МВР: Кривична пријава за тешки дела против општата сигурност за 10 полициски службеници - Канал 5

МВР: Кривична пријава за тешки дела против општата сигурност за 10 полициски службеници

Кривична пријава за тешки дела против општата сигурност за 10 полициски службеници, шест се лишени од слобода, по еден се трага, тројца веќе се во притвор

МВР: Кривична пријава за тешки дела против општата сигурност за 10 полициски службеници

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција поднесе кривична пријава за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ по член 292 став 2 од Кривичниот законик во врска со кривично дело „предизвикување општа опасност“ по член 288 став 2 и став 3 од Кривичниот законик против 10 лица и тоа: П.С. (во времето на извршување на кривичното дело на работно место помошник началник во СВР Штип), Ј.Т. (во време на извршување на кривичното дело на работно место главен инспектор за сообраќајни работи во Одделение за полиција во СВР Штип), С.Д. (во времето на извршување на кривичното дело на работно место главен инспектор за сообраќај во Одделение за полиција во СВР Штип), М.С. (во време на извршување на кривичното дело на работно место началник на одделение во Одделение за полиција во СВР Штип), Љ.Т. (во време на извршување на кривичното дело на работно место началник во СВР Штип), В.П. (во времето на извршување на кривичното дело на работно место главен инспектор по сообраќајни работи во Одделение за полиција во СВР Штип), Д.А. (во време на извршување на кривичното дело самостоен инспектор за јавен ред и мир во СВР Штип), А.А. (во време на извршување на кривичното дело на работно место помошник началник на СВР Штип), В.И. (во време на извршување на кривичното дело на работно место документарист во ПС ОН Кочани во СВР Штип) и А.Т. (во времето на извршување на кривичното дело на работно место командир на ПС ОН Кочани).

Првопријавениот П.С. на 07.12.2012 потпишал акт и истиот го доставил до Министерство за економија со кој дал согласност дека кабаре „ПУЛС“ поседува елаборат за заштита од пожари и опасни и експлозивни материи и ги исполнува законските услови во делот на сообраќај со што придонел на правниот субјект ДПТТУ „Класик ДМ“ ДООЕЛ Кочани од страна на Министерството за економија да му биде издадена лиценца за вршење на угостителска дејност на кабаре “Пулс“ од 13.12.2012.

Второпријавениот Ј.Т. и третопријавениот С.Д. на 10.02.2018 доставиле мислења и не извршиле целосна проверка пред да ги изготват мислењата и согласноста, каде спротивно на член 6 став 3 од Законот за угостителска дејност констатирале дека кабаре „Пулс“, претставувано од ДПТТУ „Класик ДМ“ ДООЕЛ Кочани ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќај.

Четвртопријавениот М.С. и петтопријавениот Љ.Т. иако знаеле и биле должни да знаат дека кабаре „Пулс“, претставувано од ДПТТУ „Класик ДМ“ ДООЕЛ Кочани не ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и сообраќај, на 10.02.2018 и 24.01.2019 одобриле и потпишале известување до Министерството за економија во кое е констатирано дека се исполнети законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и сообраќај.

Шестопријавениот В.П. на 24.01.2019 и 21.01.2022 изготвил акт до Министерството за економија со кој доставил известување и констатирал дека кабаре „Пулс“ ги исполнува законските услови во делот на сообраќај на начин што не ги извршил потребните проверки со кои би утврдил дека не се исполнети законските услови за давање на согласност во делот од сообраќајот.

Седмопријавениот Д.А. на 21.01.2022 изготвил акт со кој на ДППТУ „Класик ДМ“ ДООЕЛ Кочани – кабаре „Пулс“ му издава согласност за вршење на угостителска дејност и истото го доставил до Министерство за економија, спротивно на член 6 став 3 од Законот за угостителска дејност. Иако знаел дека во кабаре „Пулс“ имало нарушувања на јавниот ред и мир, не извршил никакви проверки, туку се повикал на одговорот од ОВР Кочани во однос на нарушувањата на јавниот ред и мир, во кој пак не била правилно отсликана вистинската фактичка состојба, по што констатирал дека кабаре „Пулс“ ги исполнува законските услови во делот на јавен ред и мир и сообраќај.

Осмопријавениот А.А. и второпријавениот Ј.Т. на 21.01.2022 одобриле и потпишале известување до Министерството за економија, во кое е констатирано дека се исполнети законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и сообраќај.

Деветтопријавениот В.И. на 21.01.2022 изготвил телеграма во која наместо да даде точни и целосни податоци дека во кабаре „Пулс“ и во близина на истото кабаре има пријавени нарушувања на јавен ред и мир и пријавени кривични дела, истиот дал податоци само дека во кабарето, односно во правното лице ДПТТУ „Класик ДМ“ ДООЕЛ Кочани во 2021 година имало едно нарушување на јавниот ред и мир, а истиот иако знаел дека има нарушувања на јавниот ред и мир и пријавени кривични дела во 2019 и 2020 година, не дал никакви податоци за истите.

Десеттопријавениот А.Т. иако знаел и бил должен да знае дека има повеќе пријавени нарушувања на јавниот ред и мир во близина на кабаре „Пулс“, истиот вака изготвената телеграма ја контролирал, одобрил и потпишал со своерачен потпис.

Со чинење на наведените дејствија, пријавените како службени лица овозможиле правното лице ДПТТУ „Класик ДМ“ ДООЕЛ Кочани да се стекне со лиценца за вршење на угостителска дејност – кабаре „Пулс“ во Кочани на начин што не постапиле според прописите за мерките за заштита и не извршиле целосна проверка пред да биде издадена позитивната согласност за издавање на лиценца за кабаре, со што предизвикале опасност за животот и телото на луѓето на место каде што се собираат поголем број луѓе, при што на 16.03.2025 во кабаре „Пулс“ настанат е пожар во кој животот го загубија 61 лице.

Од пријавените, лишени од слобода се шест лица, по едно се трага, а тројца од претходно издржуваат мерка притвор, стои во соопштението од МВР.

Американскиот министер за одбрана си нарачал да му направат студио за шминкање во Пентагон

Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет има претворено соба во Пентагон во студио за шминкање.

Американскиот министер за одбрана си нарачал да му направат студио за шминкање во Пентагон

CBS News, повикувајќи се на извори блиски до Министерството за одбрана, пишува дека просторијата која се наоѓа веднаш до официјалната прес-сала во Пентагон е реконструирана за да служи како место за подготовка на министри и функционери за телевизиски настапи.

Цената на модификациите била неколку илјади долари. Првичните планови вклучуваа проект вреден повеќе од 40.000 долари, но на крајот тие биле значително намалени. Според претставник на Министерството за одбрана, промените се дел од „рутинските надградби што се случуваат за време на промените во администрациите“, но сепак околностите предизвикаа критики, особено што тие доаѓаат во време кога актуелната администрација јавно се залага за заштеда и рационализација на трошоците.

Тој тоа го негира

По објавувањето на извештајот, Хегсет преку платформата Икс (поранешен Твитер) изјавил дека станува збор за „целосно лажна приказна“ негирајќи дека нешто нарачал, а камоли шминкерница. Сепак, повеќе извори потврдуваат дека просторот навистина е уреден и дека тој го користи за свои ТВ настапи. Хегсет, наводно, сам се шминка, без да ангажира професионален шминкер, со што наводно се избегнуваат дополнителни трошоци.

Преуредувањето на просторијата вклучувало отстранување на старото биро, поставување на нов стол и големо огледало со професионално светло за шминкање. Според изјавите, целиот нов мебел и опрема потекнува од постојниот инвентар, а дополнителни работи извршила и домашна градежна екипа.

А кој е Хегсет?

Од особен интерес е фактот што Хегсет, пред да стане министер, беше ко-домаќин на утринската програма на Fox & Friends. И неговата сопруга Џенифер Хегсет, како и советничката Тами Радабау, која наводно ги предложила промените, се поранешни продуценти на Фокс њуз, што дополнително го зајакнува впечатокот за политизација на одбранбениот сектор и неговото зближување со десничарските медиуми.

Според изворите, Радабау, моментално заменик помошник секретар за стратешки комуникации, заедно со портпаролот на Пентагон, Шон Парнел и Џенифер Хегсет, го поддржале аранжманот. Скандалот со собата за шминка доаѓа во чувствителен момент, по наводите дека Хегсет споделувал доверливи воени информации во приватни групи на апликацијата Сигнал. И тоа двапати.

Прво беше откриено дека тој испраќал СМС пораки со доверливи воени планови на групен разговор во кој бил вклучен Џефри Голдберг, главен уредник на Атлантик.

„Њујорк тајмс“ потоа откри дека Хегсет споделил детали за американскиот напад врз Хутите во Јемен во друга приватна група „Сигнал“ што ја создал, во која биле неговата сопруга, брат и уште десетина блиски луѓе.

Според извори запознаени со пораките, Хегсет споделил информации во таа приватна група, како што е распоредот на летот на авионите Ф/А-18 Хорнет кои учествувале во нападот, истата информација што ја споделил во група високи функционери предводени од советникот за национална безбедност Мајк Волц. Првата група на Сигнал станала јавна кога на неа по грешка бил додаден новинарот на Атлантик, Џефри Голдберг.

Промени во пристапот до медиумите

На 21 февруари, Пентагон го затвори пристапот до прес-салата за новинарите, освен кога се објавени официјални говори. Тоа е значајна промена бидејќи беше една од ретките простории во зградата каде што новинарите можеа да пристапат до Wi-Fi и да снимаат изјави.

Падна авион во близина на воена база во САД

Експериментален авион се урна во воздухопловната база Ленгли, изјави претставник на базата за WTKR во Норфолк, Вирџинија.

Падна авион во близина на воена база во САД

Националниот одбор за безбедност на транспортот (NTSB) соопшти дека во несреќата учествувал експериментален авион MXS и се случил додека леталото се „приближувало“ до базата, објави Фокс.

„НТСБ го истражува падот на експерименталниот авион MXS во близина на Хемптон, Вирџинија“, објави агенцијата на X.

MX Aircraft MXS е аеробатско летало со високи перформанси, со едно седиште, дизајнирано првенствено за конкурентни аеробатски изведби и воздушни саеми.

Бен Афлек и Џеј Ло имаат проблеми поради продажбата на вилата од 68 милиони долари (ВИДЕО)

Бен Афлек и Џенифер Лопез не можат да се договорат за една работа по нивниот развод.

Бен Афлек и Џеј Ло имаат проблеми поради продажбата на вилата од 68 милиони долари (ВИДЕО)

Афлек сака да ја намали цената на нивната вила вредна 68 милиони долари, која се наоѓа на продажба, но на пејачката изгледа тоа не ѝ се допаѓа.

Вилата е ставена на продажба пред девет месеци, но добро упатени извори тврдат дека се уште никој не покажал интерес за неа. Агентите за недвижности наводно им рекле на поранешните сопружници дека мора да ја намалат цената за најмалку 15%, со што Бен навидум се согласил, но Лопез наводно се уште се држи до првичната цена.

Лопез и Афлек претходно тајно се обидоа да го продадат својот поранешен заеднички дом, но откако тоа не успеа, тие официјално го ставија на продажба. ТМЗ пренесува дека на крајот на септември минатата година добиле и прифатиле понуда од 64 милиони долари за вилата, но купувачите на крајот се откажале.

YouTube video

Ја купиле во 2023 година за 60,8 милиони

За потсетување, актерот и пејачката ја купија својата вила во јуни 2023 година за 60,8 милиони долари, а според извештаите, тие ја преплатиле. Куќата содржи 12 спални соби и дури 24 бањи и се простира на нешто повеќе од 4200 квадратни метри. Претходно, извори блиски до поранешниот пар изјавија дека ниту еден од нив не бил пресреќен во замокот.

"Бен никогаш не ја сакал куќата. Таа е премногу далеку од неговите деца", истакнал изворот во јуни минатата година. Лопез наводно чувствувала дека имотот е „преголем за неа“. По објавувањето на разводот, пејачката се преселила во куќа вредна 18 милиони долари во близина на Лос Анџелес, додека Афлек веќе купил имот од 20 милиони долари во Пацифик Палисадес.

притисни ентер