Министерство за култура: Во кои мерки Синдикатот за култура препознава тортура - Канал 5

Министерство за култура: Во кои мерки Синдикатот за култура препознава тортура

Министерството за култура со допис до медиумите реагираше по денешниот протест на Синдикатот за културата на РМ кој, меѓу другото, бара измени на Законот за култура, нов колективен договор, повисоки плати, прашувајќи во кои мерки во изминатите девет години синдикатот препознал тортура.

Министерство за култура: Во кои мерки Синдикатот за култура препознава тортура

- Министерството за култура го изразува своето жалење што денеска културата во Република Македонија беше вовлечена во дневно-политички контекст и беше направен обид за манипулирање на јавноста со изнесување информации кои се далеку од вистината. Министерството за култура го почитува легитимното право за изразување протест но, потенцираме дека законска обврска на Министерството за култура е за прашања кои се однесуваат на колективниот договор и правата на вработените во културата, да преговара исклучиво со мнозинскиот репрезентативен синдикат СОНК. Во изминатиот период заедно со СОНК посветено се работеше на систематизирање на работните места во сите институции од областа на културата во насока на новиот колективен договор кој беше даден на јавна расправа, пишува во реакцијата на Министерството кое ги наведува најазначајните мерки и проекти од 2007 до 2016 година, барајќи од Синдикатот за културата јавно да одговори „каде во нив препознава тортура“.

Наведува дека се реализирани повеќе од 1.700 вработувања во културата (665 во музичко-сценската дејност и во центрите за култура, 436 во драмската дејност, 537 вработувања во установите од областа на заштитата на културното наследство, во библиотечната и музејската дејност); платите на сите вработени во културата се зголемени за 25, 84%, а на уметничкиот кадар за 81, 21%; воведени се национални пензии за валоризација на трудот на уметниците, како и титула Национален уметник (со доживотен надомест од 60.000 денари месечно за добитникот).

- Го прашуваме синдикатот на културата, дали е тортура во културата зголемувањето на средствата за програмски содржини на институциите како и исклучително големиот број на индивидуални проекти на вработените во институциите во областа на култура, проекти кои се надвор од нивните работни ангажмани и кои овозможија професионално претставување на уметниците во Република Македонија и надвор од неа како и вршење на стручни работи во заштитата на културното наследство надвор од установата во која стручниот работник е вработен?, пишува во реакцијата на Министерството.

Тоа го прашува Синдикатот за култура и дали е тортура во културата грижата за културното наследство, бројните археолошки истражувања, конзервацијата на локалитетите и нивната презентација, бројните проекти за конзервација и реставрација на нашето движно и недвижно наследство и над 3 милијарди денари издвоени за заштита на културното наследство.

Министерството во одговор на протестот на Синдикатот за култура посочува и на воведувањето на стимулативните мерки во сите дејности од областа на културата - откуп на композиции од областа на класичната музика, композиции од останатите жанрови, скулптури, ликовни дела, драмски текстови, финасирањето на преводи на македонски автори, мерки за кои се издвоени повеќе од 107 милиони денари за стимулирање на македонските репродуктивни уметници.

- Дали заложбите за подобрување на условите во кои работат уметниците и стручниот кадар, подобрувањето на постоечката инфраструктура и изградбата на новите театри, музеи, новата сала за Македонската филхармонија е тортура во културата? Дали за синдикатот на културата тортура во културата е зголемениот буџет за култура во сите дејности од културата? Го прашуваме синдикатот на културата во која од овие мерки или проекти препознава тортура во културата?, соопшти Министерството за култура.

Потенцира и дека сите измени на Законот за култура кои беа донесени во 2014 година требало да воспостават објективни и мерливи критериуми во изборот на вработените во институциите согласно европските стандарди и практики.

- Ја информираме јавноста дека овие одредби заради одложената примена се уште не се спроведуваат во институциите и во таа смисла, прашуваме, како синдикатот на културата ги процени и согледа нивните негативни ефекти и последици? Министерството за култура во повеќе наврати досега ја покажа својата цврста определеност да ги решава проблемите во културата, во сите случаи кога тие се одраз на заедничкиот интерес на сите вработени. Затоа, сите иницијативи и предлози кои ќе бидат институционално доставени, како барања од сите вработени во установите и од стручната фела, а не како желби на одредени поединци, ќе бидат внимално разгледани и решени. Цениме дека во ова време кога Република Македонија се соочува со политичка криза, културата и културните работници треба да останат имуни на политичките влијанија и поделби, нагласува Министерството за култура во реакцијата.

Посочува и дека ќе продолжи со своите активности за подобрување на положбата и стандардот на културните работници.

- Во моментот постои техничка влада чија задача е спроведување на избори, со лимитирани овластувања и капацитети во другите полиња и области. По завршување на изборниот процес, Министерството за култура ќе продолжи со своите активности за подобрување на стандардот и положбата на културните работници, како и досега преку дијалог и активно партнерство со репрезентативните субјекти и претставници од културната сфера, стои во соопштението на Министерството з акултура.

Во однос на протестот се огласи и Управата за заштита на културното наследство, која е во состав на Министерството за култура. Смета дека протестот е израз на индивидуални ставови на поединци, а не на институциите во кои тие се вработени, а со цел „да се направи притисок врз државен орган кој нема надлежности и можности за промена на законите кои се барани од Синдикатот.“

- Управата за заштита на културното наследство на Република Македонија најстрого го осудува политизирањето на културата и нејзиното ангажирање во секојдневните случувања со цел да се оцрни она што е создадено досега во однос на културната афирмација во државата и надвор од неа, пишува во реакцијата на Управата за заштита на културното наследство.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Предлогот за посредство на ЕУ во дијалогот со Бугарија во фокусот пред посетата на Фон Дер Лајен на Македонија

За да има ефект од разговорите со Бугарија, би било добро претставници од ЕУ да ги слушнат аргументите од двете страни – со ваква порака премиерот ќе ја пречека шефицата на Европската Комисија – Урсула фон дер Лајен во Скопје овој петок.  

Предлогот за посредство на ЕУ во дијалогот со Бугарија во фокусот  пред посетата на Фон Дер Лајен на Македонија

Реформскиот напредок на државава но и промените во самата ЕУ каде се повеќе популарни стануваат партии кои се противат на проширувањето, ќе бидат дел од темите за разговор, најави Мицкоски.

-Логично е да се седне и да се разговара во присуство на претставници од ЕУ затоа што треба да се слушнат аргументите објективно. Вака кога седиме и разговараме на билатерална основа, тоа што се разговара нема никаква суштина. Ниту пак потоа брифирањето од тие средби е онака како што се разговарало. Ценам дека за да имаме некаков ефект, за да имаме суштина во тие разговори, добро е да има претставници од страна на Европската комисија за да ги слушнат аргументите. Ако нашите аргументи не држат, тогаш ние сме подготвени да ги прифатиме другите аргументи. -Христијан Мицкоски, претседател на влада.

Лидерот на СДСМ – Венко Филипче пак, ја оценува како лажна намерата на Мицкоски европски посредници да се вклучат во дијалогот со Бугарија.

Иако се очекуваше новата европска стратегија за проширувањето да биде објавена пред фон дер Лајен да пристигне во регионот, сепак тоа ќе се случи по завршувањето на западнобалканската турнеја - потврдуваат од Европската комисија. Во меѓувреме, бриселски медиуми веќе објавуваат нацрт-извештаи на стратегијата, според кои, наместо едногласност, во одредени области, ќе се гласа со квалификувано мнозинство.

-Комисијата предлага примена на понискиот праг на гласање со квалификувано мнозинство – 15 земји што претставуваат две третини од населението на блокот – за поширок спектар на политики, вклучувајќи санкции, човекови права, одбрана и безбедност. Сепак, иако нема навестувања дека ЕУ ќе се откаже од барањето за едногласност на самиот почеток и на крајот од кандидатурата на земјата-кандидат за членство, радикалното преструктуирање на процесот на донесување одлуки во ЕУ ќе се соочи со пречки,- -Бриселски медиум Репортер.

Дополнително, за време на посетата на Урсула фон дер Лајен би се разјаснило дали Македонија сепак ќе биде вклучена во групата најуспешни земји кандидатки кои ќе добијат патокази како дел од претстојниот есенски извештај за проширувањето.

Иако според бриселскиот медиум Политико, Македонија ќе биде изоставена од групата, според премиерот, тоа би било нелогично бидејќи како што вели, државава испорачува најголем дел од реформските обврски.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Отстранет двоглавиот орел на Кораб (ФОТО)

Двоглавиот орел кој беше поставен на Кораб и предизвика реакции на социјалните мрежи е отстранет.

Отстранет двоглавиот орел на Кораб (ФОТО)

До нашата редакција од гледач на Канал 5 пристигна фотографија на која повеќе не се гледа двоглавиот орел на Кораб.

Пред неколку денови социјалните мрежи се појавија фотографии од планинари рекреативци, кои позираат покрај двоглавиот орел.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Истрага за тероризам и трговија со оружје против три лица, Обвинителството бара притвор

Едно лице е осомничено дека сторило кривично дело „тероризам“, а уште две за неовластено поседување оружје по вчерашната акција против терористичко-криминална група во Скопје. 

Истрага за тероризам и трговија со оружје против три лица, Обвинителството бара притвор

Обвинителството за сите тројца побара 30-дневен притвор.

Првоосомничениот е жител на скопската населба Ченто. Во вчерашната акција, која ја водеше Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, беа вклучени Агенцијата за национална безбедност и Министерството за внатрешни работи.

Надлежните извршија претреси на десетина локации, а првично беа приведени пет лица. При претресите биле пронајдени повеќе парчиња автоматско оружје, пиштоли, ножеви, муниција, знамиња со обележја на ИСИС, но и компјутерска опрема за копање криптовалути.

Се истражува дали припадниците на групата, покрај активности поврзани со тероризам, биле вмешани и во лихварство, нелегална трговија и други насилни кривични дела.

„Наредбата за спроведување истражна постапка се темели на докази обезбедени во текот на претходно спроведена предистражна постапка, на документацијата и докази од предмет што е во фаза на судење, како и докази обезбедени преку меѓународна правна помош“, информираше Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. – Обвинителство.

Од Обвинителството засега не откриваат дали осомничените подготвувале конкретен напад, ниту дали имале директни контакти со структури на Исламска држава надвор од земјава. Истрагата треба да го утврди и потеклото на оружјето, како и дали криптовалутите биле поврзани со активностите на групата.

Од МВР вчера информираа дека во координирана акција со АНБ и Обвинителството биле извршени претреси на повеќе локации, приведени неколку лица и одземени оружје, муниција и други предмети важни за истрагата.

„Канал 5“ се обиде да добие детали и дополнителни информации од Агенцијата за национална безбедност за нивната улога во акцијата и за сознанијата со кои располагале пред претресите, но оттаму информација најави за подоцна.

Вчерашната акција е уште една во низата антитерористички операции во земјава. Кон крајот на 2024 година беше разбиена група која преку Телеграм регрутирала членови и повикувала на напади, а на почетокот на 2025 година беше откриена и четиричлена ќелија поврзана со пропаганда на ИСИС. Како можни цели тогаш се споменуваа фреквентни цивилни и јавни објекти во Македонија и Европа.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер