Апсурдно и нов облик на антисемитизам, вака израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го оцени барањето на главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд во Хаг за апсење на израелскиот премиер и неговиот министер за одбрана, Јоав Галант за наводни воени злосторства против човештвото во појасот Газа. Натанјаху порача дека не постои меѓународен притисок што може да им ги врзе рацете да се борат против оние кои сакаат уништување на Израел.
-Како премиер, со гадење ја отфрлам споредбата на хашкиот обвинител меѓу демократски Израел и убијците на Хамас. Toa e комплетно искривување на реалноста. Со каква дрскост го споредувате Хамас кој убиваше, палеше, масакрираше, силуваше и ги киднапираше нашите браќа и сестри, со израелските војници кои водат праведна војна. , вели Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Освен за израелските челници, обвинителот Карим Кан побара налози за апсење и за лидерската тројка на Хамас, Јахја Синвар, Мухамед Деиф и Исмаил Ханија. Барање на обвинителот, кој го сомничи Нетанјаху за убиства, прогон, предизвикување глад и истребување во Газа, ги подели западните сојузници. За Франција и Белгија барањето е оправдано и евентуалните злосторства треба да бидат кривично гонети. За САД, Германија и Италија неприфатливо е радикалното движење и израелската влада да се стават во ист кош. Бајден одлуката ја нарече срамна.
-Дозволете ми да бидам јасен, ја отфрламе апликацијата на МКС за налози за апсење на израелските лидери. Што и да имплицираат овие налози, не постои еквивалентност меѓу Израел и Хамас. Она што се случува (во појасот Газа) не е геноцид. , изјави Џо Бајден, претседател на САД.
Дали ќе има потерници по петтемина лидери на Израел и на Хамас ќе треба да одлучи предистражниот совет на Меѓународниот суд, откако ќе ги испита доказите на обвинителот. Доколку бидат прифатени, налогот за апсење, конкретно за Нетанјаху повеќе би имал симболичен ефект. На пример Израел и САД досега не го признале овој суд, па оттука премиерот не може да биде уапсен на израелска територија, но може да биде приведен ако е во посета на земја членка на судот, кој досега го признале 123 светски држави.