Мизрахи: Раководните лица и врзботените во ЦСР да работат професионално и во интерес на граѓаните

Реформата на системот за социјалната заштита е нефункционална, особено во делот на интегрирано управување со случаи, што ќе доведе до тоа тој да биде дисфункцинален и остава простор за манипулација пред избори.

За што говорат информациите добиени од вработени во Центрите за социјална работа. Спротивно од ова, директорите на центрите едногласно со исти реченици тврдат дека реформата е добра и дека тие се подготвени, што пак укажува дека добиле насоки од кабинетот на дополнителната заменик министерка како да одговорат позитивно во врска со законските измени, тврди министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи.

При посетите на Центрите, рече таа на денешната прес-конференција, од непосредна комуникација со вработените добиле сознанија и увиделе дека „состојбата е повеќе од алармантна". Вработените ги известиле дека обуките не биле извршени во таа насока, односно за спојувања на права и услуги, туку за спојување на посебните категории поединечно.

Поради ова, како што нагласи министерката Мизрахи, од директорите на центрите за социјална работа било побарано да го известат Министерството за нивно мислење, препораки, забелешки и проблеми со кои се соочуваат по однос на законските измени и системот на интегрирано управување со случај, а од нивна страна добиле идентични позитивни одговори за кои, според неа, претходно им биле дадени инструкции од страна на кабинетски службеник на дополнителната заменик министерка.

– Сите директори едногласно одговорија. Малку е симптоматично кога ќе добиете одговори од сите директори на ЦСР во кои буквално има исти реченици. Не можевме да претпоставиме што се случувало во позадина, а од новинарите вчера дознавме дека имало комуникација во која се даваат насоки од кабинетски службеник на дополнителната заменик министерка Санела Шкријељ како директорите да одговорат, рече министерката за труд и социјална политика.

Докази за притисоците и нефункционалноста на социјалната реформа, според неа, се и пристигнатите петиции од вработени со кои барале промена на новата програма за работа, која според нив била целосно несоодветна за работа со стручната проблематика, што пак ќе резултира со тоа центрите да затаат во функционирањето.

– Овој систем ќе биде дисфункционален баш во периодот на предизборието што остава место да се размислува за манипулација преку МТСП од страна на дополнителната заменик министерка, рече министерката Мизрахи.

Затоа, таа од раководните лица и сите вработени во ЦСР бара, како што рече, да се ослободат од стегите и притисоците кои им ги прави дополнителната заменик министерката, односно власта, и да ги извршуваат работните задачи професионално, да постапуваат согласно законите, а интересите на граѓаните да ги ставаат на прво место.

Мизрахи вели дека е свесна оти овие работи треба да се решаваат во самото Министерство, а не преку медиумите, но, како што рече, таа не нашила на позитивен одговор иако неколкупати подала рака кога дошла во Министерството.

– Направивме неколку состаноци на кои побаравме достоинствено да го износиме товарот во предизборието. Станува збор за само сто дена, период во кој треба да стоиме гордо сите заедно и да покажеме пред граѓаните и меѓународната заедница дека можеме, но тоа не го дочекавме од спротивната страна. Веќе излегуваат докази за опструкција на работата на Министерството, рече министерката.

Во прилог на тврдењата дека директорите на прашањата од Кабинетот на министерката Мизрахи одговориле истоветно на прес-конференција беше приложена нивната мејл-комуникација.

Сафади: Јордан бара меѓународна истрага за можни воени злосторства во Газа

Јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади денеска соопшти дека неговата земја бара меѓународна истрага за наводните бројни воени злосторства извршени за време на војната меѓу Израел и Хамас во Газа.

Сафади, кој денеска во Аман се сретна со шефот на Агенцијата на ОН за помош за палестинските бегалци (УНРВА) Филипe Лазарини, на заедничката прес-конференција рече дека одговорните за документираните злосторства треба да бидат изведени пред лицето на правдата.

Минатиот месец, Советот за човекови права на Обединетите нации усвои резолуција со која Израел се повикува на одговорност за можни воени злосторства и злосторства против човештвото во Појасот Газа.

За резолуцијата гласаа 28 земји, 13 беа воздржани, а шест гласаа против резолуцијата, вклучително и САД и Германија.

Резолуцијата ја нагласува „потребата да се обезбеди одговорност за сите прекршувања на меѓународното хуманитарно право и меѓународното право за заштита на човековите права со цел да се стави крај на неказнивоста“. /МИА

Пронајдени мигранти од Ирак и Турција

Полициски службеници од ОВР Неготино пронашле тројца мигранти, двајца од Република Турција и еден од Ирак, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Мигрантите се пронајдени рано утрово, во 02.15 часот, на автопатот А1 кај Неготино по што се предадени на Полициската станица за граничен надзор Михајлово за натамошна постапка.

Британскиот министер за надворешни работи, Камерон ќе ја посети Тирана

Поранешниот британски премиер Дејвид Камерон, сега државен секретар за надворешни работи во Владата на премиерот Риши Сунак, во средината на идната недела се очекува да допатува во Тирана.

Дипломатски извори во Лондон и Тирана за Топ чанел изјавиле дека оваа посета на лордот Камерон се очекува да се случи на 22 мај, доколку нема промена на агендата во зависност од случувањата во Велика Британија.

-Во фокусот на посетата не е некое конкретно прашање, туку продолжување на британската поддршка за Албанија. Во Тирана се очекува лордот Камерон да ја оцени координацијата со Министерството за внатрешни работи во спречувањето на илегалната имиграција и соработката на СПАК со НЦА против организираниот криминал, додава телевизијата.

Според истиот извор, премиерот Еди Рама деновиве имал телефонски разговор со неговиот колега Риши Сунак, под притисок на јавното мислење и неговото внатре во Конзервативната партија за минување на Ла Манш со гумени чамци на илегални имигранти.

Во 2022 година со моторни чамци на британско тло пристигнале 13 илјади албански граѓани, оваа бројка е намалена за 90 отсто во текот на 2023 година кога заминале само 900, а во периодот јануари-април годинава само 20 албански граѓани. /МИА

притисни ентер