МЗ: На владина седница одобрени 931 специјализација и 130 супспецијализации за периодот 2019 – 2022 година

Министерството за здравство инфорира дека е усвоена информацијата за потребата од набавка на лекот Спинраза и усвоен предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на правата на пациентите.

Владата на денешната 141. седница ја усвои предлог програмата за потребите од специјалистички и супспецијалистички кадар, согласно мрежата на здравствените установи (2019-2022) и одобрени се вкупно 931 специјализација. За 2019 година одобрени се 346 специјализации (од кои 22 специјализации се преземања од приватна специјализација, согласно член 150-а од Законот за здравствената заштита, насловен „Можност за продолжување на специјализација, односно супспецијализација на товар на јавна здравствена установа“ и 324 се нови специјализации).

За 2020 година - 241 специјализација, за 2021 година - 184 специјализации и за 2022 година одобрени се вкупно 160 специјализации.

Покрај специјализациите, Владата на Република Северна Македонија одобри и супспецијализации, и тоа за 2019 година одобри вкупно 68 супспецијализации, за 2020 година одобри вкупно 24 супспецијализации, за 2021 година одобри вкупно 22 супспецијализации и за 2022 година одобри вкупно 16 супспецијализации. Оттука, Советот за специјализации за четиригодишниот период 2019-2022 година одобри вкупно 130 супспецијализации.

Според ставот (2) од член 148 од Законот за здравствената заштита, јавните здравствени установи за спроведување на програмата се должни да обезбедат финансиски средства во висина потребна за спроведување на специјализациите, односно супспецијализациите. Овие средства ЈЗУ ќе ги уплаќа сукцесивно, по семестри, во тек на целото времетраење на специјализацијата и супспецијализацијата.

На денешната седница, Владата ја разгледа и усвои информацијата за потребата од набавка на лекот Nusinersen (Spinraza), за пациентите со спинална мускулна атрофија (СМА) и се задолжува Министерството за финансии да обезбеди дополнителни 147 милиони и 600 илјади денари во Буџетот на Министерството за здравство за 2019 година. По обезбедувањето на финансиските средства од Министерството за финансии, се задолжува Министерството за здравство да спроведе постапка за доделување договор за јавна набавка за лекот Nusinersen (Spinraza).

Со воведувањето на новиот лек како прва генска терапија во нашата држава во третманот на пациентите со спинална мускулна атрофија, се добива можност за интервенирање и промена на текот на болеста со одржување и подобрување на моторната функција, а со тоа подобар квалитет на живот и продолжување на животниот век. Во Северна Македонија се регистрирани 7 пациенти во детска возраст (до 18 години) и тоа СМА тип 2 и 3. Овој лек, во земјите во ЕУ се применува од 2017 година, а во повеќето балкански земји е во редовна примена од почетокот на 2018 година.

Владата го усвои предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на правата на пациентите, кој ќе биде доставен до Собранието на Република Северна Македонија. Целта со овој закон е:

- да се обезбеди и промовира целосно остварување на човековите права и основни слободи на сите лица без каква било дискриминација, вклучително и врз основа на попреченост и родовиот идентитет и пол;

- забрана за дискриминација во обезбедувањето на правата на пациентите содржани во законот;

- унапредување и заштита на правата на пациентите со нивно активно вклучување во комисиите за унапредување на правата на пациентите во општините во државата.

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер