„Од денеска сум во работна посета на Австралија – одлична можност за економска промоција на државата и зајакнување на билатералните односи со земјата во која живее значајна македонска дијаспора.
Во рамки на посетата, ќе остварам средба со министерката за надворешни работи, Пени Вонг, ќе имам состаноци со претставници од бизнис-заедницата, политичкото раководство на Австралија и, секако, средби со нашите иселеници, кои се клучен мост во билатералните односи.“ , објави Муцунски на социјалните мрежи.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во рамки на интензивната политичка агенда, планирана е средба со министерката за надворешни работи на Австралија, Пени Вонг, на која ќе бидат потврдени добрите и пријателски билатерални односи, како и можностите за нивно натамошно продлабочување, особено на економски план. На средбата се очекува и размена на мислења за актуелните меѓународни прашања.
„Покрај политичките средби, агендата на министерот вклучува активности за економска промоција на земјата, како и бројни средби со истакнати стопанственици и претставници на бизнис-секторот. Во рамките на посетата, министерот Муцунски ќе оствари и средби со македонски и австралиски бизнисмени, како и со членови на Групата за пријателство со нашата земја во Парламентот на Австралија’, стои во соопштението на МНРиНТ.
Оттаму додаваат дека во фокусот на посетата ќе биде и средба со претставници на македонската дијаспора во Австралија. Министерот ќе даде и интервју за државното CБС радио на македонски јазик, во кое ќе се осврне на актуелните политики и приоритети во односите помеѓу двете земји.