На „Охридско лето“ музичка вечер со германските уметници Турку и Чернјавска, како и театарската претстава „Странци“ - Канал 5

На „Охридско лето“ музичка вечер со германските уметници Турку и Чернјавска, како и театарската претстава „Странци“

Осумнаесеттиот ден на годинешното „Охридско лето“ на програмата нуди два настани.

На „Охридско лето“ музичка вечер со германските уметници Турку и Чернјавска, како и театарската претстава „Странци“

Концерт на германското дуо Рубенс Турку на виолина и пијанистката Милана Чернјавска во „Света Софија“ и театарската претстава „Странци“ на Драмскиот театар од Скопје за која е резервирана сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“.

Германскиот виолинист Рубенс Турку своето деби го доживува во Америка, по што неговата концертна дејност зема замав и тој се појавува во најголемите концертни сали во светот и на најпрестижните музички фестивали во Германија. На тие настапи Турку се прославува како солист и камерен музичар заедно со изведувачите Јулија Фишер, Албан Герхард, Ана Чумаченко, Милана Чернјавска и голем број значајни музички ансамбли и оркестри.

Неговата дискографија опфаќа неколку компакт-дискови одлично прифатени од слушателите и стручната јавност. Успешен е и на полето на образовната дејност. Тој е професор на Државниот конзерваториум во Форарлберг, Австрија, на Академијата „Пероси“ во Биела, Италија, а редовно одржува и мајсторски курсеви во повеќе земји во светот.

Германската пијанистка со украинско потекло, Милана Чернјавска, се смета за една од водечките пијанистки денес. Постојано е присутна на светската сцена, на интернационалните фестивали во речиси сите големи музички центри. Нејзините артистички достигнувања се наградени со бројни национални и интернационални награди. Покрај солистичката дејност Чернјавска е позната и како камерен изведувач.

Во нејзината дискографија се сретнуваат повеќе десетици компакт дискови, направени во соработка со познати издавачки куќи. За нив Чернјавска има добиено повеќе награди. Често одржува и мајсторски курсеви, а може да се сретне и како член на жирито на повеќе престижни пијано натпревари.

На програмата се дела на сонати за пијано и виолина на Григ, Бетовен, Дворжак.

За театарската претстава „Странци“ во изведба на Драмскиот театар од Скопје, може да се каже дека е „драмомедија“ во која седумина пријатели играат игра во која ги споделуваат сите телефонски пораки, разговори, фотографии, комуникациите преку социјалните мрежи и на тој начин ги откриваат личните тајни, отворајќи болни конфликтни ситуации. Истовремено се потенцираат разликите помеѓу приватното и јавното себе претставување. Паралелните дејства создаваат епска сценска наративност која не се стреми да го означи крајот, туку расте во широчина. Сѐ во име на вистината. По соочување со вистината, следи судир со пост вистината, состојба во која фактите стануваат помалку влијателни отколку што се тоа емоциите и личните убедувања.

Текстот е по сценариото на италијанскиот филм „Перфектни странци“, а играат Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ и Предраг Павловски. Драматург е Викторија Рангелова Петровска, сценограф Константин Трпеноски, костимограф Роза Трајческа Ристовска, а композитор Огнен Анастасовски.

Поставката на претставата е на режисерката Нела Витошевиќ која високото образование и магистерските студии ги заврши на Факултетот за драмски уметности во Скопје, под менторство на професорот Слободан Унковски. Од 2011 до 2015 година работи и како демонстратор на истиот факултет, на отсекот актерска игра. Нејзината кариера успешно започнува со дипломската претстава „Чикашки перверзии“, на Дејвид Мамет, поставена и изведувана во Драмскиот театар – Скопје. Понатаму нејзината кариера се развива со претставите „Вејка на ветерот“ и „Да тргнеме Сењор“ во Македонскиот народен театар, „Сон на летната ноќ“ и „Змејовата невеста“ во Прилепскиот театар, „Жена од минатото“ на Роланд Шимелфенинг, „Стари времиња“ од Харолд Пинтер и.т.н. Со претставата „Змејовата невеста“, Нела ги освои и главните државни награди и признанија за театар – награда за најдобра режија и награда за најдобра претстава на Фестивалот „Војдан Чернодрински“. Од огромна значење за нејзиниот развој како професионалец е и формирањето на нејзиниот независен театар „Wonderland Theatre“ кој донесе свежина и поинаков пристап на независната театарска сцена во Македонија. Таа таму направи неколку претстави: „Фирма“, „5:17“, „Брод за кукли“. За претставата „Брод за кукли“ ја доби главната награда од жирото, за најдобра претстава на фестивалот МОТ. Во моментов е вработена во Македонскиот народен театар каде што ја подготвува нејзината нова претстава.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Го купувате вашиот прв SUV?

 Пет прашања што ќе би помогнат да го избегнете погрешниот избор

Го купувате вашиот прв SUV?

Купувањето на првиот теренец честопати започнува со едноставна желба за повеќе простор, подобра видливост и попрактичен автомобил. Иако понудата е огромна, разликите меѓу моделите не се секогаш очигледни, а ниската почетна цена не мора да значи најдобар избор. Автомобил кој на прв поглед изгледа прифатливо може да стане значително поскап по додавање на посакуваната опрема, додека поголем модел не значи дека е и покорисен. Пред да донесете одлука, вреди да одговорите на овие пет прашања што откриваат колку добро автомобилот навистина ги задоволува вашите потреби.

Колку простор навистина ви е потребен?

Не мора да купите голем SUV за да биде практичен. Поважно е колку лесно со него се снаоѓате низ градот, дали лесно може да се смести багаж и дали нуди доволно простор за патниците. Компактен SUV често е добро решение за возачите кои сакаат повеќе простор од класичен градски автомобил, но не сакаат отежнато паркирање и непотребно големи надворешни димензии.

При проценка на просторот, не е доволно да се земе предвид бројот на литри во багажникот. Вреди да се провери колку лесно се влегува на задните седишта, дали ентериерот може да собере поголеми предмети и дали автомобилот е доволно практичен за секојдневните градски обврски.

Што е вклучено во цената?

Два автомобила со слична почетна цена можат значително да се разликуваат по додавањето на посакуваната опрема. Затоа, не треба само да ги споредите основните износи, туку и да проверите дали камерата, сензорите за паркирање, поврзувањето со паметни телефони и системите за помош на возачот доаѓаат како стандардна опрема или се плаќаат дополнително.

Која опрема всушност ќе ја користите?

Подобар избор не е нужно моделот со најмногу карактеристики, туку оној со корисни функции достапни во пакет што одговара на вашиот буџет. Опремата што возачот ја користи секојдневно е поисплатлива на долг рок отколку некој атрактивен додаток што ќе се заборави по првите неколку недели.

Дали погонот одговара на вашите навики?

Возач кој поголем дел од патот го поминува низ град нема исти потреби како некој што често вози на отворен пат. Пред да купите, треба да ја процените годишната километража, типичните рути и очекуваната потрошувачка.

Дали автомобилот ќе ви одговара за неколку години?

Првиот теренец често се купува поради промени што допрва доаѓаат, почести патувања или нови семејни потреби. Затоа треба да размислите однапред: дали ќе има доволно простор и опрема, колку лесно ќе се користи автомобилот на дневна основа и дали ви дава чувство дека нема набргу да стане премногу мал или застарен.

Најдобриот баланс помеѓу цената, опремата и долгорочната вредност не се наоѓа во една информација. Тој доаѓа кога автомобилот се вклопува во реалниот живот, кога корисната опрема не бара низа додатоци и кога купувачот добива доволно простор и технологија без да плаќа за она што не му е потребно. Овој баланс е најважниот критериум при изборот на вашиот прв теренец.

Извор: index.hr

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Драма на 40 метри над земјата: Електричар останал да виси, па снимил последна порака до жена му и децата (ВИДЕО)

Електричар од Чикаго бил заробен шест часа на џиновски билборд на бензинска пумпа во Илиноис откако кранот на кој работел се расипал.

Драма на 40 метри над земјата: Електричар останал да виси, па снимил последна порака до жена му и децата (ВИДЕО)

Додека чекал помош, на висина од околу 40 метри, во еден момент помислил дека можеби нема да преживее и решил да сними последна порака до сопругата и децата.

„Навистина немаше воздух“

Еј Џеј Гоув работел во Вилмингтон на 21 јули кога кранот се расипал. Тој бил заробен во структурата на џиновски рекламен знак.

„Беше жешко. Навистина немаше воздух, па испратив колега долу. Му реков: „Оди да земеш вода и мојот вентилатор на батерии“. Тој се спуштил, а кога повторно се кренал, кранот се расипал и тој не можел да се врати“, рекол тој.

Обидите да се поправи кранот биле неуспешни. До околу 14 часот, Гоув бил заробен на врвот од структурата четири часа. Со текот на времето, неговата состојба почнала да се влошува.

„Се чувствував ужасно. Му реков на колегата: „Викни брза помош. Не ме интересира што треба да направиш, само спушти ме долу“, објасни тој.

Ситуацијата стана многу сериозна во еден момент.

„Немаше скали“

„Бев навистина исплашен и не знаев што ќе се случи. Да, се испаничив“, се присети електричарот.

Плашејќи се дека можеби нема да се извлече од структурата, реши да сними пораки за сопругата и децата, објавува LadBible.

„Не дај Боже нешто да се случи, тоа би биле моите последни зборови. Всушност, збогум без да се каже зборот „збогум““, рече тој.

Спасувачите пристигнаа со пожарникарите од Вилмингтон.

„Немаше скали ниту скалила вградени во знакот, па не можевме да го достигнеме човекот. Нашите скали не беа доволно високи“, рекоа службениците.

Безбедно спуштање на земјата

Спасувачите прво испратија дрон во близина на отворот на знакот за да остварат визуелен контакт со електричарот додека менаџерите на операциите развија план за спасување.

Во меѓувреме, скршениот кран беше спуштен и отстранет. Потоа беше испратен соодветен кран од блиската област Жолиет.

Тој „падна“ на билбордот и Гоу беше безбедно спуштен на земја. Немаше повредени за време на интервенцијата.

YouTube video

Гоу оттогаш се врати на работа и продолжува да поправа знаци високо над земјата. Сепак, едно искуство го научи на важна лекција.

Отсега натаму, вели тој, нема да ја напушти корпата на кранот, за да не се зароби повторно десетици метри над земјата.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Климатски промени: Земјата е толку загреана, што крокодилите во Франција несат јајца како да се во Африка

Најновиот летен топлотен бран доведе до тоа крокодили од Нил прв пат да се изведат природно на фарма за крокодили во Пјерлат, во југоисточна Франција, без човечка интервенција, соопшти раководството на фармата.

Климатски промени: Земјата е толку загреана, што крокодилите во Франција несат јајца како да се во Африка

Фармата за крокодили соопшти дека десет крокодили, чие природно живеалиште е реката Нил во Африка, се извеле од јајца без човечка интервенција во регионот Дром, и дека нивното природно доаѓање на свет било можно за прв пат, благодарение на топлината акумулирана во почвата за време на жешкото лето, објавува „Ле Фигаро“.

„За прв пат имавме инкубација што се одвиваше 100 проценти во природни услови“, рече Самуел Мартин, ветеринар на фармата.

Тој рече дека фактот што нилските крокодили во Франција почнаа да се ведат од јајца во природни услови е загрижувачки и дека тоа е пред сè „знак на климатските промени“.

Мартин додаде дека сите десет бебиња крокодили се „многу добро“ и внимателно се следат.

За да се развие и изведе нилски крокодил, неговото јајце мора да се чува на константна температура помеѓу 30 и 32 степени Целзиусови во текот на три месеци. Во претходните години, ветеринарниот персонал собираше крокодилски јајца и ги ставаше во инкубатори, но оваа година, повторените топлотни бранови создадоа идеални услови, дозволувајќи им на суптропските видови природно да се размножуваат во песокот, кој ја задржува топлината од денот дури и ноќе.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер