Независниот синдикат на судската полиција бара нова опрема, униформи, зголемување на платата и бенефициран стаж

Судските полицајци ќе чекаат по спроведувањето на изборите и формирањето на новата влада  да преземат нови чекори за решавање на нивните проблеми.

Независниот синдикат на судската полиција го поздравува Планот за едукација и тренинг на вработените, кој го донесе Министерството за правда, сепак посочува дека секоја година се носи ваков план, но не е спроведен, бидејќи мора претходно да се обезбедат услови за негово исполнување, изјави претседателот на Независниот синдикат на судската полиција, Владимир Литовски на денешната прес-конференција пред штипскиот Основен и Апелациски суд.

-Во планот е наведено дека треба да имаме обука и со оружје, автоматско, друго оружје, скенери, магнетни врати, а ние во судовите имаме проблеми. Има и судови каде што судските полицајци немаат ниту униформи, а да не зборуваме за оружје или за скенери за магнетни врати. Таму, пак, каде што постојат поголем дел се нефункционални и не може да се изведува таквата обука. Сметаме дека е неразбирливо да се обучуваат судските полицајци за претрес или заштита на вработените во судовите или за безбедноста на судовите, а да нема средства за работа, вели Литовски.

Тој истакна дека во текот на минатата година разговарале и со министерката за правда за зголемување на платите на судските полицајци за 20 %, а исто така и за бенефициран стаж на вработените во судската полиција.

-Бевме дојдени до степен дека ќе се донеси тој правилник, но како што гледаме нема ништо. На истите преговори се разговараше и за измените да се добие бенефициран стаж, затоа што не личи во униформа на 64 години, човек да може да се справува со криминалците и со странките, кои влегуваат во судот, вели Литовски.

Апелираше дека е крајно време да се исполнат барањата на судската полиција, со цел да си ги извршува своите работни задачи. Смета дека безбедноста на судовите е на катастрофално ниво и порача да не се чека со исполнување на барањата за да не се случи настанот во судот во Виница, кога токму поради овој немил настан и беше формирана судската полиција. Литовски рече дека од страна на институциите во изминатите години немале никаква поддршка. На новинарско прашање тој рече дека судската полиција во земјава има добиено униформа пред повеќе од 12 години од Министерството за правда.

-Секоја година се префрла како обврска на секој претседател на суд да набави униформа и оставени сме на добрата воља на претседателите на судовите. Кај се набавило по нешто, кај ништо и изгледаме како „паравојска", бидејќи сегде се различни униформите, оти секој претседател од различно место ги набавува и немаме унифицирана униформа, рече Литовски.

Судските полицајци ќе чекаат по спроведувањето на изборите и формирањето на новата влада да преземат нови чекори за решавање на нивните проблеми.

-Со цел да не испадне дека се мешаме, а најмалку сакаме со политика да се расправаме и после тоа ќе бидат преземени порадикални чекори, ако нема слух и од новата Владата, рече Литовски.

Во земјава низ судовите се вработени 183 судски полицајци, а како што рече Литовски во независниот синдикат членуваат околу 60 проценти од вработените и се сметаат за репрезентативен да ги застапуваат интересите и барањата на судските полицајци. /МИА

Водата во Скопје е безбедна за пиење

Анализите на Секторот за санитарна контрола, направени на 149 примероци од 41 мерни места во градот, во период од 22 до 26 април, покажаа дека водата во Скопје е безбедна за пиење, соопшти ЈП Водовод и канализација.

Секторот за санитарна контрола земал 149 примероци за физичко-хемиска и 149 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 41 мерни места во град Скопје и согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци ОДГОВАРААТ на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.

Неформална дводневна средба на Советот за општи работи на ЕУ

Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) денеска и утре ќе одржи неформално заседание, на кое централен настан ќе биде одбележување на 20-годишнината од големото проширување на Унијата на 1 мај 2004 година. 

Заседанието ќе започне вечерва со свеченост во Центарот за ликовни уметности „Бозар“ во Брисел со која ќе се одбележи годишнината од приемот на Естонија, Кипар, Малта, Летонија, Литванија, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка во Европската унија.

Работниот дел од неформалното заседание на ГАК ќе продолжи утре во чии рамки министрите или државни секретари на земјите членки на ЕУ задолжени за европски прашања ќе одржат серија работни сесии на кои ќе разговараат за процесот на проширување, вклучувајќи и за искуствата од проширувањето во 2004 година, за потребата од зајакнување на Унијата, како и инструментите на блокот за заштита на владеењето на правото.

Меѓу другото, предвидено е европските министри да одржат размена на мислења со претставници на земјите кандидати и аспиранти за членство на ЕУ за владеењето на правото во рамките на процесот на проширување.

На заседанието ќе стане збор и за важноста за почитување на владеењето на правото во рамки на Унијата, како и за потенцијални подобрувања на постоечките механизми на заштита на овој принцип и нивната ефикасност.

На состанок европските министри ќе разговараат и за иднината на ЕУ, при што се очекува да разменат мислења за потребните чекори и реформи за зајакнување на капацитетот за дејствување на Унијата.

Неформалните заседанија на Советите на ЕУ се средби на ресорните министри на кои не се носат никакви одлуки, туку само се дебатира и се разменуваат мислења за различни теми и прашања по кои треба да се решава на формалните средби или на состаноци на други тела на Унијата. /МИА

Александар Николовски од УКИМ избран за претседавач на Националното студентско тело

Претседателот на Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје Александар Николовски е избран за претседавач на Националното студентско тело со мандат од една година односно до април 2025.

На втората седница на ова тело одржана во саботата, тој е избран од присутните претседатели на студентски собранија на универзитетите „Св. Климент Охридски“ - Битола, „Гоце Делчев“ - Штип, Универзитет на Југоисточна Европа, Американски универзитет во Европа ФОН и Американ колеџ Скопје.

Целта на Националното студентско тело е да претставува највисока форма на обединување на универзитетските студентски собранија во државата кое ги застапува студентите.

На седницата беше претставена и кандидатурата на Николовски за претседавач со предлог акциски план која ќе стане дел од програмата за работа на ова тело.

Краткорочни цели во неговиот Акциски план, кои планира да ги реализира до крајот на мандатот, Николовски ги наведува: Националното студентско тело да добие правна форма и преку измена на Законот за високо образование, телото да биде официјален претставник на студентите и студентските права во земјата.

Во краткорочните цели се и: инкорпорирање на Декларацијата за придружување во Статутот на телото; на Резолуцијата во програмата на телото; на целите на Студентскиот манифест потпишан од пет универзитетски студентски собранија во програмата на телото и повик за придружување на останатите функционални универзитетски студентски собранија кон телото.

Исто така, Николовски планира ова тело да стане дел од Интеруниверзитетската конференција, планира зголемување на соработката и координацијата помеѓу универзитетските студентски собранија, подигнување на студентскиот активизам, а воедно и младинскиот; поддршка на работата на универзитетските студентски собранија и апликации за придружување кон НМСМ и кон Европската студентска унија.

Во долгорочните цели на претседавачот на Националното студентско тело се настојувањата, како што вели, „да се решат суштинските студентски проблеми и предизвици“, креирање можности преку инкорпорирање на целите на Резолуцијата и Студентскиот манифест, во соработка со надлежните институции.

Николовски во целите на долг рок ги посочува: бесплатно високо образование на јавните универзитети, подобрување на студентскиот стандард со итно носење на новиот Закон за младински стандард; зголемување на студентските права - измени во Законот за високо образование; квалитетно високо образование - во соработка со агенциите за акредитација и за евалуација, универзитетите и МОН; кариерни можности - соработка со Агензијата за вработување, МОН, центрите за кариера и бизнис-секторот.

Во долгорочните цели се и дигитализација, интернационализација и автономија. Процест на дигитализација ќе се остварува со „притисок за исполнување на целите на Националната стратегија за млади 2023 - 2027 во која е предвидена целосна дигитализација во високото образование“. За интернационализацијата предвидува изработка на стратегија за привлекување поголем број странски студенти, согласно праксата во регионот.

Во однос на автономијата, Николовски ќе се залага за „остварување реална кадровска и финансиска автономија на државните универзитети, поголема автономија за универзитетите и нивните единици во процесот на создавање студиски програми“.

притисни ентер