Народната банка ја додели Годишната награда за млади истражувачи за 2024 година

Народната банка, на денот на монетарната самостојност, 26 април, традиционално ја додели Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството. 

Овогодишниот добитник на првата награда е младиот истражувач Никита Ристовски за неговиот труд „Економски раст поттикнат од интеграцијата: Случајот на интеграцијата на Македонија во Европската Унија“. Годинава, беше доделена и втора награда за трудот „Монетарната политика и каналите на цените на средствата во контекст на регионализацијата на берзите во земјите на поранешна Југославија“ на Стефан Таневски.

При доделувањето на наградите, младите истражувачи остварија средба со гувернерката на Народната банка, како и со Одборот за оценување трудови, којшто го сочинуваат вицегувернерката Ана Митреска, претседател и членовите Билјана Давидовска-Стојанова, директорка и Гани Рамадани, заменик-директор во Дирекцијата за монетарна политика и истражување. На средбата со младите истражувачи беше искажана поддршка за нивниот придонес кон научноистражувачката работа. Беше истакнато дека основната цел на Народната банка за организирање на Конкурсот за Годишната награда, веќе осумнаесет години, е да се афирмираат младите истражувачи и да се даде придонес кон развојот на истражувачката дејност во земјава во областа на макроекономијата и банкарството.

Во согласност со досегашната практика, наградените трудови ќе бидат презентирани на некоја од следните сесиите на Клубот на истражувачите на Народната банка, којшто служи како центар за развој на истражувачката мисла и мрежа за поврзување на истражувачите од ова поле на интерес.

Пригодното одбележување на монетарната самостојност преку чинот на доделување на Годишната награда ги отсликува залагањата на Народната банка за постојано јакнење на научноистражувачката мисла во прилог на макроекономската стабилност, раст и развој. Инаку, Народната банка одбележа 32 години од монетарното осамостојување, односно од осамостојувањето како централна банка и од воведувањето на националната валута – денарот. За овие 32 години, напорите на централната банка беа насочени кон обезбедување макроекономска и финансиска стабилност, како фундаменти за економскиот раст и развој, работејќи особено на јакнењето на сопствените капацитети, односно на напредокот на човечките ресурси. Залагањата и резултатите на Народната банка во изминатите години се признаени од сите релевантни меѓународни организации, а таа е согледана како современа професионална институција, со висок кредибилитет.

Народна банка на Република Македонија

Евролига: Олимпијакос последен учесник во фајнлфорот

 Кошаркарите на грчки Олимпијакос се пласираа на фајнлфорот во Евролигата, откако синоќа во решавачкиот, петти, натпревар на гости ја совладаа Барселона со 63-59 (9-12, 16-15, 15-13, 23-19).

Шекил Мекисик со 12 и Костас Папаниколау со 11 поени го предводео Олимпијакос до големата победа, додека најефикасни во редовите на Барселона беа Николас Лапровитола со 17 и Алекс Абринес со 13 поени.

Во полуфиналето на фајнлфорот Олимпијакос ќе игра против Реал Мадрид, додека во второто полуфинале ќе се сретнат Фенербахче и Панатинаикос.

Завршниот турнир ќе се одржи од 24 до 26 мај во Берлин.

Апасиев: Прва пратеничка група на Левица, прва жена - пратеник од Левица

Левица со 6 (шест) пратеника во Парламент резултираше на Парламентарните избори, 2024.

На прес - конференцијата по овој повод, претседателот на Левица, Димитар Апасиев, имаше свое обраќање кон народот.

- Да прославиме пасокизација на СДС и факторизација на ЛЕВИЦА! Прва пратеничка група на Левица, прва жена - пратеник на Левица - истакна Апасиев.

Во ИЕ1, Левица освои 2 пратеника и тоа: претседателот Димитар Апасиев и потпретседателот, Реџеп Исмаил - Хактан.

Од ИЕ2, во Парламентот влегува еден пратеник - портпаролот на Левица, Амар Мециновиќ.

Во ИЕ3 - влез во Собранието има и актуелниот пратеник Борислав Крмов.

Во Четворка влегува Сашко Јанчев, а во Петка - Генералниот секретар на Левица, Јована Мојсоска.

- Она за што се залагавме, тоа ни успеа. Го пасокизиравме СДС, ја кутнавме црвената буржоазија што беше наш детски сон уште од транзицијата на под 20 пратеника - потенцираше лидерот Апасиев.

Резултатите на Парламентарните избори - 2024 ја потврдија и тезата на претседателот Апасиев дека новопојаното т.н. политичко движење е ,,краткотраен проект" или ,,надуван балон".

- Друга значајна победа е тоа што и покрај сета наша маргинализација, а фаворизација на Максо, го преполовивме проектот на ЗНАМ на пола на Претседателските избори - 2024. Но и покрај тоа преполовување на гласовите на ЗНАМ, овој изборен систем повторно нè краде, затоа што некаде го водиме за 4000 гласа, а имаме ист број на пратеници. Ова ќе биде првото барање на Левица, а тоа е воведување на една изборна единица. Ваквиот Д'онтов модел ни краде во секоја изборна единица по еден до двајца пратеници - додаде Апасиев на прес - конференцијата.

Претседателот Димитар Апасиев им се заблагодари на активистите на Левица што заеднички ги донесоа подемот и победата на Левица и што не потклекнаа на малодушноста на одредени субјекти.

- Левица ќе продолжи за петпати појако од сега, затоа што секој наш пратеник вреди колку 10 нивни. Да знаат дека ги чека пекол во Собрание со нашите борбени пратеници! Долу црвената буржоазија! - вака Апасиев го заокружи своето обраќање.

Од Левица потврдија дека уште веднаш почнуваат со подготовка за локалните избори каде очекуваат да го надминат резултатот којшто го освоија на Парламентарните избори - 2024.

Левица

Радев: Многу наскоро ќе стане јасно дали Република Македонија сака да оди во Европа

- Многу брзо ќе стане јасно дали таа земја сака да оди кон Европа. Мојот став во однос на Република Македонија секогаш бил отворен и конзистентен, како што беше со претседателите Ѓоѓе Иванов и Стево Пендаровски, така ќе биде и со Гордана Силјановска.

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска изјави дека наскоро ќе стане јасно дали новиот претседател и партијата што победи со значителна разлика на изборите во Република Македонија ќе работат за европската перспектива на земјата или ќе одат во друга насока.

Како што пренесе БТА, тој ова го изјави откако заедно со бугарската потпретседателка Илијана Јотова положија цвеќе пред споменикот на Непознатиот воин по повод 9 мај.

- Многу брзо ќе стане јасно дали таа земја сака да оди кон Европа. Мојот став во однос на Република Македонија секогаш бил отворен и конзистентен, како што беше со претседателите Ѓоѓе Иванов и Стево Пендаровски, така ќе биде и со Гордана Силјановска, изјави Радев.

Бугарскиот претседател рече дека отсекогаш ја поддржувал европската интеграција на Република Македонија, „но со почитување на принципите на добрососедство и особено Копенхашките критериуми за членство“. Според него, тоа значи „промена на Уставот и почитување на правата на македонските Бугари“.

- Откажување од јазикот на омразата што беснееше во оваа изборна кампања, ревизија на учебниците, почитување и заштита на бугарското културно и историско наследство на Бугарите во земјата, ја пренесува БТА изјавата на Радев.

притисни ентер