Напредок во разговорите за влез на Алтернатива во Владата

​ Се очекува до крајот на оваа недела да се остварат потребните консултации во СДСМ и Алтернатива и да се обезбеди потребното усогласување со цел постигнување договор за можна заедничка влада. 

Со ваква најава, како и оценка дека е постигнат значителен напредок заврши вчерашната, трета по ред средба, на премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши, во рамки на разговорите за можно приклучување на партијата во Владата и парламентарното мнозинство.

-На средбата е констатиран евидентен напредок во усогласувањето на ставовите околу дополнувањето на содржинскиот дел на програмата на Владата, а разменети се и идеи и видувања од двете страни за споделување на одговорностите на највисоко ниво во институциите на централната власт, информираа во соопштение од Владата.

Разговорите, посочија во соопштението, продолжуваат водени од аспирациите за европската агенда на државата и од потребата за испраќање јасни пораки кон граѓаните и кон ЕУ за посветеноста во европеизирањето на Македонија, за унапредувањето на економскиот стандард и квалитетот на живот на граѓаните.

Можната заедничка влада, како што наведоа, ќе се посвети на предизвиците кои доаѓаат од пандемијата и глобалната енергетска криза и која без заддршка ќе ги остварува зацртаните стратешки цели на Република Македонија.

На четиричасованата средба што се одржа вчера во Клубот на пратениците премиерот Заев беше придружуван од заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски и кандидат за лидер на СДСМ, а лидерот на Алтернатива Гаши од партискиот генерален секретар Беким Сали.

Заев и Гаши имаа средба и во понеделникот, кога, како што информираа во заедничко соопштение, начелно бил договорен програмскиот дел од можната идна соработка на Алтернатива во Владата и дека консултациите за кадровските решенија се во тек. Тие првата средба ја одржаа на 19-ти месецов кога разговараа за условите и улогата на Алтерантива во новото парламентарно мнозинство, а конечната одлука беше оставено да ја донесат партиските органи.

Разговорите за евентуално ново парламентарно мнозинство и за влез во Владата на Алтернатива која има четворица пратеници, уследија по неуспешната иницијатива во Собранието од страна на опозицијата

за гласање доверба на Владата и повлекувањето на Беса од владиниот кабинет. И Алтернатива беше дел од опозицискиот блок потпишанз а гласање недовреба на Владата, но Централното претседателство на партијата минатиот петок го овласти Гаши да почне разговори со сите политички актери, со премиерот и со евентуалниот нов мандатар за да се види каков е нивниот концепт за излез од политичката криза. На седница на Централниот одбор на СДСМ, што се одржа истиот ден, беше констатирана оставката на Заев од лидерската позиција во партијата што ја даде лошите изборни резултати на локалните избори, но му беше даден легитимитет да ги води преговорите за парламентарно мнозинство.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христија Мицкоски вчера изјави дека какво било учество на политичката партија Алтернатива во една ваква влада претставува погрешен чекор, но тоа останува на раководството и лидерот на таа партија.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски посочи дека не сака да се меша во работењето на другите политички партии бидејќи, како што рече, тоа е политички некултурно.

– Не сум во тек со содржината од разговорот меѓу Заев и Гаши. Нашиот став е јасен, оваа влада е најкорумпираната влада во изминатите 30 години и ја закова Македонија на дното според перцепцијата за криминал, односно е на врвот според степенот за криминал и корупција. Нашата држава е 111 и е најкорумпирана во Европа. Ние сме држава која има нејнеконкуренто образование поради катастрофалните реформи, состојбата во здравството е ужасна и како држава ние сме во првите три според бројот на лица што го загубиле својот живот заради неспособност на владата да се справи со ковид пандемијата. Катастрофата во енергетскиот сектор од 1-ви ќе ја почувствуваме и на сопствениот џеб, или да заклучам, било какво учество на политичката партија Алтернатива во една ваква влада претставува погрешен чекор, но тоа останува на раководството и лидерот на таа партија, и јас не сакам да се мешам во работењето на другите политички партии бидејќи тоа е политички некултурно, рече Мицкоски, чие барање во континуитет во изминатиот период е да се одржат брзи предвремени парламентарни избори.

Страшна смрт на 10- годишно дете од САД: Згрижувачка мајка од 150 килограми легнала врз него

Згрижувачката мајка Џенифер Ли Вилсон (49) од Индијана, која тежела преку 150 килограми, е осудена на пет години затвор затоа што го гушела 10-годишното момче седум минути додека не умрело.

Џенифер го убила Дакота Леви Стивенс во сурова „казна“ откако тој побегнал и го молел соседот да го спаси од нејзиното злоставување.

На 24 април, момчето истрчало во куќата на соседот, велејќи му на сопственикот дека неговите згрижувачки родители го удриле и не му дозволувале да разговара со својот социјален работник. Само неколку минути подоцна следела ужасна казна за момчето кое своето „непослушно“ однесување го платило со живот.

Кога стигнале дома, Џенифер решила да легне врз Дакота додека малечкото цело време врескало. Таа станала од него дури кога тој „замолчи“.

Дакота бил прогласен за мртов во болницата во Саут Бенд два дена подоцна, а обдукцијата утврдила дека претрпел оштетување на органите и меките ткива, крварење во црниот дроб и белите дробови и други повреди.

Судскиот вештак во округот Сент Џозеф пресудил дека смртта на Дакота е убиство поради насилно задушување, пишува Dailymail.

Високиот судија Мајкл Бергерсон ја осудил Џенифер на пет години затвор и уште една година условна затворска казна под обвинение за убиство од невнимание во Врховниот суд во Портер. Казната била повисока од стандардните три години за кривично дело од петти степен и повеќе од она што го барале одбраната или обвинителството.

Заменик-обвинителката Мери Рајан побарала две години затвор, две години домашен притвор и една година условна, додека нејзините адвокати барале таа да не биде осудена на затвор, туку на три години домашен притвор и две години условно.

„Тој е прогласен за мртов од задушување, 10-годишно момче, кое овој суд нема да го игнорира, бидејќи обвинетата го игнорирала. Таа очигледно употребила поголема сила отколку што било потребно и тоа ги создало околностите што довеле до неговата смрт“, рече судијата Бергерсон.

Судијата Бергерсон рече дека Џенифер ја нарушила довербата вродена за нејзината улога на згрижувачка мајка и зборувала на телефон „со бесчувствително непочитување“ со Дакота додека тој умирал.

„Ова прекрасно момче плачеше и плачеше за својот живот, а обвинетата целосно несвесна го уби детето. Тешко е да се замисли полош сплет на околности“, додаде судијата.

Судијата Бергерсон рече дека олеснителните фактори како што се каењето на Џенифер и недостатокот на криминална историја „мора да бидат отфрлени од огромните докази за вина во овој случај“.

Мајката на Дакота го дала детето на посвојување кога имал само пет години поради зависност од дрога, а неговиот татко починал од инфекција поврзана со употреба на дрога.

Трамп: Путин ја уништува Русија, војната во Украина му создаде големи проблеми

„Руската војна во Украина го доведе лидерот на Кремљ Владимир Путин во голема неволја“, изјави Доналд Трамп за новинарите во Белата куќа по преземањето на функцијата 47-ми претседател на САД.

„Украинскиот претседател Володимир Зеленски ми рече дека сака да склучи договор, не знам дали сака Путин. Можеби не. Мислам дека треба да се договорат. Мислам дека ја уништува Русија со тоа што не склучува договор.“ рече Трамп во Овалната соба, на првиот ден од неговиот втор мандат.

„Мислам дека Русија е во прилично голема неволја. Погледнете ја нивната економија, погледнете ја инфлацијата во Русија. Одлично се согласував со Путин, се надевам дека тој сака да направи договор“, додаде Трамп, според Политико.

Новинарите постојано го прашуваа Трамп за неговите ветувања дека ќе стави крај на руската инвазија на Украина и го потсетија дека тоа ветување го дал на првиот ден од неговиот мандат.

Трамп рече дека Путин мора да биде незадоволен од бавниот напредок на неговата војна против Украина, речиси три години откако нареди целосна инвазија и 11 години откако руските војници првпат се појавија на Крим.

„Тој ја уништува земјата. Повеќето луѓе мислеа дека ќе издржи околу една недела, а сега веќе сте трета година. Тоа не го прави добар“, рече Трамп.

„Имаме податоци дека загинале речиси милион руски војници. Загинаа околу 700.000 украински војници. Русија е поголема, тие имаат повеќе војници да изгубат, но тоа не е начин да се води држава“, додаде тој.

Украина претходно ги негираше бројките на Трамп, тврдејќи дека изгубила повеќе од 43.000 војници убиени во акција и повеќе од 370.000 ранети. Кремљ не ги открива официјалните податоци за жртвите, но Украина проценува дека Русија изгубила 150.000 војници и повеќе од 400.000 ранети во 2024 година.

Ресторан мора да плати дури 2,8 милиони долари отштета: Не ја опоменале гостинката на време

Џенезис Монита (19) од Сан Антонио го тужела синџирот ресторани „Бил Милер“ по инцидент што се случил во мај 2023 година.

Во таа прилика, тинејџерката нарачала тако за појадок, во комплет со сос за скара. Меѓутоа, садот бил жежок, па таа го испуштила на ногата и се здобила со изгореници од втор степен, пренесува Fox 7 Austin.

Џенезис тврдела дека го испуштила садот за сос затоа што вработените не ја предупредиле „колку е жежок“. Од ресторанот наведуваат дека нивниот течен додаток е 73 степени врел, а гостинката истакнува дека тој ден бил потопол за десет степени.

Поротата составена од шест мажи и шест жени во петокот пресудија во корист на тужителката, а на ресторанот му било наредено да ѝ плати отштета од неверојатни 2,8 милиони долари.

Казната изнесува 1,9 милиони, надоместокот за душевна и физичка болка е 900.000, додека 25.000 се изречени за плаќање медицински трошоци.

Во исто време, поротата заклучила дека ресторанот бил „небрежен“, што довело до инцидентот. Тие имаат можност да се жалат на пресудата.

Синџирот „Бил Милер“ е основан во 1952 година и има повеќе од 70 локации низ Тексас.

притисни ентер