Милошоски: „Стратегијата Македонија 2030“ на ВМРО-ДПМНЕ како ново поглавје за стабилност и развој на државата - Канал 5

Милошоски: „Стратегијата Македонија 2030“ на ВМРО-ДПМНЕ како ново поглавје за стабилност и развој на државата

Стратегијата се заснова на идејата дека државата мора да излезе од циклусот на краткорочни одлуки и да воведе долгорочен план и систем за управување.

Милошоски: „Стратегијата Македонија 2030“ на ВМРО-ДПМНЕ како ново поглавје за стабилност и развој на државата

Дозволете ми денес да истакнам дека на вчерашниот Конгрес во Кавадарци, ВМРО-ДПМНЕ ја усвои стратегијата „Ново поглавје –Македонија 2030“, тоа значи визија за модерна, стабилна и европски ориентирана Македонија, со јасно дефиниран политички и развоен правец за следната деценија. Стратегијата се заснова на идејата дека државата мора да излезе од циклусот на краткорочни одлуки и да воведе долгорочен план и систем за управување, а тоа се создава преку институции со силен интегритет, конкурентна економија и општество засновано на вредности и национална самодоверба.

Документот ја позиционира ВМРО-ДПМНЕ како политичка сила подготвена да ја преземе одговорноста и улогата за ова државничко лидерство. И ова се разбира не е список на политички кампањски предизборни желби, туку е документ со јасни цели коишто би биле национална траекторија во следните 10-15 години.

Клучната амбиција е оваа Стратегија Македонија до 2030 година да стане земја што создава стабилност, економска додадена вредност и институционална зрелост, со национален идентитет што се почитува, а не се условува дневно политички.

Стратешката рамка за 2025–2030 ги содржи шесте клучни стожери што ќе водат развој на државата.

Прво, државната безбедност. Тоа значи модерна армија, современа полиција, национална сајбер-заштита и систем за справување со хибридни закани. Безбедноста е нашата основа и АРМ и МВР мора да бидат максимално подготвени за овој предизвик.

Второ е економската конкурентност. Тоа значи напуштање на моделот на евтина работна сила и создавање на конкурентна економија заснована на знаење, на додадена вредност и технолошки иновации. Се разбира мораме да имаме поддршка за домашните компании, стабилен даночен систем, зелена енергетска транзиција и повторно создавање на услови за странски инвестиции.

Трето, правна држава. Целта е да имаме независно судство, департизирано обвинителство, професионална администрација и системска борба против корупцијата преку дигитализирана контрола на движењето на парите и на имотните прашања.

Четврто, демографските политики. Потребна е вистинска поддршка за младите, станбени програми, политики за поврат на дијаспората, достоинствена грижа за постарите лица. За да можеме преку една стабилна популациона политика, во Македонија да имаме секогаш доволен ресурс во луѓе за да можеме да ја развиваме и економијата и државата.

Петто, европска интеграција и надворешната политика. Партнерства со јасни црвени линии ни се најбитен дел, затоа што ние како политичка партија сме определени за Европската Унија како еднаков партнер, без дополнителни билатерални условувања кои што би го допирале идентитетот или националната самобитност на македонскиот народ и да државата.

И шесто, образованието, културата и идентитетот. Мора да вложуваме во модерни програми, дигитален дел, да речам, на културата, исто така, и на образованието, поддршка за науката, заштита на македонскиот јазик и неговата промоција. Бидејќи без силна култура и образование не би имале толку силно општество, и промоција на нашите одлики во европско ниво.

Дополнително, стратегијата носи нови теми што ја подготвуваат Македонија за иднината и оваа национална стратегија обрнува внимание и вештачка интелигенција како еден нов дел од технолошкиот натпревар, не само во Европа, туку и на глобално ниво. Имаме стратегија за сајбер-безбедност, стратегија за една геоекономска дипломатија, што ќе ја поврзе и дипломатијата со геополитичките поместувања во последниве неколку години. Исто така и основање на Фонд за иднината, односно државен инвестициски инструмент којшто ќе поддржува технологии, иновации, истражување и вештачка интелигенција, за да може Македонија да биде поконкурентна со партнерите во регионот, но исто така и на европско ниво.

Почитувани новинари, почитувани граѓани,

Нашата визија за Македонија 2030 година е јасна. Тоа е држава која што има брза и растечка економија, држава со институции кои што имаат интегритет, има функционална демократија, држава со европски идентитет и национална самобитност како дел од европскиот мозаик и држава што инвестира во знаење, во култура и во генерациите што доаѓаат.

Ова е повик за ново поглавје на стабилност, развој на Македонија и државничко водство. Македонија може и мора многу повеќе. Македонија треба да си ја врати својата самодоверба со работа и со дела. И време е државата да продолжи да се гради, таква каква што граѓаните ја заслужуваат.

Ви благодарам на вашето внимание.

YouTube video

Антонијо Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Со сезонска ски-карта може да скијате во четири земји, важи за три дена уживање на снегот

Се приближува скијачката сезона, а новиот договор овозможува користење на ски-билети во неколку ски-центри во регионот. Уживајте во скијањето на Јахорина, Копаоник и на други дестинации.

Со сезонска ски-карта може да скијате во четири земји, важи за три дена уживање на снегот

Вистинската зима сè уште не пристигнала, а љубителите на скијањето веќе се подготвуваат за својот омилен дел од годината и за активностите на снегот. Покрај опремата и изборот на ски-центри, скијачите водат сметка и за ски-билетите, чии цени се разликуваат од едно до друго скијалиште.

Затоа, претставници на ски-центри од Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Словенија одлучија да им овозможат полесно уживање во зимските чари. Имено, на Јахорина беше потпишан договор за регионална соработка, наречен „SKI REGION“, кој предвидува заемно признавање на сезонските ски-билети и можност за нивно користење во траење од три дена во партнерските ски-центри.

Договорот е потпишан со цел поврзување на регионалните ски-центри, подобрување на туристичката понуда и заедничка промоција на зимскиот туризам.

Генералниот директор на Олимпискиот центар „Јахорина“, Игор Жиљак, изјави дека сопствениците на сезонски ски-билети за Јахорина ќе можат да скијаат три дена на Бјелашница, како и по три дена во партнерските ски-центри во Словенија, Србија и Црна Гора.

„Сите ски-центри во регионот се согласија нашите сезонски билети да важат во центрите со кои имаме потпишано договор, за три дена скијање. Се надевам дека на овој начин на туристите ќе им овозможиме подобро скијање и поубава атмосфера“, рече Жиљак.

Тој изрази очекување дека договорот ќе придонесе за промоција на зимскиот туризам и за зголемување на интересот за регионалните ски-дестинации, вклучувајќи ги Јахорина, Бјелашница и Копаоник, пренесува сараевскиот портал „Кликс“ (Klix).

Почетокот на зимската скијачка сезона се разликува од планина до планина, а на Копаоник е планиран за 3 декември, кога ќе се одржи настанот „Ski Opening“. Првиот ден, скијањето ќе биде бесплатно. Се разбира, почетокот може да се промени во зависност од условите на теренот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Се запали фабрика во Индонезија, најмалку седум загинати

Бројот на загинати во пожар во фабрика за слатки на островот Јава во Индонезија се зголеми на најмалку седум лица, додека бројот на исчезнати се зголеми на околу 50, соопшти денеска индонезиската полиција.

Се запали фабрика во Индонезија, најмалку седум загинати

Пожарот избувнал синоќа, а пожарникарите продолжија да ги гаснат преостанатите жаришта повеќе од 24 часа по неговото избувнување, пренесува Ројтерс.

Според надлежните, поради силината на пожарот, визуелна идентификација на жртвите не е можна, поради што се земаат ДНК-примероци од членовите на семејствата, како и лични предмети на исчезнатите работници.

Полицискиот службеник задолжен за идентификација на жртвите од несреќата, Вахју Хидајати, изјави дека процесот на идентификација би можел да трае две до три недели.

Сопственикот на фабриката на прес-конференцијата изјави дека во фабриката имало околу 300 луѓе за време на смената кога синоќа избувна пожарот. Надлежните соопштија дека истрагата за причините за пожарот е во тек.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Естонија ја затвора границата со Русија на шест месеци,луѓето брзаат да преминат додека сè уште можат

На руско-естонската граница се создаваат редици од патници кои се надеваат дека ќе влезат во Естонија, пред затворањето на сите пет патни гранични премини на 1 декември.

Естонија ја затвора границата со Русија на шест месеци,луѓето брзаат да преминат додека сè уште можат

Естонската влада одлучи да ја затвори границата на шест месеци, наведувајќи безбедносни закани поврзани со Русија, пренесува „Еуроњуз“ (Euronews).

Во рускиот граничен град Ивангород се собираат луѓе со куфери, ранци и торби, обидувајќи се да ја преминат границата пред таа да се затвори. Одлуката особено ги погодува семејствата чии членови живеат во двете земји, како и патниците кои се упатуваат кон Русија преку Естонија.

Естонија ја затвора границата по обид за саботажа. Естонската влада ја донесе оваа одлука на 20 ноември, по серија инциденти што ги поврза со руските безбедносни служби. Еден од најновите инциденти се случи на 14 ноември, кога беше направен обид за подметнување пожар во просториите на производителот на беспилотни летала „Threod Systems“.

Компанијата се наоѓа во Виимси, северно од главниот град Талин. Според естонската безбедносна служба, обидот за напад бил организиран од руската воена разузнавачка служба ГРУ, а за негово извршување наводно биле регрутирани летонски државјани. Естонските истражители приведоа осуммина летонски државјани осомничени за учество во обидот за саботажа.

Службениците за обезбедување на компанијата успеаја навреме да интервенираат и да спречат поголема штета, при што производните капацитети не претрпеа сериозни оштетувања.

Естонските власти сметаат дека обидот за подметнување пожар не е изолиран случај, туку дел од поширока шема на непријателски активности насочени против Естонија и други европски земји. Поради тоа, тие одлучија дополнително да ги ограничат директните контакти преку границата. Владата тврди дека затворањето на граничниот премин ќе им отежне на руските разузнавачки служби да врбуваат луѓе и да спроведуваат операции за вршење влијание.

Исто така, се очекува новите ограничувања да помогнат во спречувањето на обидите за заобиколување на меѓународните санкции против Русија.

Русија ги отфрла тврдењата дека нејзините разузнавачки служби стојат зад обидот за саботажа. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги отфрли естонските обвинувања како неосновани и ја негираше каквата било поврзаност меѓу Москва и инцидентот.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ја обвини Естонија за кршење на правата на руските граѓани. Таа укажа на можноста за политички и дипломатски контрамерки, а затворањето на границата го спореди со подигнување на нова „Железна завеса“.

Одлуката особено ќе ги погоди жителите на естонскиот град Нарва, кој брои над 50.000 жители. Тој е одделен од рускиот град Ивангород само со реката Нарва, а двата града со децении се поврзани преку семејни, општествени и економски врски. Многу жители имаат роднини од двете страни на границата и редовно го користеа граничниот премин за семејни посети.

Преминот го користеа и патници од други европски земји кои се упатуваа кон Санкт Петербург преку Естонија. Уште во февруари 2024 година, Русија го запре сообраќајот за возила на преминот меѓу Нарва и Ивангород. Сепак, пешаците сè уште можеа да ја преминуваат границата, поради што преминот остана важен за жителите на пограничниот регион.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер