Норвешки министер за здравство: До Велигден ќе биде поинаку

Шведска и Норвешка планираат да започнат вакцинирање во првиот квартал од следната година, објавија денес тамошните власти.

Норвешкиот министер за здравство најави „сосема поинаква состојба“ на пандемијата до Велигден.

Шведска поднела барање за пет од шесте вакцини достапни преку механизмот на Европската Унија. Првата вакцина, онаа од Pfizer и BioNTech, може да биде одобрена од Европската Унија веќе на крајот на декември.

Швеѓаните најпрво ќе вакцинираат 600.000 луѓе во домовите за стари лица, а потоа и здравствените работници, лицата над 70 години и групите со висок ризик.

„Прво мора да ги заштитиме најранливите, а потоа да го вакцинираме целото население со цел пандемијата да забави, а потоа да запре“, изјави денеска за Ројтерс шведскиот шеф за јавно здравје, Јохан Карлсон.

Шведска воведе најблаги ограничувачки мерки во Европа, поради што стапката на инфекција и смртност е поголема отколку кај нејзините нордиски соседи, но пониска отколку во неколку европски земји кои се одлучија за целосно затворање. Голем број луѓе починале во домовите за стари лица, а властите беа критикувани затоа што не ги заштитиле. Карлсон очекува вакцинацијата да започне во првиот квартал од следната година, во зависност од брзината на одобрување и дистрибуција на вакцината.

Соседна Норвешка планира да користи три вакцини - од Модерна, АстраЗенека и Фајзер / БиоНТех.

Осло нарача вакцина за околу 1,25 милиони луѓе во првиот квартал од следната година. Норвешка има 5,4 милиони жители, а како земја надвор од Европската Унија, под механизмот на ЕУ, ќе добие пристап до вакцините преку Шведска, која ќе купи поголема количина, а потоа ќе ја продаде на западниот сосед по Новата година.

„До Велигден, ќе имаме сосема поинаква ситуација од денес“, изјави денеска норвешкиот министер за здравство, Бенте Хои.

Охриѓани доследни на традицијата, со музика, топла ракија, плашици одбележан Денот на рибарите

Богојавленските празници во Охрид се меѓу најпочитуваните денови од православниот календар. 

И оваа година охриѓани се собраа на Сараиште за со песна, топла ракија, пржени плашици да го прослават празникот Собор на Свети Јовен Крстител, низ народот познат и како Денот на рибарите, како потсетување на традицијата на капење на рибарите на денот кога се означувал крајот на мрестот на пастрмката и почетокот на сезоната на стопански риболов.

Со оглед на забраната за риболов во поново време Денот на рибарите се одбележува со капење на православните верници од градот, секогаш предводени од тајфата на оној што ќе го фати Чесниот крст. Оваа, како и пред три години, тоа беше дружината на Мартин Гоџоски.

Организацијата на манифестацијата и за Денот на рибарите веќе неколку години е на Локалната самоуправа заедно со Дебарско-кичевската епархија, а во насока на нејзино збогатување што ги придонеле за што поголема масовност и посетеност на гости во градот за празникот Богојавленски водосвет.

Инаку, празнувањето на Богојавленскиот водосвет во Охрид е една од најмасовните црковно-верски манифестации во овој дел од православието, како според бројот посетители на чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро, така и по бројот верници и гости кои влегуваат во студените езерски води за да го фатат Светиот крст.

Артета губи уште еден клучен играч

Централниот дефанзивец на Арсенал, Вилијам Салиба е уште еден клучен играч за „топџиите“ кој заработи повреда. 

Французинот го пропушти натпреварот против Астон Вила поради истегнување, а на негово место во центарот на одбраната стартуваше Јирген Тимбер.

Сепак, сега е јасно дека тој ќе биде надвор од терените околу две недели.

Според „Мирор“, Салиба најверојатно нема да игра на три натпревари - двата во Лигата на шампионите, кои се против Динамо Загреб и Џирона, како и гостувањето кај Вулверхемптон во Премиер лигата.

Планот е да биде достапен за дербито со Манчестер Сити на 2 февруари.

По натпреварот со Астон Вила, менаџерот на Арсенал, Микел Артета призна дека е многу загрижен поради повредата на Салиба. Тогаш Шпанецот се уште немаше информации колку точно ќе отсуствува еден од столбовите на одбраната на тимот.

Сега, сепак, вестите не изгледаат толку лоши како што беа во случаите на Букајо Сака и Габриел Жесус.

Почина момчето кое доживеа струен удар додека се снимаше на вагон во Кисела Вода

Почина 17-годишното момче од скопско Волково, кое доживеа струен удар додека се снимаше на вагон на пруга во Кисела Вода на 16 јануари, потврдија од Клинички центар.

Пред две години, 17-годишна девојка, исто така, доживеа струен удар додека се снимаше на вагон во Маџари. Тогаш, девојката преживеа, но имаше изгореници од трет степен на 30 проценти од телото и помина месец дена на лекување во болница.

притисни ентер