„Само триесетте членки на алијансата и самата Украина и никој друг не можат да одлучуваат за односите меѓу НАТО и Украина“, рече Столтенберг по средбата со новиот германски канцелар Олаф Шолц.
„Не можеме да се согласиме Москва да се обиде повторно да воспостави систем во кој суперсилите како Русија ќе имаат свои сфери на влијание во кои ќе можат да контролираат што прават или не прават земјите. Ние нема да преговараме за правото на секоја земја во Европа да одлучува за сопствената судбина“, додаде тој.
Русија побара од НАТО да го повлече ветувањето дадено во 2008 година до Украина и Грузија дека еден ден ќе биде членка на алијансата и побара НАТО да се обврзе да не распоредува оружје во земјите кои граничат со Русија, објаснувајќи дека тоа ја загрозува нејзината безбедност.
Руското Министерство за надворешни работи ги објави барањата, најдиректно досега за безбедносните гаранции, а претседателот Владимир Путин вели дека сака да ги добие од САД и нивните сојузници.
Но, тоа барање, кое е де факто руско вето за членството на Украина во НАТО и е најексплозивното прашање во односите Исток-Запад, е нешто што Вашингтон и Киев веќе категорично го отфрлија. НАТО е на пат да ја прифати Украина, што ќе доведе до распоредување на ракетни системи кои можат да бидат насочени кон Русија, соопшти Москва.
Војната меѓу Киев и проруските сепаратисти во Украина трае веќе седум години, во која загинаа 13.000 луѓе, а политичкото решение, предвидено со договорот во Минск потпишан во 2015 година, е во ќорсокак. Русија се смета за главен воен и финансиски помошник на овие бунтовници, иако тоа упорно го негира.