Мицотакис побара од Павлопулос да интервенира договорот да дојде во грчкиот парламент пред да биде потпишан

Интервенција од грчкиот претседател, за договорот, пред да биде потпишан да биде донесен во парламентот, побара лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис од Прокопис Павлопулос на нивната денешна 30 минутна средба.

- Она што сакам да го побарам од Вас е многу јасно: Би сакал и вие да интервенирате, како што ќе направам и јас, за овој договор да дојде колку е можно побргу во парламентот, во секој случај пред да биде потпишан од грчката влада, за да се утврди дали самиот парламент има доверба во овој договор. Тоа е минимумот што може Ципрас да го обезбеди, ако ништо друго да го почитува Уставот на земјата, истакна Мицотакис.

Претседателот на Нова демократија, кој синоќа рече дека договорот е лош, денеска на грчкиот претседател му го повтори ставот дека актуелната грчка влада нема политички легитимитет да го потпише договорот.

- Договорот, според нашето мислење е многу проблематичен, не само затоа што е спротивен на ставот на мнозинството од грчкиот народ, бидејќи отстапува за македонски јазик и македонска националност, што за нас е неприфатлива национална отстапка, туку и за поради уште една дополнителна причина. Господинот Ципрас нема никаков политички легитимитет да го потпише овој договор, од моментот кога неговиот коалиционен партнер, јасно е против овој договор, рече Мицотакис, пренесе МИА.

Во кусиот дијалог на почетокот на средбата, Прокопис Павлопулос рече дека Уставот јасно ги одредува надлежностите на претседателот.

- Да бидете сигурен дека со целосно почитување на Уставот, ќе го сторам она што е во моја надлежност, но во целосна согласност со Уставот, кусо одговори Павлопулос.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во Грција, во новинарските кругови се повеќе се споменува информацијата, за која се уште нема официјална потврда, дека опозициската Нова демократија размислува да достави до претседателот на грчкиот парламент барање за гласање недоверба на владата. Ова барање, доколку се потврдат шпекулациите, би можело да биде доставено или утре за време на расправата и гласањето на новиот нацрт закон што се однесува на среднорочната рамка за финансиската стратегија за периодот 2019-2022 или во петок кога можеби ќе се одржи расправа за договорот. /МИА

Астон Мартин сака да произведе Рамбо Ламбо

Lamborghini LM 002 можеби не беше комерцијален успех, но е запаметен како еден од најоригиналните теренци во историјата.

Секоја чест за Urus, но LM 002 беше и останува вистинска работа. Цврстиот SUV со изглед на Hummer и V12 Countach мотор е една од најлудите креации што светот ги видел. Во меѓувреме, луксузните теренци станаа реалност, но ниту еден не беше блиску до она што го претставуваше овој модел.

LM 002 одамна е заборавен, но не и идејата. Aston Martin наводно размислува за уште посериозен теренец. Би ја имал основата на теренецот DBX, но би бил незапирлив на земја. Развојот се одвива под кодното име Project Rambo, што јасно дава врска до претходно споменатиот Lambo.

Според достапните информации, овој модел ќе биде привремено достапен, во ограничена серија од 2500 примероци. Погонот би можел да се задржи во форма на 4.0 V8 твин турбо мотор, кој се нуди и во Г-класата, но кај DBX произведува над 700 КС. Има и шпекулации за plug-in хибридна опција, како GT63 S E Performance, која би го направила новиот Aston најмоќниот SUV во светот. И еден од најскапите.

Османи со бројни билатерални средби во Стразбур

Министерот за надворешни работи во техничката влада, Бујар Османи денеска, на маргини на 133 сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа во Стразбур, оствари бројни билатерални средби.

Министерот за надворешни работи во техничката влада, Бујар Османи денеска, на маргини на 133 сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа во Стразбур, оствари бројни билатерални средби со хомолози од различни земји, имено со министрите за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Република Австрија, Република Унгарија, Швајцарска Конфедерација, Република Малта, Република Словенија, Република Албанија, Република Молдавија, како и заменик министерот за надворешни работи на Република Турција.

Во фокус на одвоените средби на Османи со министрите на Германија, Австрија и Унгарија, Аналена Бербок, Александар Шаленберг и Петер Сијарто беше европското досие на земјата, при што Османи ги информираше соговорниците за активностите во однос на исполнувањето на реформската агенда и за успешно завршениот скрининг процес, притоа изразувајќи благодарност за конзистентната поддршка на процесот на интеграцијата на нашата земја во Европската унија.

Османи и министерот на Швајцарија, Игнацио Касис разговараа за билатералните односи на двете земји, заблагодарувајќи му се за континуираната поддршка за реформскиот процес на земјата.

На средбата со министерот на Малта, Иан Борг се направи осврт на билатералните односи, ставајќи го притоа акцентот на соработката во рамки на мултилатералните организации. Османи подвлече дека Македонија како дел од ОБСЕ Тројката очекува зајакнување на улогата и ефикасноста на ОБСЕ, како уникатна безбедносна организација и платформа за дијалог.

Теми на разговорите на Османи со колегите од Словенија, Албанија и Молдавија, Тања Фајон, Игли Хасани и Михај Попсоји како и заменик министерот за надворешни работи на Турција, Мехмет Кемал Бозај беа повеќе аспекти од билатералните односи и можностите за продлабочување на соработката. Се дискутираа и активностите на Македонија како земја претседавач со Процесот за соработка на Југоисточна Европа во врска со претстојниот министерски состанок како и начините за интензивирање регионалната соработка.

Министерство за надворешни работи

Северот на Италија зафатен со големи поплави- превртен воз, колапс на сообраќајот (ВИДЕО)

Невремето и обилните дождови предизвикаа поплави во многу делови на северна Италија, а особено се погодени градовите Падова и Виченца, пишува Би-Би-Си.

Службите за итни случаи користат гумени чамци за да ги спасат луѓето од нивните домови, а на снимката се гледаат автомобили како пливаат по улиците.

Гувернерот на провинцијата Венето го опиша времето во текот на ноќта како „водена бомба“.

Југот на Италија се соочува со топлотен бран невообичаен за овој период од годината, а на Сицилија се забележани температури до 35 Целзиусови степени.

Професорот Марко Марани, експерт за ефектите од климатските промени од Универзитетот во Падова, за весникот „Кориере дел Венето“ изјави дека „екстремните настани стануваат сѐ почести и ќе се интензивираат со зголемувањето на глобалното затоплување“.

Бреговите на реката Мусон деи Саси во областа Падова попуштија поради силниот дожд во раните утрински часови, што предизвика поплави.

Товарен воз во градот Борго Мантовано во провинцијата Ломбардија бил превртен од налетите на ветерот со брзина меѓу 150 и 200 километри на час.

Локалниот лидер Алберто Борсари на социјалните мрежи напиша дека „многу улици и подруми се поплавени“ и дека ситуацијата е „навистина тешка“.

„За среќа, никој не е повреден“, додаде тој.

Дожд до 130 милиметри падна во еден ден во Милано, што предизвика поројни поплави. Очевидци велат дека таков интензитет на дожд не бил забележан во мај повеќе од 170 години.

Властите за цивилна заштита прогласија црвена тревога во Венето до 14 часот, особено меѓу Виченца и Верона, каде што реките надојдоа по 70 милиметри дожд за 30 минути.

Едно лице е исчезнато во реонот на градот Комо по уривањето на мал мост.

Во исто време, многу суви услови се забележани на островот Сардинија, кој веќе се соочува со уште една лоша сезона за локалните земјоделци, кои очекуваат половина од нивниот нормален род на пченица поради недостиг на вода, пишува локалниот весник L'Unione Sarda.

Ограничувања за користење на водата се очекуваат и во областа подоцна во текот на летото.

Професорот Марани рече дека „има силни научни докази“ дека екстремните временски услови стануваат сѐ почести, додавајќи дека пресметките за одбрана од поплави „треба да се ревидираат за да се разбере реалниот ризик со кој се соочуваме“.

„Климатските промени мора да бидат ставени под контрола“, додаде тој.

Во април, Европската климатска агенција Коперник и Светската метеоролошка организација ја истакнаа потребата од заштита од поплави, како и итна акција за борба против ефектите од климатските промени.

притисни ентер