Нанос од песок на патот Валандово - село Удово, сообраќајот се одвива отежнато - Канал 5

Нанос од песок на патот Валандово - село Удово, сообраќајот се одвива отежнато

Ноќеска од 03:15 часот на регионалниот пат Валандово - село Удово, пред село Јосифово на Калковска Река има нанос од песок и сообраќајот се одвива отежнато, соопшти утрово Автомотосојузот на Македонија.

Нанос од песок на патот Валандово - село Удово, сообраќајот се одвива отежнато

Сообраќајот на државните патишта се одвивa непречено, по влажни коловози.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Донација на Sport Life за Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ Скопје

Денеска, беше претставен  комплетно реновираниот и опремен оддел за висцерална и абдоминална хирургија, на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје, во вредност од околу 4 милиони денари.

Донација на Sport Life за Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ Скопје

Проектот започна во 2024 година и опфати целосна обнова на внатрешноста и модернизација на електричните и санитарните инсталации на одделот. Оваа година, Спорт Лаиф обезбеди дополнителни средства за опремување на истиот простор со 24 нови двомоторни медицински кревети со огради, нови душеци, нов болнички мебел и стативи за инфузија. Согласно потребите на болницата беа обезбедени и 50 декубитални душеци, 100 лепенки, 10 апарати за мерење притисок и 20 апарати за мерење на гликемија.

„Со оваа интервенција, капацитетот на одделот за постоперативна нега на пациентите, на површина од скоро 400 м2 е целосно обновен и опремен за прием и лекување на пациенти од одделот за висцерална и абдоминална хирургија. Опремените простории со нов и модерен медицински мебел и опрема, ќе овозможат подобрени болнички услови за нивна нега и лекување. Нашата клиника е меѓу институциите со долг историјат и традиција и проектите за реновирање и подобрување на условите за лекување по повисоки стандарди се добредојдени и во иднина. Во име на целиот персонал, ја изразуваме нашата благодарност кон Спорт Лаиф за оваа значајна поддршка и се надеваме дека ќе биде пример и за другите општествено одговорни компании“ - изјави д-р Небојша Настов, директор на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.

Мицкоски: Истрагата за трагедијата во Кочани ја води јавниот обвинител а не Владата

Ние како извршна власт ќе постапуваме по налог на Јавното обвинителството, а во координација со судот. Истрагата ја води јавниот обвинител, не јас.

Мицкоски: Истрагата за трагедијата во Кочани ја води јавниот обвинител а не Владата

Јавното обвинителството, заедно со судот одредуваат какви мерки и кои лица ќе бидат опфатени, и дали треба да се приведуваат високи владини функционери, порача денеска од собраниската говорница премиерот Христијан Мицкоски, одговорајќи на пратеничкото прашање до каде е истрагата за трагедичниот настан во Кочани.

На денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, упати прашање до Мицкоски, кое се однесуваше на трагедијата во Кочани. Тој постави прашање до каде е истрагата и дали ќе има морална одговорност во однос на трагедијата која однесе 62 млади животи и над 100 повредени.

-После повеќе од еден месец можеме јасно да заклучиме дека кај највисоките владини функционери не постои морална вертикала, не постои чувство на морална одговорност и затоа денес немаме ниту една оставка од морални причини. Ова е поразително за една влада после несреќа од вакви размери и со толкав број на изгубени човечки животи. Но за моралот не се дискутира, човек или го има или го нема. Вториот заклучок е водење на селективна истрага која во суштина треба да ги заштити сегашните носители на високи позиции во Министерството за внатрешни работи, Државниот пазарен инспекторат и други институции од нивната одговорност. Моето прашање е дали свесното и тенденциозно разводнување на истрагата е со цел да се попречи правдата и да се заштитат актуелни функционери кои се директно виновни за непосредните причини за пожарот, рече Трајчулески.

Премиерот Мицкоски одговори дека истрагата за трагедијата во Кочани ја води јавниот обвинител, а не Владата.

-За пет месеци од денеска ќе почне кампањата за локалните избори. Граѓаните ќе кажат чија политичка кариера завршува, чија политичка кариера продолжува и во каков формат ќе продолжи. Истрагата ја води јавниот обвинител. Не јас, и не Владата. Ако јавниот обвинител одлучи дека мене треба да ме приведат, нека ме приведат во истиот момент. Ако јавниот обвинител одлучи дека треба да одам во затвор, ќе одам, рече Мицкоски.

Како што додаде, не знае кои лица ќе бидат опфатени во истрагата, тоа е прашање кое треба да се постави до јавниот обвинител.

-Вкупно 68 лица досега се опфатени во истрагата, од страна на јавниот обвинител. За разлика од Модуларната болница, кога гореа живи луѓе, Ласкарци, Беса транс, каде што починаа 75 наши сограѓани. Тогаш имаше нула обвинети. Дали ќе останат 68 или ќе бидат 168 не знам, тоа ќе го каже Обвинителството, не јас. Не кажувам јас, не кажува министерот за внатрешни работи. Обвинителството, заедно со судот, одредуваат какви мерки и кои лица ќе бидат опфатени. Ако обвинител каже дека треба да апси и приведува високи владини функционери од оваа Влада, ќе се слушне тоа. На крајот од денот, еден член на Владата е во притвор. Во ваше време, тоа беше невозможна мисија, додаде Мицкоски.

Тој напомена дека постапуваат истите оние обвинители и судии кои се бирани од СДСМ.

-Во однос на тоа е должен да знае дали локалот има лиценца или не, тоа треба да го знае органот кој што го издава, поточно Министерството за економија. Имале лиценца, но тоа што не била легална е друго, како што не биле важечки и легални други лиценци издавани од овој орган. Околу постапувањето по налог на Обвинителството и судот, актуелен градоначалник е во притвор. Кога зборуваме за морал, етика и водење на истраги и постапување на истие, најмалку вие имате право да зборувате. Треба да ги оставиме семејствата и родителите, затоа што кај нив болката и тагата е огромна, напомена Мицкоски.

УХМР: Утре и викендот променливо облачно време со повремен дожд и грмежи

 Утре и во деновите од викендот ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со повремени врнежи од дожд и појава на грмежи. 

УХМР: Утре и викендот променливо облачно време со повремен дожд и грмежи

Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град, информира Управата за хидрометеоролошки работи.

Во понеделник ќе има повремен локален дожд, а од вторник стабилизирање на времето.

Од УХМР најавуваат дека денеска во попладневните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, наместа во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и услови за изолирана појава на град. Максималната температура ќе биде во интервал од 18 до 25 степени.

Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со повремен дожд. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

притисни ентер