МОН: Дадени се препораки на образовните установи за заштита на учениците, студентите и вработените од корона вирусот

Министерството за образование и наука информира дека до основните и средните училишта во земјата, универзитетите, јавните научни установи и другите образовни институции, доставени се детални насоки за постапување со цел заштита на учениците.

Согласно заклучоците донесени на 11-та владина седница одржана во текот на вчерашниот ден, а во врска со заштита на јавното здравје во услови на брзо ширење на корона вирусот на глобално ниво, Министерството за образование и наука информира дека до основните и средните училишта во земјата, универзитетите, јавните научни установи и другите образовни институции, доставени се детални насоки за постапување со цел заштита на учениците, студентите и вработените од евентуално заболување и понатамошно пренесување на овој вирус.

Имено, покрај организирањето на едукативни предавања поврзани со начините за превенција од корона вирусот, насоките за постапување наложуваат образовните установи да ги одложат планираните патувања и екскурзии на ученици, студенти и вработени во Република Италија.

Исто така, во најкус можен рок по телефонски/електронски пат потребно е образовните установи да обезбедат информации од сите свои вработени, ученици и студенти - дали во последните 2 недели патувале или живеат со некој кој патувал во следниве земји/региони: Ломбардија, Венето, Емилија Ромања и Пиемонт во Италија, како и во Кина, Хонг Конг, Иран, Јапонија, Маку, Филипини, Република Кореа, Сингапур и Тајван,

Лицата кои ќе дадат потврдна информација потребно е да не доаѓаат на работа, односно да не посетуваат настава, додека не добијат соодветни инструкции, односно совети за следни чекори што ќе треба да ги направат зависно од ситуацијата и од планот на надлежните здравствени институции и Владата.

Во меѓувреме, потребно е менаџментите на училиштата, универзитетите, јавните научни установи и сите други образовни институции да ја подигнат хигиената на највисоко ниво во сите простории каде има честа фреквенција на луѓе,стои во соопштението од министерството за образование и наука.

Јанкоски од Народната банка: Работиме на нова регулатива за јакнење на киберотпорноста

Народната банка постојано работи на унапредување на регулативата за осигурување на дигиталната отпорност во финансискиот сектор. 

Започнати се активности за усогласување на домашната регулатива со европскиот Закон за дигиталната оперативна отпорност (англ. Digital Operational Resilience Act − DORA), со што ќе се воспостават унифицирани стандарди за заштита, пријавување и справување со сигурносните инциденти, обезбедување непрекинатост во работењето, поголема контрола на надворешните лица кои обезбедуваат важни оперативни функции и засилена комуникација и координација на сите институции во финансискиот сектор на нашата држава, пишува Горан Јанкоски, главниот супервизор за информациските системи на Народната банка во колумна за билтенот на Македонската банкарска асоцијација.

Јанкоски наведува дека дигиталната отпорност се дефинира како способност за заштита, справување и брзо обновување на деловните процеси на финансиската институција од настани коишто може да предизвикаат нивен прекин. „Законот треба да обезбеди поддршка на процесот на дигитална трансформација, правилна примена на новата технологија и поттикнување на иновативноста во новото време на дигитални финансии. Народната банка во моментов подготвува нова Одлука за Методологија за сигурноста на информативниот систем, усогласена со насоките на Европскиот банкарски орган (ЕБА) за управување со ризиците поврзани со сигурноста. Оваа одлука би била вовед во активностите за подготовка и воведување нов закон за унапредување на дигиталната оперативна отпорност во финансискиот сектор, усогласен со ДОРА“, посочува Јанкоски.

Клучните области коишто се опфатени со Законот за дигиталната оперативна отпорност се управувањето со ИТ-ризикот, управувањето со ризикот од пренесување на извршувањето оперативни функции или услуги од надворешни лица и нивен надзор, тестирањето на дигиталната отпорност, управувањето со ИТ-инциденти, споделувањето (размена) информации итн. „Законот создава регулативна рамка и воведува стандардизирани и хармонизирани принципи за заштита од заканите од дигиталниот простор, коишто треба да бидат исполнети од институциите во финансискиот сектор со примена на потребните контроли за заштита, соодветно управување со сигурносните инциденти и нивно пријавување до надлежните тела во земјата и ЕУ. Како новитет се воведува барањето за спроведување тестирање на дигиталната отпорност, во согласност со кое финансиските институции треба да спроведуваат редовни тестирања на своите ИТ-системи и услуги, за што треба да се известат и регулаторните органи. Исто така, со Законот се воспоставува рамка за соработка и комуникација помеѓу институциите во секторот, домашните и меѓународни надлежни тела и други учесници со цел да се унапреди оперативната отпорност“, пишува Јанкоски.

Поради засиленото присуство на банките на современите канали, дигитализацијата на банкарските производи и услуги и постојаниот пораст на ризиците поврзани со заканите во дигиталниот простор почнувајќи од 2003 година, Народната банка активно работеше на дефинирање на потребната регулатива во подрачјето, којашто постојано се надградува во согласност со најдобрите стандарди и практики на ЕУ.

На преговорите во Каиро поканета и израелска делегација

На преговорите во Каиро заедно со делегацијата на Хамас „за да се забрза процесот“ била поканета и израелска делегација, пренесува Тајмс оф Израел. 

Претходно вчера, висок функционер на Хамас потврди дека делегација на Хамас денеска ќе го посети Каиро за да преговара за прекин на огнот во Газа.

Тој, исто така, истакна дека немаат „поголеми проблеми“ со најновиот предлог на Израел и Египет за прекин на огнот во Газа. /МИА

Дипломатскиот клуб го одбележа јубилејот 55 години од формирањето на македонската дипломатија

„Во таа далечна 1969 година беше формирано Бирото за односи со странство како орган на тогашниот Извршен совет (Влада) на Република Македонија.“

Со засадување дрвце пред зградата на МНР и посета на Меморијалниот центар во Пелинце членовите на Дипломатскиот клуб го одбележа 29 Април – Денот на Министерството за надворешни работи на Македонија и 55 годишнината од формирањето на македонската дипломатска служба.

-Садењето на дрво се смета за симбол на постојаноста на оваа служба и нејзиниот развој, а посетата на Пелинце е уште еден знак дека Република Македонија своите основи ги има во одлуките на заседанието на АСНОМ одржано на 2 август 1944 година во манастирот Прохор Пчински недалеку од Пелинце, стои во соопштението од Дипломатскиот клуб по повод вчера одржаните активности.

Темелите на македонската дипломатија се удрени пред 55 години, со одлуката на Извршниот совет на Република Македонија донесена на 29 април 1969 година за формирање на Бирото за односи со странство.

-Во таа далечна 1969 година беше формирано Бирото за односи со странство како орган на тогашниот Извршен совет (Влада) на Република Македонија. Тогаш надворешната политика на југослобенската федерација генерално беше водена преку Белград. Меѓутоа републиките имаа можност и директно да учествуваат во креирањето и спроведувањето на југословенската надворешна политика. Тоа првенствено беше окопу политиката кон иселениците, кон националните малцинства во соседните земји и кон работниците на привремена работа во странство. Републиките имаа и некои можности за развој на соработка со одделни држави или со федералнои единки на тие држави, наведуваат од клубот на дипломати.

Република Македонија, се посочува, тоа го користеше интресирајќи се за македонското национално малцинство во соседните змји, потоа за македонските иселеници особено за оние во прекуокеанските земји и за школувањето на децата на Македонците во европските земји. Македонија беше соодветно застапена и со свои кадри во Сојузниот секретаријат за надворешни работи, а кадри од тогашниот Секретаријат за односи со странство беа упатувани во странство како југословенски дипломати.

-Оваа поставеност на тогашната југословенска дипломатија покажуваше дека и Македонија имаше можности да учествува во градењето и спроведувањето на сојузната надворешна политика. Тоа нѝ дава за право да тврдиме дека Република Македонија постоеше како државен ентитет во југолсовенста федерација и во доменот на надворешната политика, наведуват од Дилпматскиот клуб.

Дипломатскиот клуб е здружение на поранешни и сегашни дипломати кои се ангажирани своето дипломатско искуство да им го пренесат на младите дипломати. Клубот во мај ќе одбележи и 15 години од своето формирање и 10 години од издавањето на негото списание Дипломатски летопис.

Содржините на списанието Дипломатски летопис се достапни и за новинарите и за пошироката публика преку пишаното издание, но и преку веб страницата на Клубот. /МИА

притисни ентер