Над 400 лица починале како резултат на неодамнешните пожари во Австралија

445 лица починале, а илјадници биле хоспитализирани поради чадот од пожарите во Австралија, што предизвикало и здравствени трошоци од над две милијарди австралиски долари (1,3 милијарди американски), покажаа резултатите од официјалната истрага.

Во периодот од август лани до март годинава, пожарите што избувнаа во австралиската пустина, обрасната со грмушки и шуми, каде што се запалија повеќе од 12 милиони хектари, уништија над 3.000 домови и беа причина за директна смрт на 33 луѓе низ шест од осумте држави и територии на Австралија.

Чадот од пожарот го загади воздухот во австралиските градови, како Сиднеј и Канбера, каде нивото на загадување во јануари било за 40 пати повисоко од дозволеното.

Дури 80 проценти од населението во Австралија било изложено на сериозни ефекти од чад и пожар, велат експертите од Кралската комисија за природни непогоди.

Професорот Феј Џонстон, од Универзитетот во Тасманија, тврди дека здравствените ефекти од чадот биле поголеми од самиот пожар.

Трошоците за лекување и закрепнување од чадот поврзани со предвремена смрт и итна хоспитализација се проценува дека надминувале две милијарди австралиски долари, четири пати повеќе отколку во 2002-2003 година, кога Австралија се соочила со втората најстрашна сезона на шумски пожари и загадување со чад.

Феј наведува дека податоците за приеми во болница покажале дека 445 лица починале како резултат на негативните ефекти од чадот од неодамнешните пожари и дека имало уште 3340 хоспитализации заради проблеми со белите дробови и срцето и 1373 повеќе приеми во болниците поради астма.

Тоа зголемување на бројот на смртни случаи и пациенти на болничко лекување се припишува на проблемите предизвикани од чад од пожарите, рече Феј.

Анкета: Поддршката за членството на Полска во ЕУ - најмала во последнава декада

Поддршката за членството на Полска во Европската Унија падна на најниско ниво во повеќе од една деценија, според анкетата објавена денеска.

Според најновата анкета на институтот ЦБОС, и покрај победата на про-ЕУ коалицијата, поддршката за членството на земјата во Унијата падна на 77 отсто, што е најниско ниво од 2013 година.

Поддршката лани беше 85 отсто, а најголема беше во 2022 година, кога изнесуваше 92 проценти.

Про-ЕУ коалицијата дојде на власт во Полска на изборите во октомври по осум години владеење на партијата Право и правда (ПиС), ветувајќи дека ќе ги поништи законите воведени од десницата.

ПиС често беше во судир со западните сојузници на Полска и институциите на ЕУ во Брисел поради нивната загриженост за владеењето на правото во оваа земја. /МИА

Претставник на ОН тврди дека ќе бидат потребни 14 години да се отстранат урнатините во Газа

Претставникот на Обединетите нации, Пјер Лодамар денеска изјави дека ќе бидат потребни 14 години да се расчисти огромното количество урнатини, вклучително и неексплодирани експлозивни направи, што ги остави Израел за време на војната во Појасот Газа.

Лодамар, висок офицер во Службата за мини на ОН (УНМАС), на брифинг во Женева рече дека војната оставила околу 37 милиони тони отпад во широко урбанизирана, густо населена област.

Тој истакна дека иако не е можно да се одреди точниот број на неексплодирани убојни средства се смета дека под одредени услови, би можеле да бидат потребни 14 години да се расчистат остатоците, вклучувајќи ги и урнатините од уништените згради.

„Знаеме дека вообичаено има стапка од 10 проценти за неуспех, односно неактивирање на муницијата. Станува збор за 14 години работа со 100 камиони“, рече Лодамар. /МИА

Руски новинар на „Форбс“ е приведен поради наводно ширење лажни информации за армијата

Новинарот на магазинот „Форбс Русија“, Сергеј Мингазов е приведен под сомнение дека ширел лажни информации за руската армија, објави денеска магазинот.

„Форбс Русија“ додава дека досега не успеале да стапат во контакт со Мингазов. Неговиот адвокат Константин Бубон на Фејсбук објави дека новинарот е во притвор во источниот руски град Хабаровск, каде што живее.

Адвокатот рече дека Мингазов бил приведен поради преобјавување публикации за наводни руски воени злосторства во украинскиот град Буча, каде што убиствата на украинските цивили во првите недели од војната беа пријавени од Ројтерс и други новински организации.

Профилот на Мингазов на платформата Телеграм содржи бројни објави за Буча, а засега не е јасно за која од нив новинарот е приведен. /МИА

притисни ентер