МОН прима мислења за нацрт-законот за основно, помалку часови ќе нема

На секоја дебата се отвора прашањето за намалување на бројот на часови, особено за учениците од прво до трето одделение.

Дебатите досега се одвиваат најдобро, ги разгледуваме сите предлози и забелешки од наставничката фела и од сите кои директно се инволвирани во воспитно-образовниот процес. Генерално, сите коментари беа конструктивни, изјави министерот Арбер Адеми кој денеска присуствуваше на нова дебата за нацрт-законите за основното образование и за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта.

Тие се веќе 15-ина дена ставени за сугестии и на Електронскиот регистар на прописи ЕНЕР, а дискусиите кои деновиве беа организирани во неколку општини ќе продолжат во други и наредната недела.

На секоја дебата се отвора прашањето за намалување на бројот на часови, особено за учениците од прво до трето одделение. Министерот е дециден дека бројот нема да се намалува затоа што според извештаите на ОЕЦД и УНИЦЕФ децата до 14 години во земјава имаат помалку од 900 часови односно година и половина помалку образование.

-Така што, засега не би се одлучиле за намалување на бројот на часови. Притоа ги имаме предвид и слабите резултати на меѓународните тестирања. Сакаме да ја имаме реалната слика на нашиот образовен систем, па да ги креираме политиките кои ќе вродат со плод. Мислам дека со овие аргументи ќе имаме разбирање, рече Адеми во изјава за медиумите.

Меѓу прашањата кои често ги добиваат на дебатите е и реонизацијата односно избирањето основно училиште надвор од општината на живеење. Се разгледува, рече, и ќе се доуреди до финалната верзија на законот во такви случаи да има согласност од училиштето каде што ученикот треба да се запише и согласност од училиштето каде што сака да се запише.

Меѓу новините во нацрт-законот се професионален и кариерен развој на наставниците, што ќе влијае и на нивната мотивација, воведување национални стандарди базирани на компетенции што учениците треба да ги стекнат, тандем наставници т.е. квалификуван наставник за физичко образование покрај одделенскиот, деполитизација и департизација со новини во начинот на избор на директори од училишниот одбор во кој мнозинството ќе бидат родители и стручни соработници, новини во исхраната на учениците, ученичко организирање т.е. парламент на ученици…

Кога законот ќе помине на Влада, ќе следува собраниска расправа. Адеми вели дека не им е важен рокот, туку квалитетот.

-Важно е да имаме закон со кој ќе го подобриме образовниот систем. Ќе продолжиме со консултации и со ваков пристап за да ја расчистиме и најмалата дилема за кој било член или одредба од законот. Нацртот е на ЕНЕР 20 дена. Ќе ги разгледаме сите коментари и тие што се основани ќе бидат инкорпорирани. Целта ни е да го подобриме финалниот текст на законот, додаде министерот.

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер