Намалена видливост поради магла кај Демир Капија, Штип и Делчево

Поради појава на магла видливоста во сообраќајот кај Демир Капија е намалена на 100 до 150 метри, Штип до 50 метри и Делчево 50-100 метри. Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има појава на утринска магла и можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Русија му се закани на НАТО

Испраќање трупи на НАТО во Украина би било „исклучително опасно“, соопшти Кремљ, додавајќи дека Москва внимателно ја следи украинската петиција со која се повикува на таква интервенција.

Во петицијата, објавена на веб-страницата на украинскиот претседател, се наведува дека Украина треба да побара од САД, Велика Британија и други земји да испратат војници за Украина да се бори против руската инвазија.

„Режимот во Киев е прилично непредвидлив“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. „Многу пати кажавме дека директната интервенција на армиите на земјите од НАТО во овој конфликт потенцијално претставува огромна опасност и сметаме дека тоа е ништо помалку од исклучително сериозна провокација и, се разбира, внимателно ја следиме“, додаде Песков. .

Засега не е познато дали петицијата ќе го собере потребниот број од 25.000 гласови, што ќе го обврзе претседателот Володимир Зеленски да одговори со одобрување или отфрлање. До денеска наутро биле собрани 1.594 гласови.

НАТО ѝ помага на Украина со испраќање повеќе оружје, вклучувајќи тенкови и ракети со долг дострел, но воздржувајќи се од директна интервенција со војници на теренот. И американскиот претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин предупредија дека тоа може да доведе до Трета светска војна.

Францускиот претседател Емануел Макрон смета дека прашањето за испраќање западни војници во Украина „легитимно“ би се поставило доколку Русија ги пробие украинските одбранбени линии и ако тоа го побара Киев.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска изјави дека доколку Макрон испрати француски војници во Украина, тие ќе бидат легитимна цел на руската војска. „Ако Французите се појават во зоната на конфликтот, тие неизбежно ќе станат цел на руските вооружени сили“, рече Захарова.

Во Охрид до 13 часот на изборите излегле околу 27 проценти, во Дебрца 26 отсто од гласачите

Излезноста на Претседателските избори во Охрид до 13 часот е 27,75 проценти, додека на Парламентарните избори до 13 часот своето право на глас го оствариле 27,85 проценти од избирачите.

Според ОИК, гласањето се одвива непречено и без какви било проблеми.

На избирачките места на територијата на Општина Дебрца до 13 часот излегле 26 отсто од лицата со право на глас. И во Дебрца нема никакви проблеми и изборниот процес се одвива непречено.

Во главниот избирачки список за денешните Парламентарни избори во Охрид се запишани 51.865 избирачи додека за вториот круг од Претседателските 51.717 избирачи.

Според главниот избирачки список, за Парламентарните избори во Дебрца е запишани 4.001 избирач, додека за вториот круг од Претседателските избори 4.009.

Вучиќ: Договорот за слободна трговија со Кина ја гарантира иднината на нашата земја

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека Договорот за слободна трговија со Кина е договор кој ја гарантира иднината на Србија и дека пласирањето земјоделски производи на кинескиот пазар ќе значи спас за српските земјоделци.

- Договорот за слободна трговија со НР Кина е нешто што ни гарантира пласман на нашите стоки и услуги. А во следните пет до десет години речиси 95 отсто од производите што ги произведуваме, што ги произведуваме во нашата земја ќе можеме да ги извеземе во Народна Република Кина без никакви царини, без никакви давачки - рече Вучиќ на заедничка прес-конференција со претседателот на Кина, Си Џинпинг, објави Телеграф.

Имајќи предвид дека денес кинеските царини се меѓу 38 и 62 отсто за стоки од Европа, Вучиќ посочува дека е јасно каква и колкава предност ќе имаат српските стоки на таков огромен, важен и сѐ побогат пазар кога ќе се отстранат царините.

- Претседателот Си успеа да ја спаси Народна Република Кина од сиромаштија и да создаде многу силна средна класа. Тоа ви кажува за потенцијалот и можностите на Република Србија во иднина - рече Вучиќ.

Тој потсети дека се потпишани договорите за бесплатен извоз на сливи и боровинки и дека тоа многу ќе им значи на српските селани од Осечина, Ваљево, Блаце...

- Тоа се огромни аванси и гарантиран пласман, бидејќи имаме добра стока и на овој начин, со овие ослободувања, секако по најдобра цена. Благодарност до нашите кинески пријатели за тоа, но тоа е само почеток. Од јаболка ќе преминеме на говедско – рече Вучиќ.

Тој додаде дека за српското вино се потребни пет години за тарифата на кинескиот пазар да се спушти на нула и дека секоја година ќе се намалува за 20 отсто од сегашната тарифа, додека за српските ракии тој период ќе трае вкупно десет години.

- Тоа се однесува на нашиот обичен селанец, се однесува на нашиот обичен домаќин. И сигурен сум дека во НР Кина ќе успеат да добијат добар производ, за никогаш да не се срамиме – рече Вучиќ.

Тој најави дека денеска на ручек со кинеската делегација лично ќе му служи само српски вина на претседателот на Кина, Си и дека пласманот на српските вина на кинескиот пазар претставува спас за нашите земјоделци, лозари...

притисни ентер