МВР заедно со ФБИ уапси 20- годишник од тетовска Голема Речица- произведувал и продавал детска порнографија - Канал 5

МВР заедно со ФБИ уапси 20- годишник од тетовска Голема Речица- произведувал и продавал детска порнографија

Успешна заедничка акција на МВР и ФБИ: Разбиен нелегален онлајн пазар за продажба на украдени податоци, кривична пријава против 20-годишник од Тетовско.

МВР заедно со ФБИ уапси 20- годишник од тетовска Голема Речица- произведувал и продавал детска порнографија

Како резултат на успешна координирана истрага меѓу Министерството за внатрешни работи и Федералното истражно биро (ФБИ), откриен е администраторот на нелегалниот онлајн пазар „OLVX“, преку кој се нуделе украдени лични податоци, пристапни акредитиви и алатки за извршување компјутерски криминал.

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР до ОЈО Тетово поднесе кривична пријава против Е.А. (20) од Голема Речица, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „компјутерска измама“, „злоупотреба на лични податоци“ и „производство и дистрибуција на детска порнографија“.

Акцијата е резултат на првично добиени информации од ФБИ, по што следувала заедничка, координирана истрага насочена кон откривање и сузбивање на криминалните активности поврзани со нелегалниот онлајн пазар „OLVX“.

Според обезбедените докази, пријавениот во периодот од 2023 до 2025 година бил администратор на домени и веб-страници поврзани со платформата „OLVX“, која служела како нелегален пазар за продажба на украдени дигитални податоци, софтверски алатки и услуги наменети за извршување кривични дела.

Главни корисници на платформата биле сајбер-криминалци кои купувале и продавале лични податоци и пристапни акредитиви за кориснички сметки и компјутерски мрежи на жртви. Во периодот на функционирање на платформата биле понудени над 1.500 украдени пристапни акредитиви.

Истрагата дополнително утврдила дека во периодот од 2025 до 2026 година пријавениот администрирал и нелегална онлајн група под името „ONEMILI“ на комуникациската апликација „Телеграм“. Преку оваа група биле нудени услуги и софтверски алатки за извршување компјутерски криминал, вклучително и измами поврзани со незаконско враќање парични средства.

Дополнително, обезбедени се докази дека пријавениот преку апликацијата „Телеграм“ набавувал и поседувал за себе материјали со сексуална злоупотреба на деца.

Оваа операција претставува прва заедничка координирана сајбер-операција меѓу МВР и ФБИ, потврдувајќи го значењето на меѓународната полициска соработка во откривањето и сузбивањето на современите форми на организиран компјутерски криминал.

Министерството за внатрешни работи, преку Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, останува цврсто посветено на борбата против сајбер-криминалот, заштитата на личните податоци и безбедноста на граѓаните во дигиталниот простор.

Успешната соработка со ФБИ претставува значаен чекор во зајакнувањето на капацитетите за справување со транснационалниот компјутерски криминал и испраќа јасна порака дека дигиталниот простор не смее да биде засолниште за криминални активности, соопшти МВР.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Страшна повреда на италијанска тенисерка: Ногата ѝ пропадна во земјениот терен (ВИДЕО)

Италијанската тенисерка Елеонора Алвизи претрпе една од најтешките повреди на тениската турнеја оваа година и мораше да се повлече од натпреварот во Санта Маргарита ди Пула, турнир на ИТФ.

Страшна повреда на италијанска тенисерка: Ногата ѝ пропадна во земјениот терен (ВИДЕО)

Во тајбрејкот во вториот сет против шведската противничка Елизабет Ског, таа се обиде да влезе на теренот и да стигне до топка, но се сопна на куп земјена подлога и заврши на земја.

Повредата на коленото веднаш беше јасна, а судијата истрча за да види што точно се случува.

Италијанката беше изнесена од теренот, а ќе видиме дали 23-годишната ќе може да се натпреварува до крајот на сезоната.

Таа влезе меѓу првите 1000 на овој турнир, но нејзиното видео привлече големо внимание во врска со подготовката на самиот земјен терен.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Сиљановска-Давкова со Баренбаум: Историската вистина за македонските Евреи мора да се зачува

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими д-р Мајкл Баренбаум, истакнат професор по еврејски студии и експерт за Холокаустот, кој во март годинава ја придружуваше за време на посетата на Меморијалниот комплекс „Треблинка“ во Полска.

Сиљановска-Давкова со Баренбаум: Историската вистина за македонските Евреи мора да се зачува

На средбата присуствуваа Горан Садикарио, директор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Љиљана Мизрахи и Тодор Чепреганов.

Сиљановска-Давкова укажа на опасноста од историски ревизионизам, минимизирање и негирање на Холокаустот и од антисемитизам.

За неа, Треблинка каде што биле убиени 7.144 македонски Евреи, односно 98 проценти од македонската еврејска заедница е длабоко потресно искуство, но и споменик што сведочи за историските факти, како и причина за прераснување на одбележувањето во традиција.

Претседателката му се заблагодари на Баренбаум за експертското и човечко ангажирање во одбраната на историската вистина за Холокаустот врз македонските Евреи, особено за аргументираната заложба да се сочува автентичниот натпис на спомен-плочата во Треблинка, наспроти обидите за негова измена.

За професорот, присуството на Претседателката, пратеници и претставници на македонската Eврејска заедница на одбележувањето на 11 Март - Денот на депортацијата на македонските Евреи, во Треблинка, е од исклучителна важност.

Баренбаум потсети дека со испишувањето на имињата на македонските Eвреи на ѕидот во Меморијалниот комплекс, секоја жртва ќе добие траен спомен и заслужена заштита од заборав.

Тој укажа на важноста од документирање на историјата и едукација на младите генерации за Холокаустот во сите степени од образовниот процес, како и организирање студентски посети на Меморијалниот комплекс во Треблинка.

Директорот на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија информираше за тековните активности, меѓу кои и иницијативата за формирање на едукативен институт во негови рамки, како и за утрешната изложба посветена на еврејските партизани во Скопје, соопштуваат од Кабинетот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Утре сончево време со температура до 20 степени

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност, соопштуваат од УХМР. 

Утре сончево време со температура до 20 степени

МАКСИМАЛНА ТЕМПЕРАТУРА

4 Попова Шапка, 8 Маврови Анови, 9 Крушево, Берово, 13 Крива Паланка, Претор, Прилеп, 14 Битола, Охрид, 16 Струмица, Виница, Штип, Тетово, 17 Кавадарци, Скопје Петровец, Скопје – Зајчев Рид, Демир Капија, Велес, 18 Гевгелија.

ВРЕМЕТО ДЕНЕСКА И ДО КРАЈОТ НА ДЕНОТ

Времето денес беше променливо облачно со сончеви периоди. Наместа дуваше засилен до силен ветер, кој во источните делови повремено достигнуваше брзина од 60 km/h. Во вечерните часови и во текот на ноќта ќе биде умерено облачно. Ќе дува засилен ветер од северен и северозападен правец.

ВРЕМЕТО УТРЕ

Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец, кој долж Повардарието ќе надминува брзина од 60 km/h. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 9, а максималната ќе достигне од 12 до 20 степени.

Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 15 степени.

ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ

Следува период на променливо облачно и стабилно време, освен во петок кога ќе има слаби локални врнежи од дожд кои на повисоките планини ќе бидат од снег. Утре ќе дува засилен до силен ветер од северен правец, а од петок до крајот на периодов, ќе дува слаб до умерен северен ветер, кој ќе биде поизразен долж Повардарието.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер