Насилни антивладини протести во повеќе градови во Тунис

Насилни протести, предизвикани од тешката економска состојба, избувнаа вчера вечер во најмалку шест туниски градови, вклучително и главниот град на Тунис и крајбрежниот град Сус, објави Ројтерс, повикувајќи се на изјави на сведоци.

Протестите се одржуваат кога Тунис ја одбележува десетгодишнината од револуцијата што го симна починатиот претседател Зин Ел Абидин Бен Али.

Сведоците во Сус велат дека безбедносните сили фрлиле солзавец за да ги растераат стотиците лути демонстранти кои блокирале патишта и палеле гуми.

Безбедносни извори велат дека демонстранти во Сус упаднале во продавници. Судири се случиле и во градот Кала Кебира во близина на Сус.

Една деценија по револуцијата против невработеноста, сиромаштијата, корупцијата и неправдата, Тунис тргна кон демократија, но економската состојба се влошила и земјата сега се најде на раб на банкрот. Премиерот Хикем Меџиџи ја смени владата, со нови министри во министерствата за внатрешни работи, правда и енергетика.

Карамбол во Калифорнија: Најмалку 15 загинати (ВИДЕО)

Најмалку 15 лица загинале денеска во верижен судир во јужна Калифорнија, на околу 16 километри северно од границата со Мексико, пренесува Си-Ен-Ен.

Несреќата се случила кога возило удрило во камион кој возел на север по државната рута 115 во Империјал Каунти во Калифорнија, соопшти полицијата.

Официјален претставник на противпожарната служба во округот Империјал за Лос Анџелес Тајмс изјавил дека добиле повик за сообраќајна несреќа со повеќе смртни случаи, во која учествувале возило со приколка и патничко возило.

Четири лица биле пренесени со хеликоптер во регионалниот медицински центар во Палм Спрингс, изјавил за новинарите портпаролот на болницата.

Украинскиот претседател се вакцинирал, за да не се фрлаат вакцините

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски се вакцинирал против коронавирус за време на посетата на фронтот во источниот дел на Донбас, со надеж дека ќе ги увери скептиците дека вакцината е безбедна и ефикасна.

Заостанувајќи зад Европа, Украина штотуку започнала да вакцинира 41 милион луѓе откако минатиот месец ја доби првата пратка од 500.000 вакцини на АстраЗенека, давајќи им приоритет на здравствените работници од првата линија и на војската.

Сепак, владата се соочува со борба против скептицизмот кон вакцините и ги цитира податоците кои покажуваат дека 47 проценти од населението не сака да се вакцинира. Најголем број од нив се докторите, кои не сакаат да се вакцинираат , поради што досега се фрлени стотици неискористени дози на вакцината.

"Ја примив вакцината против ковид-19. Бев вакциниран на фронтот со војниците како врховен командант", напиша Зеленски на твитот со фотографија на која се гледа како без кошула ја прима вакцината.

Тој вели дека станува збор за вакцината на Оксфорд / АстраЗенека (Ковишилд) од Индија.

„Вакцината ќе ни овозможи да живееме повторно без ограничувања“, додава тој.

Зеленски, чија влада ја блокира употребата на руската вакцина Спутник V, ги повика лидерите на Европската унија да испраќаат вакцини во Украина и во другите земји на работ на ЕУ како гест на солидарност и како прашање на „политика и геополитика“.

Украина забележала 1,3 милиони случаи на инфекции и повеќе од 26 000 смртни случаи како резултат на ковид-19.

Зеленски бил придружуван од претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, кој повикал на мир во Донбас, велејќи дека тоа е „срамна реалност што луѓето овде сè уште умираат и се соочуваат со страшните последици од конфликтот“.

Левица:Незастарување на кривичните дела на функционери – единствен излез од правната криза

Незастарување на кривичните дела на јавните функционери – единствен излез од правната криза СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ, се наведува во реакцијата на Левица. 

Пред една година, помпезно најавениот обвинителски процес (кој беше претставен од Костадин Костадинов како огромен успех на СДСМ во насока на наводните реформи во правосудниот систем), против поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски заврши со резолуција во која се наведува дека обвинителството не утврди дека постојат основи на сомнение дека било извршено кривично дело кое се гони по службена должност.

Со резолуцијата, за триесетината предмети „заборавени во фиока“, никој кривично нема да одговара. Со оглед дека Јово Вангеловски беше избран за претседател во времето на владеењето на ДПМНЕ, а добива кривично правно „помилување“ за своите дејствија во време на СДСМ, станува јасно дека владеењето на СДСМ е само продолжена рака на ДПМНЕ со исти аршини на делување, кои апсолутно не се во насока на владеење на правото, она за што впрочем сегашната владеачка гарнитура гласно говореше пред изборите.

Што доколку тие тиресетина предмети вклучуваа економски кривични дела, или во постапувањата на поранешниот претседател на Врховниот суд во иднина се утврди дека постојат основи на сомневање за сторено економско кривично дело, како дело со кое се повредува економскиот систем, како и економските интереси!?

На овој начин се поттикнува вакви слични поведенија во иднина да станат пракса без одговорност. Впрочем, сегашното позитивно право предвидува и нивна застареност, а од друга страна економскиот систем на државата со сите негови институции трпи незастарливи и неотстранливи последици кои на крај паѓаат на товар на граѓаните.

Затоа Левица во својата програма предвидува мерка Незастарување на кривичните дела поврзани со т.н. економски криминалитет и корупција извршени од страна на јавните функционери. Со оваа мерка ќе се делува превентивно во насока на демотивирање за сторување на ваков тип криминалитет.

Политичка партија Левица

притисни ентер