорна проекција од 0,1 процент во однос на претходната октомвриска проекција.

Меѓу водечките светски економии, најзначајна промена бележат САД, пораст од 0,5 процентни поени, така што сега се очекува годинава да достигне 2,7 отсто, што го зголемува јазот во однос на другите напредни економии, особено во однос на Европската Унија.

Оваа прогноза е направена без да се земат предвид потенцијалните политики што ќе ги води новиот американски претседател Доналд Трамп, бидејќи ММФ нема прецизна претстава што и како ќе се прави, посочуваат од институцијата.

- Економијата на САД се држи многу добро, со солиден пазар на труд, а личната потрошувачка останува силна. Спротивно на тоа, иако се забележува раст во еврозоната, сепак, прогнозите се ревидирани надолу, изјави главниот економист на ММФ, Пјер Оливие Гуринша.

Проблемот произлегува од двете големи европски економии, Германија и Франција, чии прогнози се ревидирани надолу, за разлика од Шпанија, која веќе има добри показатели во последните две години, а ММФ од неа очекува уште повеќе оваа година, со раст од 2,3 проценти.

Германија, која имаше рецесија две последователни години, едвај ќе премине на позитивна територија, со очекуван раст од 0,3 отсто, ревидиран за 0,5 процентни поени надолу од последната прогноза на ММФ во октомври.

- Постои загриженост за зголемувањето на цените на енергијата во некои земји, но исто така и одредена несигурност во врска со трговијата со Кина или САД и што би можело да се случи во иднина. Тоа влијае на земјите како Германија и Франција, рече Гуринша.

Разликите забележани меѓу западните земји се видливи и меѓу земјите во брз развој, при што економскиот раст на Кина забавува од година во година.

ММФ ја ревидираше нагоре својата прогноза за економски раст на Кина за 2025 година, очекувајќи да биде 4,6 отсто, но тоа е пониско од 2024 кога имаше раст од 4,8 проценти, а тој тренд се очекува да продолжи и во 2026 година.

Добрата вест во извештајот е дека инфлацијата во развиените економии треба да се врати приближно на два отсто колку што е целта на главните централни банки, со проектирани 2,1 отсто за оваа година и 2 отсто за 2026, што е знак дека врвот на инфлацијата од 2022 година е минато.

Иако инфлацијата во земјите во брз развој и во развој е повисока, и се очекува да изнесува 5,6 отсто, таа е ревидирана надолу и бележи забавување во однос на 2024 година, а тој тренд се очекува да продолжи и следната година, проценува ММФ во најновиот извештај за светската економија.

притисни ентер