Мугуруза го освои Вимблдон - Канал 5

Мугуруза го освои Вимблдон

Шпанската тенисерка Гарбиње Мугуруза е победничка на годинашното издание на Грен слемот Вимблдон, откако попладнево во финалето на убедлив начин ја победи Венус Вилијамс од САД со 2-0.

Мугуруза го освои Вимблдон
Шпанката првиот сет го доби со 7:5, а во петтиот беше 6:0. Американката во првиот сет не искористи две врзани сет-топки при 5:4 и оттогаш до крајот не освои ниту еден гем.

Во меѓусебните дуели сега билансот е 3:2 за Вилијамс.

За Мугуруза ова е прв трофеј на Отвореното првенство на Велика Британија и втор од Грен слем турнирите во нејзината кариера.
Утре на Вимблдон на распоредот е машкото финале во кое играат Роџер Федерер (Швајцарија) и Марин Чилиќ (Хрватска).

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Ѓорѓиевски: Поради силното невреме, кризниот штаб и екипите на јавните претпријатија се на терен

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски соопшти дека поради силното невреме, кризниот штаб и екипите на јавните претпријатија се на терен.

Ѓорѓиевски: Поради силното невреме, кризниот штаб и екипите на јавните претпријатија се на терен

„Почитувани граѓани,

Поради силното невреме кое во текот на денешниот ден го зафати Скопје, Кризниот штаб на Град Скопје, заедно со службите и јавните претпријатија, е целосно мобилизиран и подготвен за брза интервенција на терен, доколку има штети, поплави или потреба од итна реакција.

🫡 Во постојана координација сме со ЦУК, МВР, ЕВН, Противпожарната бригада на Град Скопје и сите надлежни институции.

Сите капацитети се ставени во функција, со една цел навремена заштита на граѓаните и спречување на поголеми последици.

Екипите на Град Скопје ќе бидат на располагање во текот на целата ноќ и ќе интервенираат секаде каде што ќе биде потребно.

Не можеме да го запреме невремето, но можеме организирано, одговорно и заеднички да спречиме поголеми штети.

Ги повикувам граѓаните на внимателност, смиреност и соработка со надлежните служби.

Службите се на терен.

♥️ Граѓаните не се сами.“- соопшти скопскиот градоначалник.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Тошковски и Дачиќ од Табановце ја започнаа заедничката кампања „Вози одморен“

Одморен возач е најдобрата превенција за безбедно патување

Тошковски и Дачиќ од Табановце ја започнаа заедничката кампања „Вози одморен“

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот Горан Ангеловски, денеска на граничниот премин Табановце, со министерот за внатрешни работи на Република Србија Ивица Дачиќ и вршителот на должност директор на Агенцијата за безбедност во сообраќајот на Република Србија Бранко Стаматовиќ, официјално ја означија првата заедничка превентивна акција „Вози одморен“.

Кампањата има за цел да ја подигне свеста кај возачите за опасностите што ги носи заморот зад воланот, особено во екот на летната туристичка сезона кога значително се зголемува фреквенцијата на возила на Коридорот 10, од граничниот премин Табановце до граничниот премин Богородица.

Во своето обраќање, министерот Тошковски истакна дека оваа убава кампања и заедничките превентивни активности се уште една потврда за успешната соработка меѓу двете соседни и пријателски држави.

„Заедно со нашите колеги од Србија испраќаме силна порака дека превенцијата е најдобриот начин за заштита на човечките животи. Возачите кои во овие жешки денови тргнуваат на подолги патувања треба да бидат одморени, а за време на патувањето да прават пауза на секои два до три часа, во траење од најмалку петнаесет минути. Во рамките на патувањето да консумираат доволно вода во рамки на патувањето, да ги почитуваат сообраќајните правила, особено брзината на движење, Најголем број на сообраќајните несреќи се случуваат затоа што имаме преголем умор на оние што го управуваат возилото или затоа што го управуваат пребрзо. Заради сето тоа сметам дека ова е клучна кампања, бидејќи човековиот живот нема цена, еден човечки живот да спасиме сите ние заедно повеќе, ќе биде благодат за сите нас.“, истакна Тошковски.

Министерот Тошковски потсети дека со имплементација на One Stop системот со Република Србија, чекањето на овој граничен премин, од неколку часа е намалено на максимални половина час овие денови иако фреквенцијата на патници е зголемена од 15 до 20 проценти.

Министерот Тошковски исто така апелираше до сите што транзитираат низ Коридор 8 и Коридор 10 во Македонија, дека камерите на „Безбеден град“ функционираат, работат и евидентираат сообраќајни прекршоци.

„Секој сообраќаен прекршок што е сторен од 01.02.2026 година од пуштање на системот во работа, ќе се достави до секој еден што направил прекршок без разлика дали управувал моторно возило со македонски или со странски регистарски таблички. За брзо ќе бидете сведоци на конкретната имплементација на вториот чекор којшто се однесува во однос на достава на казните на оние кои управуваат моторни возила со странски регистарски таблички и почетокот биде токму од овој граничен премин.“, нагласи министерот Тошковски.

Министерот за внатрешни работи на Република Србија Ивица Дачиќ ја нагласи важноста на оваа заедничка иницијатива, оценувајќи дека таа претставува пример за успешна регионална соработка во интерес на безбедноста на сите учесници во сообраќајот и уште еднаш ја потенцираше одличната соработка меѓу двете министерства и двете полиции во сите сфери на безбедноста.

„Наш приоритет е да биде спасен секој човечки живот, особено животот на најмладите и тоа е голема работа. Затоа апелираме до сите возачи да патуваат одморени и одговорно, посебно на долгите летни дестинации“, порача Дачиќ, додавајќи дека соработката со македонската полиција во реализацијата на оваа превентивна акција има особено значење во периодот кога илјадници туристи транзитираат низ двете држави.

Во рамки на кампањата, на возачите кои поминуваа низ граничниот премин Табановце им беа поделени шишиња вода, едукативни летоци со совети за безбедно возење и промотивен материјал со препораки за спречување на сообраќајни незгоди предизвикани од замор.

Оваа превентивна активност претставува дел од заедничките напори на двете министерства и институциите задолжени за безбедноста во сообраќајот за намалување на бројот на сообраќајни незгоди и заштита на животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот за време на летната сезона.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Делегацијата на Собранието на Република Македонија на 67. Генерално Собрание на ПАБСЕК во Тбилиси

 Собранието се одржува од 29 јуни до 1 јули 2026 година во Тбилиси, Грузија.

Делегацијата на Собранието на Република Македонија на 67. Генерално Собрание на ПАБСЕК во Тбилиси

Делегацијата на Собранието на Република Македонија, предводена од пратеничката Благица Ласовска, во чиј состав е и Валбона Адили Емини, учествува на 67. Генерално собрание на Парламентарното собрание на Организацијата за Црноморска економска соработка (ПАБСЕК).

Собранието се одржува од 29 јуни до 1 јули 2026 година во Тбилиси, Грузија.

Шефот на Делегацијата, Благица Ласовска, имаше важна улога во Генералното собрание. Како потпретседател на ПАБСЕК, таа претседаваше со Втората и Третата сесија на собранието. Под нејзино претседавање се спроведе дебатата на тема „Вештачката интелигенција за регионална соработка: Иновации, поврзаност и одржлив развој во регионот на Црното Море“. Се расправаше и гласаше по Извештајот и Препораката 208/2026 за дигиталната трансформација во земјите-членки на ПАБСЕК. Ласовска претседаваше и со работата на Комитетот за економска и развојна политика, како и со Комитетот за правни прашања и меѓународна соработка.

Во своето обраќање, во генералната дебата, Ласовска ги претстави достигнувањата и визијата на нашата држава за вештачката интелигенција. Таа нагласи дека дигиталната поврзаност е клучна за регионална интеграција и економски развој. Вештачката интелигенција нуди големи можности за подобрување на трговијата, транспортот и јавните услуги. Сепак, таа предупреди на ризиците од нејзината употреба, особено ако не се воспостават механизми за заштита на човековите права, демократијата и владеењето на правото. Ласовска потсети дека нашата земја на 8 мај 2026 година ја потпиша Рамковната конвенција на Советот на Европа за вештачка интелигенција и човекови права, демократија и владеење на правото. Тоа е првиот меѓународно правен инструмент во оваа област.

Ласовска активно учествуваше и во расправата за извештајот „Правни димензии на дигиталното управување и иновациите во регионот на БСЕК“. Таа ја нагласи потребата од современи правни рамки за развој на дигиталните технологии. Ласовска информираше за нашиот напредок во заштитата на личните податоци и сајбер-безбедноста. Зборуваше и за усогласувањето со европските стандарди и спроведувањето на Националната стратегија за сајбер-безбедност 2025-2028. Ја потенцира улогата на парламентите во обезбедувањето транспарентност и заштита на правата на граѓаните при воведувањето на системи базирани на вештачка интелигенција.

Значаен придонес во работата на Генералното собрание даде и пратеничката Валбона Адили Емини. Во рамките на Комитетот за економска и развојна политика, таа се обрати во текот на дискусијата за извештајот „Дигитална трансформација во земјите-членки на БСЕК“. Адили Емини нагласи дека дигиталната трансформација е еден од најважните двигатели на конкурентноста, отпорноста и долгорочниот економски развој на државите во регионот. Пратеничката истакна дека различностите меѓу земјите-членки можат да бидат предност кои ќе се искористат преку зајакната регионална соработка и размена на искуства.

Во своето обраќање, таа ги претстави активностите на Република Македонија во оваа област. Го спомна Националниот центар за вештачка интелигенција „Везилка“ кој овозможува пристап до европски суперкомпјутерски капацитети за научната и деловната заедница. Дополнително, ја нагласи важноста на потпишувањето на Рамковната конвенција на Советот на Европа за вештачка интелигенција и човекови права, демократија и владеење на правото. Тоа е потврда на заложбите на државата за одговорно дигитално управување. Спомена дека треба да се надмине дигиталниот јаз преку инвестиции во дигитална инфраструктура, развој на дигитални вештини, е-услуги и поддршка на малите и средни претпријатија. Изрази и поддршка за препораките насочени на усогласување на законодавствата и продлабочување на регионалната соработка.

Во текот на Генералното собрание беа разгледани и усвоени неколку извештаи и препораки. Тие се однесуваа на дигиталната трансформација, правните аспекти на дигиталното управување и културната дипломатија како инструмент за зајакнување на регионалната соработка.

Пленарната сесија на 67. Генерално собрание беше свечено отворена на 30 јуни од претседателот на ПАБСЕК и претседател на Парламентот на Грузија, Шалва Папуашвили. Поздравно обраќање имаше и претседателот на Собранието на Република Македонија, Африм Гаши.

На 29 јуни, беа одржани подготвителни седници на Бирото на Собранието и Постојаниот комитет на ПАБСЕК. На овие седници беа утврдени рамките за работата на Генералното собрание. Беа разгледани извештаите за активностите на ПАБСЕК и сродните институции. Исто така, беа спроведени избори за потпретседатели на ПАБСЕК и за заменик генерален секретар. За потпретседатели беа избрани Милен Трифунов од Бугарија и Калин Георги Матиеш од Романија. Али Гуркан Устундаг беше избран за заменик генерален секретар.

Пред затворањето на седницата беа разгледани подготовките за есенската сесија на Генералното собрание и прашања поврзани со ротацијата на претседателството на ПАБСЕК.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер