Тој истакна дека земјата мора да се движи напред и да започне со укинување на ограничувањата.
– Заклучувањето не може да трае вечно, ова не е одржлив начин на живот во оваа земја, додаде премиерот на прес-конференција во Канбера.
Федералната Влада минатиот месец објави четиристепени мерки за ублажување кога 70 проценти од 25 милиони луѓе на возраст над 16 години ќе се вакцинираат, при што е „малку веројатно" дека ќе биде потребен строг карантин, и кога вакцинацијата ќе достигне 80 отсто, вакцинираните Австралијци би можеле да патуваат надвор од земјата.
Нов Јужен Велс денеска потврди 818 новозаразени случаи, од кои повеќето се во Сиднеј, каде вчера имаше рекордни 830 случаи. Премиерката на Нов Јужен Велс, Гладис Береџиклијан ги повика луѓето помалку да се фокусираат на инфицираните, а повеќе на имунизацијата.
– Кога ќе достигнете 80 проценти вакцинирани со втората доза, секоја земја ќе мора да живее со Ковид-19. Не можеме да го задржиме делта сојот засекогаш надвор, рече таа.
Австралија регистрира 44.600 случаи на коронавирус од почетокот на пандемијата, од кои 984 починаа.