Мицотакис смета дека во Преспанскиот договор има „неизлечиви“ грешки

Преспанскиот договор содржи неизлечиви грешки, но ние имаме  причина да се стремиме кон најдобри можни односи со Македонија, вели грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. 

Во интервју за грчката телевизија „Антена“ тврди дека не ги сменил старите ставови од времето кога бил во опозиција, но оти сфатил дека договорите не можат да се променат. Откри дека новото уставно име на Македонија не му било трн во очи, туку други формулации во Спогодбата.

-Моите критики за договорот не се однесуваа на името, туку на македонскиот јазик и македонската етничка припадност. Продолжувам да верувам дека ова е голема грешка. Јас сум многу јасен и многу искрен. , вели Кирјакос Мицотакис, премиер на Грција.

Мицотакис нема никакви дилеми дека Македонија треба да го почне пристапниот процес, кој според него, ќе биде дополнителна алатка Атина да го интензивира спроведувањето на Договорот, но и да се обиде да коригира одредени недостатоци.

-Сметаме дека пристапниот процес за соседната земја треба да започне веднаш, бидејќи преку процесот на пристапување имаме можност да се заложиме за имплементација на договорот и да ги решиме сите негови слабости, колку што ни дозволува правната рамка., додаде Мицотакис.

И покрај тоа што Договорот од Преспа стапи на сила пред три години, Грција се уште не ги променила сообраќајните табли со Скопје и Фиром, со образложение дека проблемот лежи кај локалните власти, кои се надлежни, но без ентузијазам да ги сменат. Во исто време, три меморандуми за соработка потпишани меѓу двете земји, иако доставени во грчкото собрание пред година и пол, се уште чекаат ратификација. За разлика од Грција, Македонија освен промената на таблите и имињата на државните институции, почна и со издавање на документи со новото уставно име.

Претставник на ОН тврди дека ќе бидат потребни 14 години да се отстранат урнатините во Газа

Претставникот на Обединетите нации, Пјер Лодамар денеска изјави дека ќе бидат потребни 14 години да се расчисти огромното количество урнатини, вклучително и неексплодирани експлозивни направи, што ги остави Израел за време на војната во Појасот Газа.

Лодамар, висок офицер во Службата за мини на ОН (УНМАС), на брифинг во Женева рече дека војната оставила околу 37 милиони тони отпад во широко урбанизирана, густо населена област.

Тој истакна дека иако не е можно да се одреди точниот број на неексплодирани убојни средства се смета дека под одредени услови, би можеле да бидат потребни 14 години да се расчистат остатоците, вклучувајќи ги и урнатините од уништените згради.

„Знаеме дека вообичаено има стапка од 10 проценти за неуспех, односно неактивирање на муницијата. Станува збор за 14 години работа со 100 камиони“, рече Лодамар. /МИА

Руски новинар на „Форбс“ е приведен поради наводно ширење лажни информации за армијата

Новинарот на магазинот „Форбс Русија“, Сергеј Мингазов е приведен под сомнение дека ширел лажни информации за руската армија, објави денеска магазинот.

„Форбс Русија“ додава дека досега не успеале да стапат во контакт со Мингазов. Неговиот адвокат Константин Бубон на Фејсбук објави дека новинарот е во притвор во источниот руски град Хабаровск, каде што живее.

Адвокатот рече дека Мингазов бил приведен поради преобјавување публикации за наводни руски воени злосторства во украинскиот град Буча, каде што убиствата на украинските цивили во првите недели од војната беа пријавени од Ројтерс и други новински организации.

Профилот на Мингазов на платформата Телеграм содржи бројни објави за Буча, а засега не е јасно за која од нив новинарот е приведен. /МИА

Шведска треба да го зголеми воениот буџет за 4,6 милијарди евра до 2030 година

Шведска треба да го зголеми воениот буџет за речиси 54 милијарди круни (4,6 милијарди евра) до 2030 година за да ја зајакне противвоздушната одбрана и да го зголеми бројот на регрути, препорача Комитетот за одбрана на шведскиот Парламент.

Комитетот, составен од претставници на осум парламентарни партии, наведува дека членството во НАТО и сериозната безбедносна состојба бараат поголеми амбиции. Шведска стана членка на НАТО минатиот месец, напуштајќи ја децениската политика на воена неутралност по руската инвазија врз Украина.

Напад врз Шведска или врз нашите сојузници не може да се исклучи, истакна Комитетот во денеска објавениот извештај.

Во документот, иста така се истакнува дека шведската противвоздушна одбрана мора да се прошири за да одговори на заканите со беспилотни летала, оти треба да се набават повеќе крстосувачки ракети, а морнарицата треба да добие повеќе персонал. Исто така, се предлага постепено зголемување на бројот на регрути од сегашните 8.000 на 12.000 до 2032 година. /МИА

притисни ентер