МЗШВ: Со нов систем за авионско засејување на облаците, до заштита на земјоделското производство од град

Како што појаснуваат од МЗШВ, станува збор за нов систем за заштита од временски непогоди што предвидува контрола на климатските услови преку таканаречено засејување. 

Владата на вчерашната седница ги усвои измените на Уредбата за доделување на техничката поддршка во земјоделството и руралниот развој, со што се додаде нова подмерка „Услуги за авионско засејување на облаците за превенција од природни непогоди и неповолни климатски настани врз земјоделски посеви".

Како што појаснуваат од МЗШВ, станува збор за нов систем за заштита од временски непогоди што предвидува контрола на климатските услови преку таканаречено засејување. Тоа подразбира надлетување на небото на територија на Македонија со специјално опремени авиони што ќе испуштаат раствор за спречување на формирање мраз во облаците. Со овој вид заштита од природни климатски непогоди како што е градот се постигнува најефикасен систем за превенција и неколку кратно поекономичен систем од старите ракетни системи.

Во текот на изминатиот период МЗШВ направи повеќе истражување на различните типови на заштита и консултации со релевантни страни, при што се дојде до заклучок дека ваквиот тип на заштита е најпрецизен и економски исплатлив затоа што не бара сериозни инвестиции во комплексни системи какви што се денешните за кои никој не може да гарантира висок процент на заштита, односно досегашните алтернативните системи за справување со природни непогоди (град) предвидуваат испукување на ракети од земја кон облаците и во повеќе случаеви се имаат докажано како неефикасни.

Овој период беа одржани неколку консултативни работни состаноци со УХМР за спроведување на целата постапка. Откако Владата ја усвои одлуката, сега УХМР ќе спроведе јавна набавка за избор на компанија за услуги за авионско засејување на облаците за превенција од природни непогоди и неповолни климатски настани врз земјоделски посеви.

Проценетата вредност за набавка на услугите е 90 милиони денари, што е неколкукратно поекономично од инвестициите во ракетен систем чија проценета вредност за инсталација и одржување е еднократна инвестиција од 1 милијарда и 200 милиони денари и дополнителни трошоци за одржување и набавка на материјали од 300 милиони денари на годишно ниво.

Поради сѐ позачестените негативни последици од климатските промени и појава на град, Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, интензивно работи на мерки со кои што ќе се заштити земјоделското производство од штети од временските непогоди, конкретно од град, и овој нов систем е само дел од мерките за заштита од временски нпогоди. Инаку, и натаму на земјоделците на располагање им стои мерката од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година за кофинансирање на трошоците за премијата за осигурување за надоместок на штета врз земјоделското производство во висина од 60 отсто. Вкупната сума во Програмата за оваа намена е 70 милиони денари. Дополнително, МЗШВ работи и на нов модел за зголемување на осигурувањето на земјоделското производство.

Средба на Сиљановска Давкова со италијанскиот амбасадор Силвестри

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се сретна со амбасадорот на Италија, Андреа Силвестри кој и честитал на Сиљановска-Давкова и и посакал успешно извршување на претседателската функција.

-Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека двете земји имаат традиционално пријателски односи и изрази силна подготвеност за натамошно унапредување на политичкиот дијалог и интензивирање на севкупните билатерални односи со Италијанската Република, преку засилување на постоечките и изнаоѓање на нови можности за соработка, се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателката.

На средбата биле разменети мислења за текот и натамошните чекори во однос на евроинтеграциите на земјава, при што претседателката истакнала дека ќе се залага за широк општествен консензус во однос на прилагодување на македонското со европското законодавство, со цел доследно исполнување на реформските процеси и зголемување на кредибилитетот на процесот на проширување на Европската Унија.

Претседателката изразила благодарност за досегашната улога и пристап на Италијанската Република во поддршката за целиот регион во врска со процесот на европските интеграции и укажала на позитивниот однос на официјален Рим при надминување на споровите со своите соседи при приемот на нови членки во Унијата.

Сиљановска Давкова изразила надеж дека Италијанската Република и во иднина принципиелно ќе ја поддржува земјава во мериторниот процес на исполнување на европските критериуми со цел забрзана интеграција на земјава во ЕУ, што, како што нагласила, претставува заеднички интерес за поширокиот регион.

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со евроамбасадорот Гир

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими шефот на делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир, информираат од кабинетот на македонската претседателка.

На средбата претседателката Сиљановска Давкова се заблагодарила за упатените честитки од челниците на Европската Унија по повод нејзиното стапување на функцијата и изразила подготвеност за целосна соработка со делегацијата на Европската Унија во Скопје во однос на пристапниот процес на државата, истакнувајќи ја значајноста на делегацијата како своевиден координатор на активностите на ЕУ во земјава.

-Претседателката Сиљановска Давкова посочи на потребата за напредок во процесот кон членство во Европската Унија, како стратешка цел на државата и определба на мнозинството од македонските граѓани. Нашата иднина, според претседателката Сиљановска Давкова, несомнено е во Европската Унија, а местото на нашата држава е на иста маса со европските земји со кои нѐ обединуваат историски, културни и морални традиции и вредности, се вели во соопштението од кабинетот на Сиљановска Давкова.

Претседателката посочила на нејзината подготвеност да придонесе во градењето единство за прашања од национален и државен интерес и да придонесе кон обезбедувањето на политички и општествен консензус по однос на реформската агенда и усвојувањето на закони за кои е предвидено европско знаменце, со цел, како што нагласила, да се избегне неговата злоупотреба, што било нотирано и од самата ЕУ во изминатиот период.

Сиљановска Давкова истакнала дека и покрај високото ниво на подготвеност на македонската администрација и насобраното искуство, напредокот во исполнувањето на критериумите трпи поради политички околности и потези за кои се одговорни и одредени земји – членки на ЕУ.

Во тој контекст, таа посочила на потребата од враќање на вербата во мериторен процес на интеграција, со фокус на исполнување на копенхашките критериуми.

„Храбро за Македонија“: Украдени ни се преку 600 гласови, ќе поднесеме тужба до управниот суд

Коалицијата Храбро за Македонија на прес-конферецнија пред ДИК обввини за изборни манипулации, со кои како што велат, им биле одземени стотици гласови во неколку изборни единици.

притисни ентер