Новата холандска Влада денеска ќе положи заклетва

Новата холандска Влада денеска ќе положи заклетва повеќе од седум месеци по изборите. 

Кабинетот на чело со Дик Шуф ќе стапи на должност, а министрите и државните секретари ќе положат заклетва пред кралот Вилем-Александар во палатата Хуис тен Бош, пишува „НЛ Тајмс“.

Членовите на новата влада веднаш потоа ќе се соберат на владина седница. Тие треба да почнат да работат во наредните недели за да ги спроведат договорите постигнати во коалицискиот договор на Партијата на слободата, Партијата на десниот центар на премиерот во заминување Марк Руте, Центристичката партија и Протестната партија на земјоделците.

Во новиот кабинет има малку луѓе со искуство во државна администрација. Во владата претходно беа државната секретарка Оли Мариел Пол од Партијата на десниот центар и вицепремиерката Мона Кејзер од Протестната партија на земјоделците. Сепак, огромното мнозинство членови на владата доаѓаат од политички кругови и покрај претходните планови околу половина од новите министри да бидат надвор од светот на политиката.

Подоцна денеска, ресори во различни министерства ќе бидат доделени на нови министри. Дик Шуф ​​го наследи Марк Руте, кој е назначен за нов генерален секретар на НАТО.

Летно кино во Ѓорче Петров

Општина Ѓорче Петров во соработка со Кинотека Македонија првпат организира низа на филмски проекции низ повеќето населби на територијата на општината.

Филмскиот караван започнува овој викенд (6-ти и 7-ми јули) во населба Хром, поточно на полјанката.

Проекциите ќе се реализираат по следниот редослед: 6-ти јули (сабота) во 21часот - филм за деца до 15 годишна возраст „Стела" во режија на Стојан Вујишиќ. На 7-ми јули во недела во 21 часот предвидена е проекција на филм за повозрасната генерација "Те дуа, жими мене" - филм на Марјан Гавриловски.

Целта на овој проект е промоцијата на културата, како и промовирање на македонски филмови, со цел да ги зачуваме вредностите и културолошки да ја издигнеме нашата општина.

Мицкоски за пописот во Албанија: Владата на СДСМ и ДУИ оставија простор за пропаганда

Мицкоски за резултатите од пописот во Албанија: Владата на СДСМ и ДУИ оставија празен простор за туѓа пропаганда.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиуми коментирајќи ги резултатите од пописот во Албанија, истакна дека претходната влада на СДСМ и ДУИ оставила празен простор за туѓа пропаганда.

-Тие само го користат просторот што го остави македонската влада и претходниот состав, тоа се СДСМ и ДУИ. Јас ги читам оние комични соопштенија што доаѓаат од СДСМ и навистина не можам да се изначудам на тоа што го кажуваат таму. Ние како држава треба да се грижиме за нашинците од другите страни на границите, не само во соседството, туку насекаде во светот. Жалам што тоа се случува, но виновникот има име и презиме а тоа е владата на СДСМ и ДУИ. Бугарската Влада со својата пропаганда само го користи празниот простор којшто тие им го оставија, рече Мицкоски.

Toj рече оти имаат сериозна амбиција и не само тој простор таму, туку и насекаде во соседството, па и во светот, да се грижат за нашинците насекаде во светот, вклучително и за Македонците во Албанија, и најави дека многу скоро ќе ги посети.

-Многу наскоро јас би сакал да ги посетам и ќе појдам да ги посетам и да поразговарам. Сакам да ја вратам довербата, во корените во нивната антропологија македонска, македонскиот јазик и сите оние атрибути коишто доаѓаат со идентитетот, којшто тие гордо го чуваат, и јас сум горд што имаме такви наши браќа и сестри од другата страна на границата, а ние како држава ќе сториме се да ги заштитиме и да ги заштитиме нивните вековни домови и нивниот идентитет, истакна Мицкоски.

Според него, таа асимилаторска политика, како што кажа, од страна на нашиот источен сосед не е само кај Македонците.

-Ако ги видите бројките, ќе видите дека таа зафаќа голем дел и од останатите граѓани во Албанија. Тоа е нешто коешто мислам дека треба посериозно да се анализира. И сега се поставува прашањето бидејќи во Албанија има речиси трипати повеќе кои се изјаснуваат како дел од бугарската заедница, дали и од Албанија ќе имаме услов да тие бидат во преамбулата на Албанија или нема да бидат. И прашањето е дали и за нив ќе важи тој услов или само за нас ќе важи. И баш би сакал да видам каква ќе биде реакцијата, и не ја сфаќам логиката зошто за нас би важело, а за таму каде што ги има трипати повеќе да не важи. Треба многу внимателно да се пристапи кон овие прашања, рече Мицкоски.

Според последниот попис во Албанија од 2023, во таа држава живеат 2.281 Македонец. Според резултатите од пописот, 7957 се попишани како Бугари. Првпат се случува на попис во Албанија да се попишат лица од оваа националност. Во сите досегашни 11 спроведени пописи ниту еден жител на Албанија не се изјаснил како Бугарин. Македонското МНР викендов излезе со реакција дека прелиминарните резултати од Пописот одржан во Албанија во 2023 година не ја отсликуваат соодветно реалната бројка на етнички Македонци во земјата. Министерството го повика амбасадорот Данчо Марковски на итни консултации во насока на прецизирање на недостатоците и недоследностите во овој процес. - Поради итноста на материјата очекуваме консултациите да се случат во текот на оваа недела и за сите дополнителни детали јавноста ќе биде навремено информирана, беше наведено во соопштението на МНР во понеделникот.

По низата реакции околу резултатите од пописот на населението и домаќинствата што во Албанија беше спроведен во 2023 година, завчера реагираше директорката на Институтот за статистика, ИНСТАТ, Елса Дули, тврдејќи дека пописниот процес бил транспарентен и спроведен со професионализам. Рече дека презема целосна одговорност за точноста на резултатите бидејќи пописот „произвел точна статистика за населението и домаќинствата, во согласност со новите меѓународни препораки и стандарди“.

Подготвен сум да разговарам за предлогот за распуштање на Судскиот совет и на Советот за јавни обвинители, вели Мицкоски.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изрази подготвеност да разговара со експерти, но и со амбасадорите за најавената реформа поврзана со Судскиот совет и со Советот на јавни обвинители. Дел од амбасадорите вчера искажаа забелешки за најавата за нивно распуштање.

- Подготвен сум цел ден да седнеме, да разговараме, да работиме додека не најдеме решение како да биде подобро, само да не биде како досега. Затоа што како што е досега, не е добро, рече Мицкоски во изјава за медиумите дадена при денешната посета на Гевгелија.

Зборувајќи за вчерашните изјави на дел од амбасадорите, Мицкоски рече дека ја слушнал таа изјава, но и дека за политиките на оваа коалиција гласале 600.000 граѓани.

- Некако стана пракса амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи во државата. Во ред, и да е така, 600.000 граѓани гласаа за оваа коалиција. Очигледно тоа за нив не значи ништо и за политиките на оваа Влада. Истовремено тие велат дека е катастрофална состојбата со владеењето на правото, во нивните извештаи велат дека цути криминалот и корупцијата, довербата во Судскиот совет и во Советот на јавни обвинители е на два-три проценти кај граѓаните, рече Мицкоски.

Додаде дека е подготвен да разговара со нив и доколку тоа решение е подобро, веднаш ќе го прифати и примени.

- Еднаш засекогаш да ја вратиме довербата на граѓаните во судско-обвинителските институции затоа што вака очигледно не бива. Видете кои се членови на Судскиот совет и се ви е јасно. Сите бевме сведоци на сите оние драмолетки коишто се случуваа изминатиов период, а поврзани со Судскиот совет, со Советот на јавните обвинители, рече Мицкоски.

Нагласи дека вината има име и презиме и дека таа треба да се лоцира.

Средба Муцунски – Јовановиќ

Денеска, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски оствари средба со амбасадорката на Србија, Невена Јовановиќ.

На средбата беше констатирано дека двете земји одржуваат и негуваат одлични билатерални односи, со посебен фокус на развиената економска и трговска соработка. Притоа, беше поздравен фактот што Србија е наш петти најголем трговски партнер во 2023 година.

Како особено значајно прашање го оценија процесот на интегрирање на двете земји во ЕУ, што претставува гаранција за целокупната регионална и европска стабилност. Воедно, беше нагласено дека двете земји се залагаат за негување на добрососедските односи, што претставува значаен аспект во насока на постигнување напредок на полето на евроинтеграциите.

Соговорниците констатираа заемен интерес и посветеност за натамошно унапредување на билатералната, регионалната и соработката во меѓународните организации, во функција на нејзино збогатување со нови содржини во интерес на просперитетот, мирот и безбедноста на регионот и пошироко.

Воедно, ја реафирмираа солидната соработка и во делот на заштитата на националните малцинства во двете земји.

притисни ентер