На дигач на тегови му пукнаа двете колена на Европското првенство (Вознемирувачко видео)

Александер Седих, рускиот рекордер во кревање тегови, претрпе застрашувачка повреда на Европското првенство во кревање тегови , верзија РАВ.

Првенството се одржува во Москва, а несреќниот спортист се обиде да крене дури 400 килограми. Двете колена му се скршија од тежината, а тој се сруши на подот.

Најпрво тој се стегна од болка, а на снимката се гледа како му пукаат колената. Ударот не е за оние со послаб стомак и сè би завршило уште полошо ако теговите паднале врз Седих.

Тој бил пренесен во болница, каде бил итно опериран на обете колена. Спортистот помина дури шест часа на оперативната маса, а сè уште не се знае дали ова ќе биде крај на неговата кариера.

Денеска променливо облачно

Времето денеска ќе биде промеливо облачно.

Претпладне сончево со мала до умерена облачност а од пладневните часови во западните делови облачноста ќе се зголемува со услови за појава на локален дожд и ретки грмежи.

Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.

Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 14, а максималната ќе достигне од 24 до 30 степени, во Скопје до 26 степени Целзиусови.

Димитров во Брисел на средби со Вархеји, Схинас и Рот

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска ќе престојува во работна посета на Брисел, што всушност е и прва посета во седиштето на ЕУ на претставник на Владата на Северна Македонија по нејзиното формирање.

Како што соопшти СЕП, предвидени се средби со потпретседателот на Европската комисија задолжен за промоција на европскиот начин на живот, Маргаритис Схинас и еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, како и со други претставници на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија.

На маргините на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) што неделава се одржува во Брисел, вицепремиерот Димитров ќе оствари средба и со државниот министер за Европа на Сојузна Република Германија, Михаел Рот.

– Работната посета на заменик претседателот на Владата Никола Димитров се случува во исклучително важен момент за Северна Македонија, во светло на дефинирање на Преговарачката рамка и одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ, што ќе означува и официјален почеток на пристапните преговори со Унијата, се наведува во соопштението на СЕП.

На средбите Димитров ќе ги отвори прашањата поврзани со ИПА 3 програмата, имајќи го предвид утврдувањето на Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ 2021-2027 што е актуелно периодов. Во тој контекст ќе се зборува и за подготовките за димензионирање и објавување на најавената Економска програма за развој и инвестиции за Западен Балкан. /МИА

Собраниска седница за избор на заменици-министри во Владата

Собранието денеска треба да ја одржи 13-тата седница на чиј дневен ред е предлогот за именување на заменици на министри во Владата.

За заменик-министер во одбрана е предложен Башким Хасани, во Министерството за внатрешни работи Назим Буши, а во ресорот правда предлогот за заменик-министер е Агим Нухиу.

Илхан Рахман е предложен за заменик на министерот кој раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а Фатмире Исаки за заменик-министер за надворешни работи.

Во Министерството за финансии заменик на министерот Фатмир Бесими треба да му биде Димитар Ковачевски, а во Министерството за економија предложен е Зоран Маневски. Во ресорот земјоделство за заменик е предложен Трајан Димковски, кој претходно ја извршуваше министерската функција во истото Министерство.

Доктор Илир Хасани е предлогот за заменик-министер во Министерството за здравство. Арафат Шабани е предложен во Министерството за образование и наука, Енвер Хусејин во Министерството за труд и социјална политика, Зоран Димитровски во Министерството за локална самоуправа и Седат Сулејмани во Министерството за култура.

За заменик-министер за информатичко општество и администрација е предложен Александар Бајдевски, во Министерството за транспорт и врски Беким Реџепи, а во Министерството за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска.

Предлогот Владата до Собранието го достави минатиот петок. /МИА

притисни ентер