Не стивнуваат реакциите по отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов"

Не стивнуваат реакциите по отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов"- се уриваат последните надежи за пристоен дијалог.

Не стивнуваат реакциите по настанот во Битола изминатиот викенд, на кој бугарска делегација предводена од премиерот Кирил Петков присуствуваше на отворањето на културен клуб со името на соработник на фашистичкиот режим „Ванчо Михајлов". Тоа е чин што ги минира сите други обиди за решавање на недоразбирањата меѓу Македонија и Бугарија и не е ништо друго туку провокација и навреда. Несоодветен обид за промоција на напредок во приближување на ставовите на двете влади, кој би резултирал со отпочнување на преговорите на Македонија и Албанија со ЕУ. Владата веднаш да побара од Бугарија да се формираат македонски културни центри во повеќе градови таму со кои ќе се промовира нашата посебност и значењето на македонскиот јазик и македонската култура, се дел од реакциите во јавноста што го одбележаа вчерашниот ден.

Драги Ѓоргиев, копретседател во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања, вели дека се случи чин што ги минира и сите други обиди да се најде решение за недоразбирањата меѓу Македонија и Бугарија.

– Именувањето на бугарскиот културен клуб во Битола со името „Ванчо Михајлов" не претставува ништо друго освен смислена провокација, која во исто време праќа и порака. Станува збор за историска личност која поради нејзините идеи за непостоење на македонската нација, кај Македонците има добиено крајно негативна содржина. И кога името на таква личност се наметнува како назив на културен клуб на територијата на македонската држава, а притоа таа личност нема никаква врска со културата, тогаш тоа може да се сфати единствено како арогантна провокација, па дури и како чин кој преминува на спротивната страна од т.н. пријателство, рече Ѓоргиев за „Дојче веле".

Според него, називот на бугарскиот културен клуб во Битола праќа и порака до Македонците, која нема никаква врска со културата.

Поранешната министерка за правда Рената Дескоска рече дека јавноста со право реагира околу името на културниот центар „Иван Михајлов" во Битола, посочувајќи дека во 2019 година Министерството не дало одобрение за употреба на името Иван Михајлов. Таа бара и веднаш да почне постапка за носење измени на законот за здруженија и фондации во кои ќе се пропише јасна постапка за регистрирање на истите, јасни критериуми кои имиња би биле забранети за употреба и да се предвиди компетентна комисија која ќе оцени дали одредено лице е историска личност и да дава предлог за одобрување или не одобрување на употреба неговото име.

– Овие неколку денови слушаме остри реакции околу името на културниот центар Иван Михајлов. Јавноста со право реагира. Се постави и прашањето околу тоа кој државен орган дозволил да се регистрира здружение под тоа име. Надлежен за регистрирање на здруженијата е Централен регистар.

Доколку во името на здружението е внесено име и презиме на историска и друга позната личност, се бара нејзина согласност, ако е почината – согласност од нејзини сродници до трет степен во права линија, а доколку такви не постојат, согласност дава Министерството за правда, пишува Дескоска.

Во 2019 година кога е регистрирано ова здружение, појаснува таа, побарано е одобрение од Министерството за правда. Министерството тогаш, посочува, не дало одобрение за употреба на името Иван Михајлов. Министерството за правда го известило и подносителот на барањето дека не може да даде согласност за употреба на името Иван Михајлов.

Според поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев, именувањето на бугарскиот клуб со името Ванчо Михајлов, кој е осведочен соработник на фашистичките режими во Хрватска и Италија, значи дека се поткопува и максимата за заедничка историја. За каква заедничка историја зборуваме кога македонската антифашистичка борба и третиот Рајх на Бугарија се две спротивставени страни во историјата. Ова е провокација од Бугарија, вели тој.

– Бугарскиот клуб можеше да се именува по Андреј Љапчев, ресенчанец, бугарски општественик и еден од најпочитуваните бугарски премиери или по Симеон Радев, од битолскиот округ, дипломат и писател, личности кои, не се спорни со својот демократски капацитет и да се покани и македонскиот државен врв, и тоа ќе беше мост на пријателство. Ова е злоупотреба на името на спорна личност. Михајлов беше осуден и во царска Бугарија со повеќе пресуди, и затоа избега од Бугарија, наведува Ѓорчев во гостувањето на Дневникот на ТВ Сител коментирајќи ги настаните кои викендов се случија во Битола.

Според него, не е можно некој наш висок државен претставник да отвори македонски клуб во Бугарија, бидејќи смета дека тоа би предизвикало големи протести од многу политички партии со можност за секакви ескалации.

Малинка Ристевска Јорданова – член на Управниот одбор на Институтот за европска политика (ЕПИ) е категорична дека Уставот на државава да не се отвора пред почетокот на пристапните преговори со Европската Унија.

– Зошто НЕ отворање на Уставот сега, на почетокот. Затоа што Бугарија сега тоа го бара како нејзино барање кон нас и Европската унија не може да каже, значи не може да влезе во тоа за да направи преседан, не може да влезе не само од нормативни причини туку и од практично-политички причини не може да направи таков преседан и да каже ќе ги внесете Бугарите во Уставот или ние сме гарант за тоа. Значи единствен начин на кој што Бугарија може да го постигне тоа е ние самите, доброволно да си го смениме Уставот, вели Ристевска Јорданова во емисијата Топ тема на ТВ Телма.

Според неа, единствено доколку Бугарија се откаже од претходните позиции, па се преговара за нешто ново би можело да се разговара за некаков нов исход, а доколку не се повлечат од своите позиции, тоа значи дека тие го негираат нашиот идентитет.

Во однос на отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов" во Битола, Ристевска Јорданова вели дека е потребна наша стратегија која ќе ги брани нашите национални интереси и оти треба сите институции да седнат и да се координираат.

Советот на амбасадори оцени дека присуството на бугарската делегација на отворање клуб со контроверзно име на човек, чија улога не е докрај разјаснета од историски аспект, во најмала рака претставува несоодветен обид за промоција на напредок во приближување на ставовите на двете влади, кој би резултирал со отпочнување на преговорите на Македонија и Албанија со ЕУ.

Оттаму наведуваат дека јавноста во Македонија посебно во негативна конотација ги прими крајно непромислените и контровезни изјави на бугарската потпретседателка за положбата на бугарското малцинство во Македонија и македонското малцинство во Бугарија.

Ваквите стојалишта, додаваат тие, го објаснуваат составот на делегацијата и намерата „на лице место" и со контролирана провокација да се испита „отпорноста" на македонската страна, која доколку реагираше нервозно, или дозволеше да се предизвика инцидент ќе им дадеше аргументи на противниците на симнувањето на ветото, а бугарскиот премиер ќе имаше оправдување зошто и понатаму би одбивал да гласа „за" отпочнување преговори.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара од бугарскиот премиер Петков прво што треба да направи кога ќе се врати во Софија е да отвори најмалку два вакви клуба во Благоевград и Сандански за Македонците кои живеат во Пиринска Македонија.

– Ја повикувам и Европската Унија и официјален Брисел да стави крај на овие фашизоидни и хегемониски намери од страна на нашиот источен сосед да направи притисок и да овозможи Македонија конечно да ги почне преговорите. Овој народ тоа го заслужува бидејќи многу пати во историјата се покажал дека стои рамо до рамо со европските вредности, рече Мицкоски.

На иста линија е и изјавата на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓија Сајкоски, кој кажа дека Бугарија со оваа политика докажува дека продолжува со негирање на македонскиот народ и на македонската држава и дека бугарската влада со начинот и пристапот на проблемот со Македонија само го носи прашањето да не се дојде до решение и на таков начин самата се амнестира од одговорноста што ја им пред европските институции.

Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, во својата реакција наведуваат дека овој чин претставува навреда за Евреите и е закана за човековите слободи и права, кршење на демократскиот карактер и вредностите на модерна Европа, чин со кој се загрозува мултикултурализмот и класичен пример за непочитување и искривување на историјата.

– Еклатантен обид во таканаречената „заедничка историја" на која инсистира Бугарија, таа да се претстави како ослободител, а не како фашистички окупатор кој во центарот за убивање Треблинка депортира 7144 македонски Евреи или 98 проценти од еврејската популација во тоа време. Обид да се минимизира улогата на Р. Бугарија во холокаустот и окупацијата на Македонија. Искривување на фактите од европската и светска историја за Втората светска војна. Чин којшто не е во духот на добрососедските односи помеѓу Македонија и Бугарија, пишува во нивната реакција.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски во неделата излезе со реакција дека именувањето установи од областа на културата на докажан соработник на фашистичкиот режим не служи на добрососедството. – Во Битола беше направен обид еден докажан соработник на хитлеровиот нацистички режим да биде претставен како мост на зближување меѓу двете држави, реагираше Пендаровски.

Премиерот пак Димитар Ковачевски во изјава за МИА во неделата кажа дека Владата на Република Македонија како и јавноста со нетрпение го очекува денот кога и кај нашите соседи ќе созрее времето кога и таму оние граѓани кои имаат, на пример, македонско самосознание, ќе можат на ист таков слободен начин да ги практикуваат своите уверувања./МИА.

Чола „тежи“ 25 милиони евра, a носи часовник вреден 2.000 евра

Според познатиот американски сајт „Celebritynetworth“, Здравко Чолиќ е еден од најбогатите пејачи на Балканот. Според податоците од 2021 година, неговото богатство се проценува на 25 милиони евра.

Иако има толку милиони, Чола отсекогаш бил скромен, а сега тоа го докажа уште еднаш - со изборот на својот часовник. Така, пејачот на зглобот носи часовник вреден „само“ 2.000 евра . Како што стои на Инстаграм профилот „Sat na ruci“, се работи за часовник од брендот „TAG Heuer Carrera“ со челично куќиште и функција хронограф.

Здравко отсекогаш нагласувал дека финансиите отсекогаш му биле слаба страна, иако по професија е економист.

- Човекот не може да го смени темпераментот, не мислам на начинот на трошење и начинот на живеење, но тоа ми беше малку претерано и така е и денес - изјави тогаш Здравко.

Тој откри на што најмногу ги трошел хонорарите.

- Никогаш не сме имале толку високи хонорари. Патувањето и гардеробата беа фетиш во седумдесеттите и осумдесеттите. Никогаш немав големи материјални желби. Моето беше да одам некаде, на море или да направам некоја забава и да потрошам таму, но никогаш немав желба да купам часовник. Не страдав од тоа – скромно вели пејчачот.

Извор: Аваз

Најчестите знаци на прекумерно внесување шеќер

Внесувањето шеќер во големи количини е штетно за човековото тело и тоа ја зголемува опасноста од дијабетес и многу други болести. 

Дополнителен проблем е што шеќерот се наоѓа и во намирници коишто не се благи, па затоа е важно да се внимава на составот на секојдневните хранливи производи. Нутриционистката Брук Алперт и лекарката Ребека Казин предупредуваат на најчестите знаци на прекумерно внесување шеќер коишто ги испраќа самото тело.

Постојано копнеење за слатки

Шеќерот предизвикува зависност. Ова е затоа што сензорите за вкус се адаптирале на благото и на тој човек му треба сѐ повеќе благо, за да го добиете истиот вкус, но и истото задоволство како и првиот пат, слично како дрога. Поради сѐ тоа, докторите советуваат навремена контрола на внесувањето шеќер.

- Со тоа што јадете многу шеќер, предизвикувате хормонален одговор во Вашето тело што е како бран. Ве крева, а потоа Ве треснува од земја, и тоа го поттикнува Вашето тело да бара повеќе шеќер, појаснува Алперт.

Промени во расположението

Премногу внесен шеќер може да значи моментна „еуфорија“. И обратно... Падот на шеќерот во крвта може да предизвика пад и во расположението и поголема нервоза и вознемиреност.

Тромавост

Откако шеќерот ќе го предизвика почетниот скок на енергијата, тој предизвикува и пад. Енергијата е најстабилна кога шеќерот во крвта е стабилен, така што кога се консумира премногу шеќер, има и падови во енергијата. Премногу шеќер честопати значи и недоволен внос на протеини и влакна.

Пукање на кожата

Д-р Ребека Казин смета дека некои луѓе се чувствителни на напливи на инсулин поради прекумерно внесување на шеќер. Тоа може да предизвика нарушување на хормоните, што води, на пр., до сува кожа, ранички, акни и сл.

Дебелеење

Вишокот шеќер значи - вишок калории, а во недостиг на протеини или влакна, шеќерот нема никаква хранлива вредност. Сѐ тоа, заедно со ослободувањето инсулин, ја покачува телесната тежина, но и ја зголемува опасноста од појава на дијабетес.

Кога се јаде премногу шеќер, на телото „му се кажува“ да лачи повеќе инсулин, а подоцна, тоа прекумерно лачење може да доведе до отпорност кон инсулин. Отпорноста пак, значи дека телото нема да може правилно да реагира на нормални количини инсулин и правилно да го користи шеќерот.

Премногу кариес

Кога бактериите ги разјадуваат честичките храна меѓу забите, се создава киселина што постепено предизвикува расипување на забите. Плунката сама по себе одржува здрава рамнотежа на бактерии, но шеќерот може да влијае на пе-ха вредноста и да го наруши тој природен сооднос. Неправилното размножување на бактериите, всушност, води кон расипување на забите и кариес.

Мозочна магла

Деконцентрацијата што обично се јавува после оброк е симптом на низок шеќер во крвта. Кога се јаде многу благо, пак, нивото шеќер во крвта се зголемува и опаѓа, наименично и брзо. Тоа, според стручњаците, ја зголемува расеаноста, и укажува на задолжителна контрола на внесот на шеќер.

Ништо не е така слатко како порано

Премногу шеќер предизвикува сензорите за вкус да се навикнат на слатките вкусови, па затоа човекот бара сѐ повеќе шеќер за да ја задоволи својата глад за слатко. Меѓутоа, тука се препорачува свесно намалување на благото и самоконтрола. На тој начин, по извесно време, телото повторно ќе се навикне и ќе се задоволува со малку шеќер. /МИА

Борел повтори дека Рафа не смее да биде нападнат

Го повика Израел да се вклучи во мировниот процес.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска изјави дека партнерите на Израел и соседните земји имаат заеднички став дека градот Рафа на југот од Појасот Газа не смее да биде нападнат и ја повика израелската влада конструктивно да се вклучи во политичкиот мировен процес.

Борел на Х напиша дека меѓународната заедница, исто така, едногласно бара итно ослободување на сите заложници кои ги држи Хамас во Појасот Газа.

Тој истакна дека Израел не може да го уништи Хамас по цена на убиени илјадници палестински цивили и оти понатамошното раселување на повеќе од милион ранливи Палестинци би било „погубно“.

- Ја повикуваме владата на Израел да ги послуша повиците на меѓународната заедница и конструктивно да се вклучи во политичкиот мировен процес, наведе Борел. /МИА

притисни ентер