Научниците предупредуваат: Земјата сега задржува двојно повеќе топлина отколку во 2005. година

Според најновото истражување, Земјата денес задржува двојно повеќе топлина отколку пред 15 години.

Научниците ги анализирале податоците од проектот на НАСА, CERES (Clouds and the Earth's Radiant Energy System), кој собира информации од неколку сателити во орбитата и мери колку енергија апсорбира нашата планета во форма на сончева светлина и колку од нив испушта назад во вселената во форма на инфрацрвено зрачење.

Разликата помеѓу влезната и излезната енергија се нарекува енергетска нерамнотежа, а студијата покажала дека во периодот помеѓу 2005 и 2019 година, оваа нерамнотежа е двојно поголема во однос на претходните години, пишува Space.com.

Експертите исто така користеле податоци од Арго, меѓународна мрежа на сензори инсталирани преку светските океани, кои ја мерат стапката на нивното затоплување.

„Два независни начини на кои може да се измерат промените во енергетскиот дисбаланс на Земјата покажуваат слични резултати“, рече атмосферскиот научник Норман Лоб, водечки автор на новата студија и водач на проектот CERES.

„Набљудуваните трендови се во извесна смисла доста алармантни“, додаде тој.

Лоб и неговите колеги заклучиле дека зголеменото затоплување е комбиниран резултат на природните процеси и човечките активности. На пример, зголемената концентрација на стакленички гасови како јаглерод диоксид и метан во атмосферата на Земјата доведува до зафаќање на поголема топлина. Ова доведува до намалување на површината на ледената плоча, што пак предизвикува помала рефлексија на влезната енергија од површината на планетата.

Но, експертите откриле дека природната повторувачка шема наречена Пацифичка декадална осцилација (ПДО) исто така придонесува за затоплувањето. ПДО предизвикува редовни флуктуации на температурата на Тихиот океан, со тоа што западните делови стануваат постудени, а источните се затоплуваат во текот на десет години, па ситуацијата се менува во следната деценија. Во 2014 година започна невообичаено интензивна фаза на ПДО што предизвика намалено формирање на облаци над океаните, што пак резултира со зголемена апсорпција на влезната енергија.

„Веројатно е комбинацијата на антропогена активност и внатрешна варијабилност“, рече Лоб, осврнувајќи се на ефектите што ги имаат човековата активност и природните варијации во однесувањето на планетарниот екосистем.

Лоб додава дека иако студијата опфаќа само релативно краток временски период, стапката на заробување на топлина покажува дека нашата планета е во поголема енергетска нерамнотежа отколку што се сметало претходно и дека поради тоа може да се појават посериозни климатски промени, како што се забрзано покачување на температурата и зголемување на нивото на морињата.

Студија под наслов „Satellite and Ocean Data Reveal Marked Increase in Earth's Heating Rate “ е објавена во списанието „ Geophysical Research Letters“.

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер