Николоски: Нема бегање од предвремени избори

Денес сме во Автокоманда, во Општина Гази Баба во рамки на редовните активности кои што ги има ВМРО-ДПМНЕ за обнова на Македонија.

Интерактивно од граѓаните ги собираме идеите и предлозите, за новата програма која што ја спремаме за сега веќе извесните предвремени парламентарни избори. Кои што вчера ги видовме со падот на Зоран Заев.

После победата на ВМРО-ДПМНЕ на следните предвремени парламентарни избори она што го собираме од граѓаните и што ќе го собереме во следниот период е основа на програмата по која што планираме да ги вградиме сите нивни идеи да ја обновиме Македонија.

Она што вчера Зоран Заев го кажа, практично го призна тоа што сите го знаат, а тоа е дека е готов, дека е историја, дека е минато и дека останува на најцрните страници на македонската историја. Со него е завршено. А, сега треба да видиме и да се обединиме за обнова на Македонија, затоа што граѓаните заслужуваат прво да им го вратиме достоинството, потоа економски да ја обновиме, и да живеат поубаво и посперитетно тука во Македонија.

Прашање: Денеска имате лидерска средба, што ќе побарате како партија? Што очекувате како партија? И на кој датум според вас е најдобро да се организираат предвремените избори?

Одговор: Во однос на лидерската средба очекуваме да видиме кој ќе биде дневниот ред, предложен од Стево Пендаровски, од претседателот на државата. Да видиме за што мисли да разговараме. Секако ние мислиме, сакаме и ќе разговараме за предвремени парламентарни избори. Тие мора да се случат. Бегање од нив нема. Зоран Заев до пред неколку дена бегаше. После фијаското кое што му се случи и силниот притисок којшто ние го направивме вчера се согласи на предвремени парламентарни избори. Ако до денес не се премисли, тогаш да се договориме технички за истите. Ако се премисли ќе направиме силен притисок за предвремени парламентарни избори да се случат. Во однос на очекувањата многу едноставно е Република Македонија има изборен законик и има Устав, треба двата да се испочитуваат и да одиме на избори. Тоа што Зоран Заев го имаше на претходните избори, сега треба да го има ВМРО-ДПМНЕ и да одиме на едни чисти, фер и демократски избори.

Прашање: Датумот за избори според вас кога би бил најдобар?

Одговор: Датумот за избори е нешто што претпоставувам ќе се договара попладне на лидерската средба. Би било по мене претенциозно сега да говорам за тоа, но кажав треба да се испочитуваат Уставот и законите во Македонија и да одиме на чисти, фер и демократски избори.

Александар Николоски, Потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер