Николоски-Гир: Регионално поврзување преку изградба и модернизација на европските коридори

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска оствари работна средба со Амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир.

На средбата министерот Николоски ја презентираше програмската определба на Владата и Министерството за транспорт, со посебен акцент на развој на инфраструктурата.

Тој ги потенцираше проектите за унапредување на целокупната инфраструктура, истакнувајќи ја заложбата на Владата за подобрување на регионалното поврзување преку изградба и модернизација на европските коридори.

Исто така, министерот Николоски ја истакна огромната важност од зголемување на капацитетите и потребата од искористување на средствата преку ИПА фондовите.

Тој на средбата ја истакна и важноста за континуираната поддршка што ја овозможува Европската Унија во евроинтегративниот процес како врвен приоритет и изрази благодарност за таквата соработка.

На средбата беше заклучено дека Владата во соработка со ЕУ ќе продолжи посветено да работи на реформските процеси, на борбата против корпуцијата и владееење на правото, соопшти Министерството.

Воз во Турција застана за да ги поздрави навивачите на Евро (ВИДЕО)

Познато е дека турските навивачи се едни од најстрасните во светот.

Тоа е особено видливо за време на Европското првенство во Германија, каде нивната репрезентација под водство на селекторот Винченцо Монтела и со поддршка од илјадници навивачи стигна до четвртфиналето во кое ќе игра со Холандија.

Во осминафиналето Турција во Лајпциг ја победи Австрија со 2:1, а јунак на победата беше стоперот Мерих Демирал, кој постигна два гола. Натпреварот го следеа многу навивачи во нивната татковина, а на интернет од Истанбул се прошири навистина необична сцена.

Една фан зона со голем екран се наоѓала веднаш до железничката пруга каде што воз решил да застане на кратко. Патниците гледаа во екранот низ прозорецот, а машиновозачот со сирена ја поздрави толпата и го засили нивниот ентузијазам.

Во Албанија уапсен поранешениот министер за здравство Беќај

По налог на Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција (СПАК) денеска е уапсен поранешниот албански министер за здравство Илир Беќај.

- Според обвинителството, Беќај додека ја извршувал функцијата директор на државната Агенција за стратешки програми позната како САСПАК, создал коруптивна шема со цел да профитира преку организирање фиктивни тендери. Покрај Беќај, уапсени се и двајца негови соработници, Ермал Кертулај и Алфред Најкола.

На тројцата судија во претходна постапка им одредил мерка притвор, на други две лица „домашен притвор“ а две лица ќе се бранат од слобода.

- Против поранешниот министер Беќај и останатите осомничени СПАК подигна неколку обвиненија, почнувајќи од корупција, прикривање или непријавување богатство, повреда на еднаквоста на тендерите и измама. Беќај, додека ја водеше Агенцијата организирал најмалку осум тендери за услуги во рамките на два настани организирани во 2023 година, но реално тие не биле предмет на редовна постапка за набавка, туку победникот бил договорен и утврден многу порано а постапката за набавка била спроведена фиктивно заради документација и плаќање, додаваат медиуми повикувајќи се на СПАК.

Според истиот извор преку угостителски објект чиј фактички сопственик бил Беќај, но фигурирало друго лице, само во еден случај за одржување конференција потрошени биле 125.000 евра, а во друг за една вечера околу 40.000 евра. Постојат цврсти докази дека се вршело перење пари преку ресторанот.

Честитка од премиерот Мицкоски по повод Денот на независноста на САД 4 Јули

Премиерот Христијан Мицкоски денеска упати честитки по повод независноста на Соединетите Американски Држави 4 Јули.

-Во името на Владата и во мое лично име, дозволете да упатам најискрени честитки по повод 248-годишнината од независноста на Соединетите Американски Држави. Овој значаен ден ја симболизира борбата за слобода и демократија кои се носечки вредности кои ги споделуваат нашите две нации. Имаме долгогодишно пријателство кое го поттикнува мирот, стабилноста и просперитетот на нашите земји, поширокиот регион и светот, вели Мицкоски во објавата на својот фејсбук профил додавајќи дека на американскиот народ му посакува ден исполнет со радост, гордост и единство.

Ние, потенцира премиерот Мицкоски, продолжуваме да бидеме силно посветени за натамошен развој на оваа плодна соработка и за уште поголемо зајакнување на нашите билатерални врски.

притисни ентер