Мираковска: Ќе се чека мислењето од Владата за ЗКП да расправа за барањето за автентично толкување

Законодавно-правната комисија (ЗКП) ќе чека мислење од Владата пред да расправа за барањето за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување, соопшти денеска претседателката на Комисијата, Соња Мираковска.

– Барањето за автентично толкување се однесува на членот 11 од Законот за помилување. Законодавецот треба да го даде одговорот, има одредба, нема одредба, дали тоа значи имање процедура или не. Ако го барате мојот личен став – сметам дека членот 11 не постои затоа што во 2016 година со укинувањето на законот од 2009 може сите одредби да ги укине Уставниот суд, но не и да оживее одредба од законот од 2009, на која се повикува и претседателот за да даде помилување, рече Мираковска. Според неа, сепак ќе мора да се почека и мислењето на Владата.

На прашањето зошто се бара да се толкува одредба што е укината, Мираковска вели дека „можеби нема да се толкува".

– Тоа е одлука која треба да се донесе – дали ќе се толкува или не. Но, во секој случај ЗКП, како матичното работно тело, ако се договориме, ќе побараме мислење и од Владата, рече Мираковска.

Мираковска додаде дека таа како претседател на ЗКП не може да си дозволи да поднесе барање за автентично толкување, но може да „менаџира" одговор на тоа автентично толкување.

На прашањето зошто сега се актуализира ова прашање, пратеничката на НСДП вели дека „затоа што во овој момент е таква и реакцијата на Уставниот суд".

– Во правната теорија е јасно дека таква една одредба не постои и Уставниот суд не би требало во моментот да го отвора прашањето. Таа одредба практично не постои. Штом не постои, претседателот практично направил амнестија врз основа на непостоечки закон. Додавањето на членот 11-а е врз основа на непостоечки член. Практично нема што да повлече, затоа што нема право да даде амнестија, рече Мираковска.

Според неа, сиве овие години СДСМ и коалицијата говореле дека поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов постапил неуставно и незаконски во однос на помилувањата. /МИА

Лазарини: Од Рафа избегаа 800.000 луѓе, нема безбедно место во Газа

Од почетокот на израелската копнена операција во Рафа на 6 мај, од овој град избегнале 800.000 луѓе, соопшти синоќа шефот на Агенцијата на ОН за помош за палестинските бегалци (УНРВА) Филипe Лазарини.

Тој посочи дека луѓето се кријат во урнати згради, во области каде што е прекинато водоснабдувањето, а санитарни јазли не постојат.

„Кога луѓето бегаат, тие се без безбеден премин или заштита. Секој пат се принудени да ги остават зад себе неколкуте работи што ги имаат: душеци, шатори, прибор за готвење и основни потреби што не можат да ги понесат со себе или да платат транспорт“, истакна Лазарини на платформата Икс.

Тој нагласи дека Ал-Маваси, наводната безбедна зона во близина на Рафа, всушност е песочна област со големина од само 14 квадратни километри, во која се наоѓале 400.000 луѓе пред последната израелска ескалација. /МИА

Северозападна Индија ја зафати топлотен бран, температурата во Њу Делхи достигна 47,1 степен

Топлотен бран зафати делови од северозападна Индија, а главниот град Њу Делхи е ставен во состојба на готовност поради опасно топло време.

Температурата во Њу Делхи достигна 47,1 степен Целзиусов, а блиските држави Пенџаб, Харајана и Раџастан исто така забележаа пораст на температурата што се очекува да се задржи во следните неколку дена.

Индискиот метеоролошки оддел ги предупреди луѓето да не излегуваат на Сонце во попладневните часови, да пијат многу вода и да носат соодветна облека. На ранливите лица, особено на постарите, им е препорачано да не излегуваат надвор.

Во април, мај и јуни секогаш има високи температури во поголемиот дел од Индија, но жештините станаа поинтензивни во текот на изминатата деценија./МИА

Усик стана првиот апсолутен светски шампион во тешка категорија во 21 век

Украинскиот боксер Олександар Усик го победи Британецот Тајсон Фјури во главната борба на боксерската вечер во Ријад и ја освои титулата апсолутен светски шампион во тешка категорија. 

Борбата траеше сите 12 рунди. Судиите со поделена одлука му ја доделија победата на Украинецот - 115:112, 113:114, 114:113.

Триесет и седумгодишниот Усик стана првиот неприкосновен светски шампион во тешка категорија по Ленокс Луис (41-2) во 2000 година и прв во ерата со четири појаси.

Претходно, во ерата на три појаси, само Ивандер Холифилд (44-10) беше апсолутен светски шампион во тешка категорија.

Сега украинскиот боксер има шест појаси: четири големи: ВБА (Супер), ВБЦ, ИБФ, ВБО и два помали: ИБО и Ринг.

За 35-годишниот Фјури ова беше прв пораз во кариерата. Пред оваа борба тој забележа 34 победи и една борба со негово учество заврши нерешено.

Усик сега има 22 победи во 22 борби./МИА

притисни ентер