Мистериозен астероид се врти сѐ побргу, научниците не знаат зошто - Канал 5

Мистериозен астероид се врти сѐ побргу, научниците не знаат зошто

Астероид кој може да помине, релативно блиску до Земјата и кој предизвикува спектакуларен годишен дожд од метеори од групата Геминиди, почнал да се однесува чудно.

Мистериозен астероид се врти сѐ побргу, научниците не знаат зошто

Научниците кои ја набљудуваат променливата светлина на астероидот 3200 Фаетон заклучиле дека тој почнал да се врти побрзо и побрзо околу својата оска, скратувајќи ја својата ротација за околу 4 милисекунди секоја година. Ова откритие ги изненадило бидејќи вртењата на астероидите обично не се менуваат.

Разбирањето на она што се случува со Фаетон може да ни даде повеќе увид во класата на астероиди кои се сметаат за „потенцијално опасни“. Овој астероид моментално не претставува никаква опасност за Земјата, но со својот пречник од 5,8 километри може, доколку по некоја случајност, удри во нашата планета, да предизвика значителна штета.

Дополнително, тој ни се приближува доволно за време на својот пат со поизразена промена во неговата орбита од 524 дена и може да предизвика одредена загриженост, пишува Science Alert.

3200 Phaeton е всушност многу необичен астероид. За време на својата орбита, како комета, се приближува до Сонцето и зад себе има правлива опашка. Но, за разлика од кометите, се чини дека нема мраз на неа, поради што експертите му го дале прекарот „камената комета“.

Дополнително, тој е еден од само двата астероиди кои произведуваат метеорски дожд. Кометите обично се одговорни за овој небесен спектакл.

И да - тој е впечатливо син; повеќето астероиди се црвеникави или сиви.

Поради своите необични карактеристики, Јапонската вселенска агенција планира да ја испрати мисијата DESTINY+ (Demonstration and Experiment of Space Technology for INterplanetary voYage with Phaethon fLyby and dUst Science).

Светлината на Фаетон се менува додека ротира околу својата оска, што значи дека по некое време научниците успеале да го одредат неговиот приближен период на ротација од околу 3,6 часа. Но, ако сакаме да слетаме вселенско летало на него, потребни ни се попрецизни податоци.

Затоа, планетарниот научник Шон Маршал од опсерваторијата Аресибо во Порторико започнал да работи на подетално определување на неговата големина, форма и ротација; каде што открил нешто многу необично.

„Предвидувањата од моделот на обликот не се совпаѓаат со податоците. Сфатив дека периодот на ротација на Фаетон пред набљудувањето во 2021 година постепено се менуваше, можеби поради неговата активност кога беше во близина на перихел во декември 2020 година“, објасни Маршал.

По подетална анализа на целокупниот сет на податоци, кој го опфаќа периодот од 1989 до 2021 година, тој открил дека оваа промена може да се објасни со постепено, стабилно забрзување и загуба од 4 милисекунди период на ротација годишно. Кога се гледа на годишно ниво, тоа не е некоја голема промена, но како што минуваат децениите станува сѐ поизразена.

Експертите не знаат точно зошто се случува ова. Можно е да се работи за губење на маса, при што доаѓа до забрзување на ротацијата. Може да се работи и за ефектот Јарковски-О'Киф-Раџиевски-Падак (YORP), кога топлината на ѕвездата влијае на брзината на ротација на мало тело, како што е астероидот.

Маршал и неговите колеги го претставиле своето откритие минатата недела на 54-тиот годишен состанок на Одделот за планетарни науки на Американското астрономско друштво.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Министерството за здравство обезбедува континуитет во снабдувањето со сензори за гликемија

МЗ ја проширува достапноста на современата терапија за лицата со дијабетес.

Министерството за здравство обезбедува континуитет во снабдувањето со сензори за гликемија

Министерството за здравство континуирано работи на унапредување на грижата за лицата со дијабетес, преку обезбедување современа терапија, медицински помагала и подобри услови за следење и контролирање на болеста.

Со последната јавна набавка, сензори за следење гликемија се обезбедени за 800 лица со дијабетес тип 1, согласно Програмата за дијабетес и заклучоците на националната комисија за дијабетес. Јавната набавка, склучена во април, годинава, важи до април 2028 година. Со последната јавна набавка е обезбедена современа инсулинска и антидијабетична терапија со зголемени количини.

Во тек на мај и јуни, годинава, е извршена и замена на сите трансмитери согласно протоколот, а на пациентите вклучени во Програмата им се распределени количини на сензори за шестмесечен период, односно до декември 2026 година. Пациентите ги подигнуваат сензорите во инсулинските аптеки, согласно утврдениот режим.

Со сензори се опфатени лицата со дијабетес тип 1 до 25-годишна возраст, бремени жени со дијабетес тип 1, слепи лица со дијабетес тип 1, како и лица со дијабетес тип 1 кои имаат најтешки компликации и коморбидитети.

На овој начин, согласно расположливите буџетски средства, приоритетно се опфатени најранливите категории пациенти за да се обезбеди континуирано следење на нивото на гликемија и подобро управување со болеста.

Потсетуваме дека сензорите за континуирано следење на гликемијата првпат беа обезбедени во 2023 година за 650 пациенти, додека со јавната набавка во 2026 година бројот на опфатени лица е зголемен на 800.

Министерството за здравство останува отворено за комуникација со пациентските организации и ќе продолжи со напорите за подобрување на грижата за лицата со дијабетес.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Потврдена поддршката на Полска за европскиот пат на Македонија

Денеска во Собранието, Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Полска одржа средба со потпретседателот на полскиот Сејм, Шимон Холовња и делегацијата.

Потврдена поддршката на Полска за европскиот пат на Македонија

На средбата покрај претседателката на Групата, Даниела Николова, присуствуваа и членовите: Оливер Спасовски, Весна Бендевска, Жан Дрвошанов и Драгана Бојковска.

Претседателката на Групата, Николова, им посака добредојде на потпретседателот Холовња и на членовите на полската делегација, изразувајќи задоволство од можноста за средба и размена на мислења. Таа ги истакна добрите и пријателски односи меѓу Република Македонија и Република Полска, нагласувајќи ја потребата од нивно натамошно продлабочување и унапредување.

Потпретседателот на полскиот Сејм, Холовња, се заблагодари за топлото добредојде потврдувајќи ја полската поддршката на патот кон ЕУ. Тој истакна дека земјата има значајно искуство во надминувањето на предизвиците и изнаоѓањето решенија за сложени прашања, изразувајќи надеж дека во блиска иднина ќе се надминат и отворените прашања со Република Бугарија.

Соговорниците ја истакнаа досегашната соработка помеѓу двете земји во областа на економијата, туризмот и образованието, исто така, беше нагласена и потребата од нејзино проширување и продлабочување во повеќе сектори и тоа не само на ниво на билатерална соработка туку и на ниво на работни тела/комисии бидејќи тие се сржта на парламентаризмот.

Томаш Глоговски, претседателот на Пратеничката група за соработка Полска – Балкан во полскиот Парламент, ја потврди поддршката за европските интеграции на Република Македонија. Тој истакна дека ги разбира предизвиците со кои се соочува земјата во моментот на евроинтегративниот пат, изразувајќи надеж дека во блиска иднина ќе се најде заемно прифатливо решение.

На крајот на средбата, соговорниците изразија подготвеност за продолжување на соработката преку интензивирање на меѓусебните контакти и размена на искуства, со цел зајакнување на билатералните односи и продлабочување на пријателските врски меѓу двете земји.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Приказни што оживуваат“: Децата го истражуваат надреалистичкиот свет на Салвадор Дали

Креативниот центар „Сончогледи“ продолжува со реализација на циклусот креативни работилници „Приказни што оживуваат – уметност, литература и пантомима за деца“, поддржан од Град Скопје. 

„Приказни што оживуваат“: Децата го истражуваат надреалистичкиот свет на Салвадор Дали

Второто издание од циклусот ќе биде посветено на Салвадор Дали, еден од највпечатливите претставници на надреализмот, чие творештво ја истражува границата меѓу реалноста, соништата и фантазијата.

Работилницата наменета за деца и млади над 6 години ќе се одржи во четврток, 29 октомври, со почеток во 18 часот, во просториите на креативниот центар „Сончогледи“, во Т.Ц. Олимпико, Тафталиџе.

Преку раскажување, набљудување и анализа на уметнички дела, децата и младите ќе се запознаат со животот и творештвото на Дали, неговиот необичен уметнички израз и светот на надреалистичката имагинација. Дел од неговата лична приказна ќе биде претставен преку глума и пантомима, со што литературата, ликовната уметност и сценскиот израз ќе се поврзат во едно интерактивно креативно искуство.

Практичниот дел од работилницата ќе биде посветен на сликањето со акрилни бои. Инспирирани од надреалистичките визии на Дали, учесниците ќе создаваат сопствени дела, експериментирајќи со формите, боите и неочекуваните комбинации. На тој начин, преку непосредно искуство и слободно творештво, ќе имаат можност да ја развиваат својата визуелна перцепција, креативно размислување и личен уметнички израз.

Циклусот „Приказни што оживуваат“ има за цел да им овозможи на децата и младите да ја доживеат уметноста како простор за истражување, прашања, имагинација и сопствено творештво, поврзувајќи ги литературата, ликовната уметност и пантомимата на пристапен и инспиративен начин.

Работилницата ќе ја водат Марина Туфекчиевска, комуниколог и дипломиран филолог по општа и компаративна книжевност; Кристина Таневска, визуелен уметник, ликовен педагог – вајар и магистер по сликарство; и Метo Јанакиевски, историчар на уметност и пантомимичар.

Учеството на работилницата е бесплатно.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер